1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: Темната бројка на инфицирани е огромна

Карла Блајкер
17 ноември 2021

Околу половина од Ковид-случаите во Германија остануваат неоткриени, велат експертите. Се претпоставува дека наместо регистрираните пет милиони заразени, во земјата има околу 10 милиони инфицирани со коронавирус.

https://p.dw.com/p/435jT
Deutschland München | Fußgängerzone
Фотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Бројот на новоинфицирани со коронавирус во Германија секојдневно достигнува нови рекорди. Во понеделникот (15.11) инциденцата првпат го надмина прагот од 300! Според податоците на институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во Германија во меѓувреме со коронавирус се заразиле околу пет милиони луѓе.

Пет милиони е екстремно висок број. Но, експертите велат дека бројот на заразени всушност е многу повисок од тоа.

Според студијата „Живот во Германија - корона-мониторинг од октомври 2020 до февруари 2021“, направена од РКИ и Германскиот институт за економски истражувања, секое второ лице кое се заразило со коронавирус во периодот на спроведување на студијата не е тестирано и не се појавува во официјалната статистика. „Бројот на инфекции е отприлика двојно повисок од бројот на регистрирани случаи во тој период“, се вели во заклучоците.

Продолжението на оваа студија сѐ уште се спроведува и ќе заврши во декември годинава. Епидемиологот Хајо Цеб веќе сега проценува дека темната бројка на заразени е и натаму висока. „Сметам дека нам познатите случаи се помеѓу една половина и една третина од вистинските бројки“, вели Цеб, кој раководи со одделот за превенција и евалуација на Лајбниц-институтот за превенција и епидемиологија во Бремен.

Deutschland | Coronavirus | Inzidenz über 300
Инциденцијата во понеделникот (15.11) беше 303, во вторникот - 312,4Фотографија: Rüdiger Wölk/imago images

Оној кој нема симптоми, не се тестира

Корона-случаите кои не се регистрирани се често случаи на лица без симптоми или лица со толку благи симптоми, што воопшто не ги сфаќаат сериозно, објаснува Цеб. При симптоми како чувство на гребење во грлото, на пример, не се претпоставува автоматски дека лицето можеби се заразило со коронавирус.

Цеб вели: „Вакцинираните имаат тенденцијално поблаг тек на болеста или воопшто не забележуваат дека имаат Ковид. Тие тоа би го знаеле само ако се тестираат.“

Но, кој нема симптоми, вообичаено не би ни дошол на идеја да се тестира (освен ако, на пример, не му е потребен негативен тест за патување).

Затоа, не е одлучувачки дали брзите тестови се бесплатни или не, вели Цеб. Поверодостојни бројки би можеле да се добијат само ако се прават тестирања на делови од населението, смета тој.

Стапката на хоспитализација е поважна од бројот на заразени

Да се вршат тестирања и на лица кои немаат симптоми на Ковид би било многу сложено. Колку е важно да го знаеме вистинскиот број на инфицирани? Или, поинаку кажано - дали е лошо ако ни е позната само половината од корона-случаите?

Не баш, одговараат експертите. „Темната бројка не е голем проблем“, вели Цеб. Фактор кој е многу поодлучувачки е бројот на пациенти во болниците.

Deutschland | Coronakrise: Fußgängerzone Potsdam
Колкава е точно темната бројка на заразени не е релевантно за прогноза за оптовареноста на болниците и проценка на трендовите, вели ПриземанФотографија: Soeren Stache/dpa/picture alliance

Тоа го потврдува и Виола Приземан од институтот „Макс Планк“ во Гетинген. „Колкава е точно темната бројка на заразени не е релевантно за прогноза за оптовареноста на болниците и проценка на трендовите“, вели Приземан за агенцијата ДПА.

За да се процени какви мерки треба да се преземат за да се сузбие пандемијата, повеќе се исплати да се фрли поглед на хоспитализацијата и пополнетоста на креветите во одделенијата за интензивна нега, нагласува Приземан.

Повеќе: Ковид: Во десет ЕУ-земји ситуацијата „многу загрижувачка“, Австрија пред локдаун за невакцинираните

Низок ризик од долг Ковид

Значи, високата темна бројка не е од преголемо значење за општеството. Дали за луѓето кои имаат Ковид, а не забележале, тоа претставува проблем? Цеб е уверен дека ризикот од долг Ковид за лицата кои немале никакви симптоми при акутното инфицирање не е голем.

„Досега е видлива поврзаност на долгиот Ковид со тешките симптоми. Ако сум немал никакви симптоми, шансите да не страдам од долг Ковид се добри“, вели епидемиологот.