Германија: Растоварување на граѓаните во енергетската криза
27 април 2022Соочена со наглиот раст на цените на енергенсите, како последица на руската војна во Украина, германската влада донесе пакет помош за граѓаните во висина од повеќе милијарди евра. Меѓу другото, се намалува и енергетскиот данок на гориво во период од три месеци, од први јуни до 31 август. Литар бензин на тој начин би бил поевтин за 30 центи, литар дизел- за 14 центи.
Вработените Германци кои подлежат на плаќање данок, ќе добијат еднократен паушален износ од 300 евра бруто како надокнада за високите цени на енергијата, детскиот додаток еднократно се зголемува за 100 евра по дете. Примателите на социјална помош исто така ќе добијат еднократен износ од 100 евра, а владата дополнително донесе одлука корона-бонусот за примателите на социјална помош да се зголеми од 100 на 200 евра, исплатата ќе почне во јули.
Сојузните покраини бараат повеќе пари од сојузната влада
Од јуни граѓаните ќе можат да добијат месечна карта од девет евра за локалниот и регионален превоз, која ќе важи три месеци во целата земја. Тука уште постојат нејаснотии во поглед на финансирањето. Сојузните покраини, во чија надлежност е локалниот транспорт, ѝ префрлуваат на сојузната влада необезбедување доволно пари за оваа намена. Освен тоа, постои можност планот да не помине на гласање во Бундесратот.
ЦДУ/ЦСУ бараат проширување на пакетот олеснувања
Високорангирани политичари од Унијата на демохристијански партии (ЦДУ/ЦСУ) од владејачката коалиција (СПД, Зелени и ФДП) побараа проширување на пакетот со помош. Мора да постојат олеснувања и за пензионерите, истакна на пример шефот на пратеничката група на Унијата во Бундестагот, Торстен Фрај за весникот „Билд“. Тоа што владата ги изостави пензионерите и ги препушти сами да се снајдуваат со растечките трошоци на анергијата, Фрај го нарече капитална грешка која мора да се коригира во парламентарната процедура.
Потпретседателот на ЦДУ Андреас Јунг пак бара проблемот на поскапуваата да се реши во самиот корен и тоа со даночни олеснувања и намалување на давачките. Приоритени мерки според него се оние кои ионака се структурно неопходни и кои би важеле неограничено време, како на пример намалување на данокот на електрична енергија на европски минимум.