1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: се распаѓа ли политичката левица

Џеферсон Чејс
15 јануари 2018

Социјалдемократите се борат за својата иднина, додека останатите посакуваат обединување на левицата. Неединството се разгорува подолго време и носи непријатно потсетување на германското минато.

https://p.dw.com/p/2qr5h
Berlin Gedenken an Rosa Luxemburg und Karl Liebknecht
Гробот на Роза Луксембург и Карл Либкнехт во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Актуелната поделеност на политичката левица во Германија најдобро ја симболизира годишното сеќавање на гробовите на Роза Луксембург и Карл Либнехт во Берлин, двајцата комунисти убиени од милитантите на радикалната десница во јануари 1919 година. Утрото на 14 јануари, како и секогаш, лидерите на Партијата на Левицата се појавија на настанот, додека лидерите на Социјалдемократската партија (СПД), тоа, вообичаено, не го сторија.
Не само што постои судир меѓу двете левичарски партии, туку и самите партии се внатрешно поделени. Социјалдемократите се поделени по прашањето дали да се формира уште една широка коалиција со конзервативците на Ангела Меркел. Левицата е поделена по прашањето дали треба да се формира една нова левичарска партија која ќе ги замени досегашните, но истовремено ќе значи и крај за Левицата и СПД.
Неможноста на левичарските политичари да се договорат за заеднички политики ги одвраќа гласачите. СПД едвај освои 20 проценти на последните избори- најлош изборен резултат во историјата. Но засега, нема јасен патоказ за иднината.

2005: година на поделбата на германската левица

Иако поделбите во германската левица започнаа уште со подемот на партијата на Зелените на почетокот на 1980-те, клучниот настан беше формирањето на Левица кон средината на 2000-те. Пресвртот се случи во 2005 кога канцеларот Герхард Шредер свика предвремените парламентарни избори како референдум за Агендата 2010- реформи кои значително го ослабеа германскиот социјален систем во интерес на развојот и економската конкурентност.
Слично како и Меркел денес, Шредер не беше многу оптоварен со идеологија, но електоратот го казни неговиот центризам. Повеќе од два милиони гласачи и го свртеа грбот на СПД, а Шредер беше принуден да им го отстапи канцеларското столче на конзервативците. Неединството на левицата беше клучната причина за поразот на Шредер- конзервативната ЦДУ-ЦСУ освои само еден процент повеќе гласови од СПД. Но, користејќи го незадоволството на гласачите со Агенда 2010, Партијата на демократски социјализам (ПСД)- директна наследничка на источно-германските комунисти, го удвои бројот на своите гласови со освоени 8,7 проценти. Потоа ПСД се спои со левичарите од западот на земјата кои беа незадоволни од политиките на Шредер, и се формираше Партијата на Левицата. Оттогаш партијата редовно освојува меѓу 8 и 11 проценти од гласовите на изборите. Во исто време, СПД падна од 34,2 отсто во 2005 на 20,5 проценти во 2017 година. Најголемиот дел од загубените гласови отидоа на контото на Левицата.

Russland St Petersbrg - Gerhard Schröder
Реформите на Шредер ја чинеа СПД многу гласовиФотографија: picture-alliance/Russian Look/Photoagency Interpress

Неуспехот на Шредер да го задржи левото крило на социјалдемократската база не го чинеше само власта. Оттогаш, социјалдемократите мораат да служат како помали коалициски партнери во владите на нивните историски политички ривали- конзервативците. По секоја широка коалиција со ЦДУ, процентот на гласовите за СПД се намалува.
Токму затоа многумина во СПД ја одбиваат новата коалиција со конзервативците на Меркел. Едноставно, во центарот- целосно контролиран од Меркел- не можат да се освојуваат нови гласови. Оттука не беше изненадување кога еден од лидерите на Левицата и поранешен функционер на СПД, Оскар Лафонтен предложи растурање на актуелните партии на левицата и формирање нова- заедничка. Но тоа ќе биде тешко спроведливо.

Sarah Wagenknecht & Oskar Lafontaine, Die Linke
Сара Вагенкнехт и Оскар Лафонтен сакаат да ја обединат левицатаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Вознемирувачки паралели

Деновите кога левицата им беше сојузник на индустриските работнички класи се одамна минато. Доколку се оствари планот за обединување на сите левичарски партии, таа нова партија ќе треба да ги застапува интересите на работниците, невработените, екологистите, активистите за човекови и граѓански права, самохраните родители, и Германци од различни културни и етнички потекла низ целата земја.
Тоа не е лесна задача, особено што политичката левица по Шредер не изгради ниту еден лидер со харизма. Во денешната политичка клима, тешко е да се замисли левичарско движење без фигура за популистичка идентификација околу која ќе се обединат поддржувачите. Денес нема нова Луксембург или нов Либкнехт на повидок.
На еден вознемирувачки начин, постојат паралели меѓу тогаш и денес. Левицата беше слично поделена и во Вајмарската република, меѓу СПД, независните Социјалдемократи и комунистите. И тогаш, СПД се согласи на бројни центристички коалиции и на крајот поддршката и опадна до 20 проценти.
Вајмарската република, за потсетување, заврши трагично со фрагментирана левица која не успеа заеднички да одговори на растот на популистичките партии на крајната десница. Политичката дезинтеграција на левицата е лоша и за државата, а левичарските политичари се чини го препознаваат проблемот. На нејзината интернет-страница, СПД започна голема кампања со која ги кани корисниците да помогнат во „обновата на партијата“.
Прашањето е дали Социјалдемократите можат да привлечат доволно луѓе кои ќе ја прифатат оваа понуда- и дали ќе се најде некој да ги води на тој пат.