Глад за правда, жед за напредок, заситеност од демагогија
19 септември 2017Глад за правда, жед за напредок, заситеност од демагогија. Ова се трите екстракти или пораки на граѓаните кои може да се исчитаат од резултатите на последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) спроведена од 4 до 21 август.
Фактот што специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, со процентот на доверба води пред партиските лидери, јасно го открива расположението на испитаниците, односно темите со кои тие подолг период се сензибилизирани, особено еден месец пред локалните избори. Преку искажаната доверба кон фронтменката на СЈО, испитаниците всушност ја изразуваат довербата/очекувањата од институцијата, откривајќи дека нивниот фокус е насочен кон она што и Рајнхард Прибе го констатира во последниот извештај: голем учинок на СЈО, мал учинок на судовите по поднесените обвиненија, што и натаму создадава перцепепија на неказнивност...
Довербата во Јанева индицира дека граѓаните не се подготвени идејата за „правда сега“ да ја заменат со чекање на Божја правда. Дека, ако идејата/заложбата за правда и реалноста се најдат во расчекор заради видови политички или судски опструкции, тие се подготвени тоа жестоко да го казнат. Мерката е важен поим, а граѓанинот одмерува според неговото чувство за правда. Секоја доблест тежнее кон објективност и мерка и тоа е прашање на вредност, а не на идеологија. Оној што ги меша лончињата, оној што не разликува вредности од идеологија, тој верува дека политиката завршува со вработувања во јавната администрација и со алиментирање со субвенции од секаков вид. Цената на ваквата девијантна практика веќе ја плаќа Никола Груевски, кој до вчера суверено го држеше првото место на анкетите. Сега не е ни трет на листата, или, кажано со нивен партиски реченик, кога ова би бил натпревар, тој не би добил ни бронзен медал, затоа што тој замина во рацете на Ѓорге Иванов (многу омилен за 21%, а делумно за исто толкав процент).
Податокот сам по себе е индикативен. По многуте незаборав(е)ни авантури на претседателот - од скандалозната амнестија, до класично надничарење за ВМРО-ДПМНЕ - со одбивањето да го даде мандатот за состав на влада на СДСМ, неговото условување со разни гаранции за зачувување на унитарноста, како и по матната улога на лица од неговиот Кабинет за време на настаните од 27-ми април, во кој биле инволвирани и лица од АРМ чиј врховен командант е тој, дури и со таков бекграунд, Иванов добил поголема доверба од Груевски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ останал многу омилен за 15 отсто, а делумно за 17 проценти, расположение кое по неговата 11-годишна суверена доминација може да се смета за голем пад. Особено, што овој тренд на паѓање на довербата во Груевски го следи и рејтингот и на партијата: ВМРО-ДПМНЕ има 14 проценти, наспроти СДСМ кој води со најповолно мислење од 22 проценти на испитаниците.
Првото место меѓу лидерите го држи политички опонент на Груевски, Зоран Заев со висок процент на доверба - многу омилен за 25%, а делумно за 26%. Тој висок процент на доверба, секако, не го прави релаксиран, во пресрет на локалните избори, на кои за кандидатите за градоначалници од СДСМ би гласале 19 проценти, а за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ 18 проценти. Проблемите што ги навеле испитаниците како најкритични локални прашања се здравствената заштита, комуналната хигиена, јавниот транспорт, корупцијата на локалната власт, состојбата со градинките и нега за стари лица, ефективноста на локалната власт... Но, со оглед дека во локалната власт досега речиси комплетна доминација имаше ВМРО-ДПМНЕ, потенцирањето на овие проблеми, освен како услов за давање на гласот, може да се прочита и како незадоволство од учинокот на нејзините градоначалници. Особено ако се има предвид дека 61 процент од испитаниците се изјасниле дека веруваат оти Владата има поголемо влијание врз нивниот квалитет на живот, отколку локалната власт, што на СДСМ може да му даде дополнителен ветар во грбот и да го зголеми тој еден процент „разлика“.
И генерално, се чини дека довербата во Заев црпи расположение повеќе на глобален план. Имено, додека претходните анкети на ИРИ одразуваа вознемиреност и песимизам во врска со стабилноста на Македонија, процентот на граѓани кои ја опишуваат внатрешната политичка ситуација како „мирна и стабилна“ скокна драстично - од 5 проценти во март, на 44 проценти во август годинава. Надежите за интеграции и условите кои водат кон тоа - решавање на спорот за името (42 отсто) политичка волја од страна на ЕУ за прием на РМ (24 отсто), спроведување на реформите (16 отсто) и сите претходно наведени (13 отсто), индицираат дека расте оптимизмот кај граѓаните, дека се отфрлаат демагогошките застрашувања за „губење на државата, виткање на р' бетот“ и други квазипатриотски тези.
Можната статистичката грешка од плус-минус три отсто, секако може да олабави некои позиции, но не може да ја смени сликата за трендот на очекувањата - правда, напредок, интеграции, и крај за веќе видените манипулации.