Година на бегалците
Никогаш досега не биле толку луѓе во бегство како во 2015. Голем број пристигнаа во Германија и во Европа. Тоа беше „историски тест“, рече канцеларката Меркел. Потсетување на една трогателна година.
Успеавме!
Овие млади луѓе од Сирија минаа уште една опасна етапа на нивниот пат. Пристигнаа во Грција, а со тоа и во ЕУ. Но со тоа не ја постигнаа крајната цел. Сакаат да продолжат натаму кон север, во други земји на ЕУ. Најголемиот дел од нив, во 2015, пристигнаа во Германија и Шведска.
Преку Средоземното Море
Патот кој го оставија зад себе е опасен по живот. Голем број бегалски чамци потонаа или се превртија во морето. Овие сириски деца и нивниот татко имаа среќа. Тие беа спасени од грчки рибари во близина на островот Лезбос.
Сликата која го потресе светот
Тригодишниот Ајлан Курди не го преживеа бегството. На почетокот на септември тој се удави заедно со неговиот брат и нивната мајка во водите на Егејот во обидот да стигнат до островот Кос. Фотографијата на мртвото дете го обиколи светот и предизвика шок.
Видливи крајности
Кос, на помалку од пет километри оддалеченост од турскиот брег е цел на бројни бегалци. На плажите, каде вообичаено одмораат туристи, пристигнаа илјадници бегалци, како оваа група од Пакистан.
„Тоталниот хаос“
Но, бројни бегалци не можеа да го продолжат патот од Кос. За да заминат на копно мораа најпрво да се регистрираат. Летото состојбата ескалираше, откако властите ги сместија бегалците во еден стадион на отворено сонце и без вода, да чекаат на регистрација.
Дилемата на Европа
Речиси истовремено на север, на грчко-македонската граница, граничната полиција не им дозволуваше премин на бегалците, меѓу нив расплакани деца, раздвоени од своите родители. „Чист очај“ се вика оваа фотографија на Ѓорѓи Личовски. Таа беше прогласена за фотографија на годината од УНИЦЕФ затоа што ја прикажува „Дилемата на Европа“.
Ни ваму ни таму
Кон крајот на летото Будимпешта стана симбол за слабостите на одговорните и за омразата кон странците. Илјадници бегалци кампуваа на железничката станица во унгарскиот главен град. Унгарската влада им забрани да продолжат натаму. Многумина продолжија пеш кон Германија.
Отворени граници
Одлуката од 5 септември им го отвори патот на бегалците: канцеларката Ангела Меркел и австрискиот канцелар Вернер Фејман заеднички одлучија да ги отворат границите. Со возови и автобуси бегалците беа пренесени во Виена и Минхен.
Селфи-канцеларка
И додека бегалците со одушевување ја поздравуваа канцеларката, во Германија се ширеше незадоволство. На критиките Меркел одговори: „Доколку сега треба да се извинуваме затоа што покажуваме пријателско лице во една тешка ситуација, тогаш ова повеќе не е мојата земја“. Реченицата „Ние ќе успееме“, стана нејзина мантра.
Приказни во багажот
Кон крајот на септември германската полиција објави една потресна слика, која девојче бегалец му ја подарило на полицаец во Пасау. На неа се прикажани стравотиите кои ги преживеале многу бегалци, и нивната радост по пристигнувањето на безбедно.
Драмата продолжува
До крајот на октомври во Германија пристигнаа над 750 илјади бегалци. Но бранот не престанува. Земјите од ткн. балканска рута се пренатрупани. Ги затворија границите. Само Сиријци, Авганистанци и Ирачани смеат да минат. Во знак на протест некои бегалци си ги зашиваа усните.
Крајот не е на повидок
„Помогни ни, Германијо“, пишува на плакатите на овие луѓе на границата со Македонија. Зимата пристигна во Европа, а илјадници бегалци, меѓу нив и многу деца, останаа на ничија земја. Во меѓувреме и Шведска- земја на која се надеваа бегалците- воведе гранични контроли. Во 2016 година, ЕУ очекува уште три милиони бегалци.