1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ќе ја води Европа или ќе биде дел од пропаста

10 април 2020

Товарот секогаш паѓа врз најмоќниот. Главата која носи круна, чувствува најголема тежина. За една моќна сила како Германија тоа не смее да биде товар. Сега е моментот за Европа да биде водена од својата најсилна членка.

https://p.dw.com/p/3ajsz
EU-Gipfel | EU-Wahlen | Merkel
Фотографија: Reuters/P. van de Wouw

Деновиве, кога меѓудругото се одлучува и за иднината на Европската Унија, станува се’ појасно дека единствената силна и недвосмислена одлука која би произлегла, мора да произлезе од Германија. Односно, доаѓа момент во времето, и ќе направам историска аналогија со падовите и подемите на големите империи и хегемонии, кога Берлин мора да разбере дека пред се’ во нивни раце лежи спасот и зајакнувањето на европскиот проект.

Како по падот на Холандскиот империум заменет од Англија, или крајот на Британската империја по Втората светска војна и подемот на САД, или како по крајот на Студената војна и следствено крајот на биполаризмот, на кој следуваше настапот на хегемонијата на Пакс Американа, така во некоја смисла и оваа криза на Европа, ќе мора да го произведе својот хегемон. Кој друг освен Берлин?!

Оваа теза не е нова, ниту особено оригинална и, како што ќе видиме, постојат многу аспекти кои одат во прилог или против идејата за ЕУ како „германски комонвелт“. Но, делува како сега да е моментот, и како што изминатата недела не’ потсети Тимоти Гартон Еш, постои само една личност во Европа способна да ги спроведе или одбрани неопходните чекори, а тоа е Ангела Меркел.

Железниот Бизмарк има еднаш кажано: „Единствено што може државникот е да чека и да го чуе чекорот на Бога како одекнува во настаните за потоа да скокне нанапред и да го зграпчи за дел од неговиот плашт“. Тој плашт поминува токму сега, и ова е последната, сосема неочекувана шанса за Меркел да влезе во историјата како архитект на една посилна и пообединета Европска Унија. Повеќе од Моне, повеќе од Спинели, повеќе и од еден Аденауер.

„Ние имаме атомска бомба, но Германците ја имаат марката“

Овој момент доаѓа кога славиме 30 години од два историски настани стриктно поврзани со Германија и митот за нејзината европска доминација: Падот на Ѕидот и германската реунификација. Овие два настани се потоа основата од која се раѓа Европската Унија од Мастрихт и консекветно, монетарната унија и еврото. Два настани кои драматично ја менуваат идејата за обединета Европа, од онака како што е замислена по катастрофите од Втората светска војна.

Во раните деведесетти радикално се промени геополитичкото влијание на Германија во Европа, станувајќи единствената земја која се обедини во услови на комплетна дисгрегација на Советскиот Сојуз и крвавиот распад на Југославија. Европа во меѓувреме ќе се прошири на Исток, Берлин ќе ги реши своите историски недоразбирања со Полска, и потоа се раѓа тоа што некои политиколози и историчари го нарекуваат „Ерата на германскиот комонвелт". Европа го пронаоѓа својот „перманентен центар на гравитација“ во обединетата федерална Република.

Следејќи ја француската волја и логика предолго закоравена во „Голизмот“, Париз никогаш не дозволи Унијата да се развие во вистинска политичка унија. Првичната цел на Франција секогаш ќе остане да се ограничи или воздржи хегемонијата на обединета Германија. Митеран не случајно ќе каже: „Ние имаме атомска бомба, но Германците ја имаат марката“. Еврото, кое делумно беше создадено како мерка која би ја ограничила и закочила доминацијата на Германија, не само што потфрли во идејата, туку само дополнително ја зајакна економската доминација на Берлин.

Ivor Mickovski
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Германија во својата историја знае само за доминација, била таа воена и освојувачка, или економска, преку силата на марката. Сепак, денес тоа што се бара, не е доминација, без разлика колку и архитектурата на ЕУ да е создадена за до тоа да не дојде, туку се бара лидерство и водство кое во играта на суверените сили во рамките на Унијата, сепак, недвосмислено му припаѓа на најсилниот.

Гледано од бројни аспекти Германија, покрај што е основач на ЕУ, е државата која најдобро знаеше да инвестира и заработи од проектот Европска Унија. Гледано чисто економски или сметководителски, Германија е таа која заработува благодарение на механизмот на „заедничката монета“. Колку повеќе другите земји одат во рецесија, толку повеќе капиталот бега кон Германија. Пред еврото, ако капиталот бегаше кон марката, тогаш марката се зајакнуваше, додека валутите на земјите кои губеа пари, ослабнуваа, но во исто време им растеше извозот, па така имаа механизам како да се финансираат. Денес со еврото, пазарниот притисок врз државните обврзници кај земјите кои се периферни за европската економија, расте до тој степен што нивното задолжување е далеку поскапо и тие не се способни повеќе да се финансираат и да инвестираат. Најсилната земја на Стариот континент не може да ја ограничи својата доминација и лидерство на овој себичен економско-сметководителски резон.

