1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин се залага за ЕУ-преговори со Македонија и Албанија

ЕМФ /агенции
21 мај 2018

Германското министерство за надворешни работи се залага за почеток на преговори за приклучување на Македонија и Албанија во ЕУ. Весникот „Велт ам Зонтаг“ ги пренесува ставовите на Михаел Рот.

https://p.dw.com/p/2y3Iw
Berlin Michael Roth
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. v. Jutrczenka

„Почеток на преговори за приклучување за луѓето во Албанија и Македонија, пред сѐ младите, би претставувал охрабрувачки сигнал“, вели во разговор за весникот „Велт ам Зонтаг“ државниот министер во германското Министерството за надворешни работи, Михаел Рот.

Геополитичкото значење на Западниот Балкан често се потценува, пишува „Велт ам Зонтаг“. Се работи за „стабилизација и демократизација на регионот“, за што е неопходна „вистинска мерка на охрабрување и јасни услови“.

Западниот Балкан, според Рот, е „лакмус тест за траен успех на европскиот модел“. Луѓето во регионот се надеваат на демократија, слобода и правна држава, сето тоа поврзано со безбедност и благосостојба. ЕУ мора „конечно да стане повидлива, да го искористи своето влијание и можности за креирање“. Секој вакуум би бил „прерадо искористен од страна на други кои се заинтересирани повеќе за нестабилност и кои го ставаат под знак прашалник нашиот модел кој се заснова на правила“, вели Рот, алудирајќи притоа на напорите на Русија за остварување влијание во регионот, пишува „Велт ам Зонтаг“.

Рот за весникот нагласува дека Македонија „има застој во својот развој пред сѐ поради нерешениот спор за името со Грција“. Затоа, додава тој, сега е неопходно да им се даде „долготрајна поддршка“ на реформите на премиерот Зоран Заев.

Што се однесува до Албанија, државниот министер во германското МНР оценува дека земјата со уставно заснованата правосудна реформа направила голем чекор кој ќе ја однесе напред. Во борбата против корупцијата и организираниот криминал се „постигнати успеси“, вели Рот и додава дека процесот на евроинтеграции е најдобро средство за „продoлжување на напорите и за нивно интензивирање“.

Повеќе:

ЕУ-Западен Балкан: Потврда на перспективата, но без ветувања

Балканот е комплициран, Трамп е опасен

„Велт ам Зонтаг“ го пренесува и ставот на опозиционата ФДП околу преговорите за приклучување со Албанија и Македонија. „Се разбира дека европската перспектива за Балканот е важна, но политиката во овој момент би морало да се концентрира на постоечката ЕУ, а не на проширување“, вели портпаролот на ФДП за надворешнополитички прашања, Бијан Дјир-Сараи.