Годината 2014-та на интернет
31 декември 2014Јутјуб
Фарел Вилијамс со своето видео за добро расположение „Happy“ направи вистинска збрка, која на почетокот на годината почна да се шири на платформата Јутјуб. Многумина го копираа и правеа пародии на неговиот голем хит. На сите страни на светот, група весели луѓе танцуваат по градовите, од Париз до Дубаи, од Њујорк до Келн, од Богота до Будимпешта. Професионални танчери, келнерки, шеици и многу други. Доколку се соберат прегледите на сите тие бројни верзии, happy-видео снимките, имаа околу половина милијарда прегледи.
Постојат бројни ремикси и пародии, но сепак, најголем број прегледи има оригиналната видео снимка. Често е исмеван, но и тие верзии ги погледнале речиси 95 милиони луѓе: црно-бела видео снимка „Бакнеж“ на која се бакнуваат непознати луѓе. На второ место е еден рекламен спот на компанијата Најк (Nike), во кој настапуваат најголемите фудбалски ѕвезди. Видеото го погледнале речиси 100 милиони луѓе. Апсолутен број еден на Јутјуб е видеото на кое едно куче маскирано во огромен пајак ги плаши минувачите. 114 милиони прегледи за видеото „Mutant Giant Spider Dog“.
Терор на интернет
Кога на интернет почнаа да се шират првите снимки на кои се гледа насилството на терористичките групи на Исламската држава, платформите настојуваа да ги тргнат од интернет, што е можно побрзо. Тоа само делумно им појде од рака. Оној кој бара и натаму може да ја пронајде снимката на која на американскиот новинар му ја отсекуваат главата. Терористичката организација многу добро ги познава можностите на интернет и на него успешно ја шири својата пропаганда.
Корисниците на интернет во Германија креваат глас против десничарската пропаганда која е се‘ поинтензивна. Поддржувачите на движењето „Пегида“, една „патриотска“ организација, која сака да застане на патот на „Исламизацијата на Западот“, отворено се изјаснуваат - неретко со полно име и презиме - против исламот, бегалците и доселувањата во Германија. Начинот на кој го прават тоа, многумина ги потсетува на некогашните нацистички кампањи против Евреите.
Најголема кампања на интернет
Се’ уште недоволно истраженото и неизлечиво нервно заболување ALS (Амиотрофична латерална склероза) на светската јавност и’ стана познато преку една кампања за собирање помош. Неа на интернет ја покрена еден од заболените, така што се полеа со кофа полна лед и истовремено предизвика други познати личности да го сторат истото. Оној кој не беше подготвен да го направи истото, требаше да плати 100 долари на сметката на фондацијата која се бори против ALS. Луѓето масовно почнаа да се полеваат со лед, истовремено уплаќајки и пари на фондацијата и продолжуваа да ги предизвикуваат своите пријатели и други познати личности. Акцијата стигна до најпроминентните кругови, па и до самата Бела куќа. Потоа „ледениот предизвик“ се прошири и во Европа и остатокот од светот. Во Германија особено се ангажираа фудбалски ѕвезди, но и поединечни политичари. На сметката на фондацијата ALS уплатени се 41 милиони долари - една година претходно на истата сметка стигнаа 2,1 милиони долари.
Хаштаг на годината
Твитер: кратки, но важни се пораките од 140 карактери. Малку која платформа привлекува толку внимание на светската јавност, како оваа со микро-блогови. На #Worldcup и #GermanyWins, победата на германската репрезентација на Светското фудбалско првенство во Бразил е прославена со 672 милиони твитови. На германскиот Твитер, корисниците покажале големо интересирање и за вестите за поранешниот претседател на фудбалскиот клуб Бајерн, Ули Хенес. Судскиот процес против него поради затајување данок и изречената затворска казна од три и пол години, на Твитер се следеа со голем интерес.
Големо внимание оваа година привлече и германската железница - Дојче бан (ДБ), кога возовите не сообраќаа поради штрајкот на машиновозачите и синдикатите ГДЛ. Откажаните возови и доцнењата беа на удар на стотина илјади корисници на Твитер. #Bahnstreik беше една од омилените теми на германските корисници.