Должноста на најсилниот и најмоќниот

Како што реков, Германија е најмоќна од многу аспекти. Затоа што е земја со најголем број на жители, затоа што ја има најсилната економија, затоа што извезува далеку повеќе од сите останати и затоа што нејзиниот технолошки развој е најнапреден. Германија претставува културен и општествено-економски универзум кој продира далеку надвор од своите граници. Нејзината сфера на влијание инглобира големи делови од централна, источна и југоисточна Европа, од некогаш ханзеатските држави, Балтикот, до Унгарија и Хрватска, од Полска и Финска до Холандија. И тоа влијание не е изградено само во последните 30 години, туку има свои историски, географски и економски рамификации кои траат и се развиваат со векови. Со други зборови, Германија објективно е земја лидер на еден ограничен, но сепак витален геополитички простор.

И сега, како што знаеме и како што наведов во минатата колумна, дека Европа денес е поделена на два големи политичко-економски блока, оној на „северот“ и „медитеранскиот“, испаѓа логично дека должноста на најсилниот и најмоќниот е таа фрактура да ја залечи, или во спротивно, само ќе ја прошири и ќе ја направи неизлечива.

Проблемите околу се’ ова што тука го дискутираме е што на Германија и на нејзиното политичко водство им недостасува политичката волја да прераснат во лидери кои се стремат кон поголема политичка унија или проширување на европскиот проект. Се разбира дека тоа недостасува и кај голем број европски држави, in primis - Франција.

Проблемите и разликите се објективни. Обединета Европа е родена како утопија во која целта е да се задржат разликите меѓу земјите, не тие да исчезнат, додека во исто време ќе расте заедничката благосостојба. Следствено на тоа, така се поставени и самите механизми на Унијата и нејзините институции. Целата Европска Унија се држи на својата длабока институционална определба да биде збир на држави нации, а не федерална целина по реперот на САД. Самиот Европски совет одлучува едногласно, а не според демократските правила на мнозинството. Суверените држави одлучуваат во рамките на Европскиот совет, и покрај тоа што најголем дел од нив одлучуваат во согласност со Германија.

Други колумни од авторот:

Слободата е во заложништво, но не одиме кон режимизација

Агамбен, Ниче(не Македон) и Николоски од аспект на короната

Решението за коронавирусот зависи од сите нас!

Европската Унија е меѓународна меѓувладина организација која се состои од суверени држави кои самоволно одлучиле да споделат дел од својот суверенитет во само мал дел на специфични сектори и кои им ја оставаат на владите на земјите-членки моќта на политичко раководење кое е инкарнирано во Европскиот совет, каде не случајно, претседаваат шефовите на државите и владите.

Демократскиот легитимитет на ЕУ се базира екслузивно на национална основа. Владите на земјите-членки одговараат пред сопствениот национален електорат и пред националното јавно мислење, а државата-нација во рамките на ЕУ е еден од фундаменталните столбови со цел да се разбере функционирањето на Унијата.

Потоа, тука се и етичко-религиозните поделби во рамките на самата Европа. Културните и симболичките разлики, фактот дека Германија по својата природа и развој не тендира кон нормативизмот, нејзината моќна култура, која сепак не е доминантна низ цела Европа, и секако фактот дека германскиот јазик не е лингва франка како англискиот.

Но, сето тоа не го менува суштинскиот проблем на Унијата. Одредени земји, особено на југот, се’ повеќе осиромашуваат. Други земји пак, особено од истокот, се’ повеќе тендираат кон авторитаризам или нелиберална демократија. Овие прашања и проблеми како што поминува времето, со постоечката архитектура на Унијата, само ќе растат и ќе се размножуваат, ќе создаваат проселитизам наместо да се маргинализираат. Потоа, тука е и фактот дека без разлика колку и да зависи Унијата од државите-нации и од волјата на разните национални политики, денес сме во фаза каде ниедна национална политика не останува само национална.

Еден во криза, сите со проблем

Затоа, здравствeната криза во една земја, нужно ќе прерасне и во економска криза. А потоа, таа економска криза, макар и на само една поголема членка, како Италија или Шпанија, дури и земјите од „северот“ да не поминат низ истата здравствена катастрофа, ќе има реперкусии врз сите земји и врз целата Унија.

Истото важи и за автократските тенденции во една или неколку земји, тие не се ограничуваат само на земјите од каде што потекнале, ако воопшто потеклото можеме така стриктно да го одредиме. Ризикот по демократијата во една земја е ризик по демократијата во целата Унија. Тоа што го прави Орбан или Качински, денес го купува и утре ќе го препродава на својот електорат еден Салвини или Ле Пен, или шизофрените лидери на АФД. Дури и да немаат моментален успех, црвот на авторитаризмот и европскиот раздор полека ја нагризува идејата за обединета Европа. Кажано пластично, во Европа сите се во истиот брод, и ако една земја потоне, особено некоја од основачите, тогаш целата архитектура ќе потоне заедно.

Затоа од Германија не е доволна здравствена или економска солидарност, не е доволно да лекува неколку стотици пациенти од Италија и Шпанија, и не е доволно да определи економска солидарност која не создава нови и долгорочни фискални и економски механизми за тешката криза која веќе нанесува огромни штети и поделби.

Товарот секогаш паѓа врз најмоќниот. Главата која носи круна, чувствува најголема тежина. За една моќна сила како Германија тоа не смее да биде товар. Ги гледаме последиците кога еден светски хегемон како Америка бега од своите обврски и должности кои доаѓаат со нејзиното богатство и моќ. И колку и да се сложуваме со историската констатација дека хегемонијата е исклучок, а не правило, сега е моментот за Европа да биде водена од својата најсилна членка.

Или Германија ќе ја води Европа или ќе биде дел од нејзината пропаст.