Меѓународното внимание на Твитер оваа година посебно го привлече конфликтот во Украина. Најголемата хаштаг акција беше #bringbackourgirls: 200 девојчиња во Нигерија беа киднапирани од терористичката организација Боко Харам. Многу познати личности од целиот свет се фотографираа со натписи на кои од киднаперите бараат да ги пуштат девојките. Нивната судбина до денес е неизвесна. Тоа масовно киднапирање не е осамен случај: во истиот регион, во декември е киднапирана уште една група од околу 180 жени и деца.
На #RIPRobinWilliams милиони луѓе тагуваа за глумецот Робин Вилијамс, кој на 11. август во Калифорнија си го одзеде животот.
Твитер рекорд #Oscar: американската актерка и ТВ-водителка, Елен Деџенерис, на доделувањето на Оскарите околу себе собра неколку актери и направи т.н.селфи. Меѓу актерите беа Џенифер Лоренс, Мерил Стрип, Кевин Спејси, Бред Пит, Џеред Лето и Бредли Купер. Оскар-селфи беше снимка на годината и на неколку минути го парализираше Твитер, бидејќи 3,4 милиони пати беше ретвитувана. Рекорд!
Интернет книга на годината
Во книгата „Circle“ (Круг), американскиот писател Дејв Еџерс опишува како еден голем интернет концерн владее со светот. „Circle“ е се‘ во едно: машина за пребарување, социјална мрежа, произведувач на хардвер. Тоа е најголемиот светски интернет играч, чија моќ достигнува длабоко во приватните животи на луѓето. За младата Мае Холанд сето тоа прво изгледа идилично. Таа верува дека кај успешната компанија ја пронашла работата од соништата. Но, наскоро обрачот почнува да се стега. Приказната станува вистинска катастрофа. Една мала камера снима се‘ непрекинато и се‘ им станува видливо на сите. Наскоро исчезнуваат сите тајни. Оној кој се спротивставува на теророт, го доведува својот живот во опасност.
Од излегувањето во август, оваа книга е на листата на десет најдобри и задолжително четиво за сите некритични корисници одушевени од интернетот. Таа покажува потполно оправдан страв од Гугл и слични компании и од она што е можеби веќе сега можно, што постепено го сфаќаме, затоа што добро знаеме дека ние сме тие кои интернет гигантите ги правиме толку моќни.
Големите играчи остануваат моќни
Заштитата на податоци и шпионирање не’ следи и во 2014. година во светот. Притоа, во прв план веќе не е NSA-скандалот, туку повеќе нашето однесување на интернет. И тука се забележуваат неверојатни работи: и „обичните“ корисници се занимаваат со заштитата на податоци, но и натаму се однесуваат по старо. Ставот гласи: и вака и онака е веќе предоцна, тие веќе знаат се‘ за мене и немам што да кријам. Постојат и обиди за спротивставување и конкурирање на големите интернет гиганти. Заклучената програма за испраќање пораки „Threema“ како алтернатива за „WhatsApp“ или пребарувачот „qwant“, наместо Гугл. На социјалната мрежа „Ello“ преминуваат оние кои се разочарани од Фејсбук.
Ниедна од тие платформи не е во состојба да им конкурира на големите. Низ еповите и новите уреди, интернет гигантите и натаму продолжуваат да се хранат со податоци за нас кои ги собирата речиси потполно неконтролирано. Така добиваме реклами, наменети исклучиво за нас лично. Мораме да бидеме свесни и за тоа дека не сите собирачи на податоци се добронамерни. Собирањето податоци и надзорот беа главната тема на овогодинешната конференција на блогери, која секоја година привлекува се‘ повеќе луѓе. Со - во меѓувреме - повеќе од 5000 учесници, таа стана важна конференција, која има за цел да им го сврти вниманието на луѓето на шансите и опасностите од интернетот, како и дигитализацијата на нашето секојдневие.