1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи воени маневри во Црното Море

БЈ/ агенции
28 јуни 2021

„Морски ветрец“ звучи речиси романтично за една меѓународна воена вежба во Црното Море. Годинава е посебно голема. Москва се чувствува испровоцирана.

https://p.dw.com/p/3vgc2
NATO-Manöver Sea Breeze 2014
Фотографија: picture-alliance/EPA/Defence Ministry Press Service/Handout

Во воената вежба „Морски ветрец“, организирана од САД и Украина учествуваат илјадници војници, како и десетици бродови и авиони од 32 земји. Маневарот треба да трае две недели, најавија од американската војска. Според податоците од американската морнарица годинешнава воена вежба која од 1997 година редовно се одржува на Црното Море, е најголема досега од ваков вид. Москва смета дека ова е провокација во близина на нејзината територија и го повика Вашингтон да се откаже од неа.

Набргу по апелот до САД, во минатата среда се случи инцидент во близина на црноморскиот полуостров Крим, анектиран од Русија. Според Москва, руската крајбрежна стража со предупредувачки истрели и бомби го протерала британскиот разузнавачки брод „ХМС Дифендер“ од нивните води. Британските медиуми делумно ја потврдуваат оваа верзија, но нагласуваат дека бродот се држел до курсот.

Различни верзии за инцидентот во Црното Море

Владата во Лондон пак зборува за руска воена вежба која не била насочена кон воениот брод „Дифендер“. Според информациите на Москва пак британскиот воен брод навлегол три километри во руските води. Британците возвраќаат дека се работело за „безопасен премин“ низ украинските води.

Повеќе: Тајни британски документи пронајдени на автобуска станица во Англија

Руската анексијата на островот Крим од 2014 година на меѓународно ниво се води како нелегална. Москва сега внимателно ќе ја следи вежбата „Морски ветрец“ во која 5000 војници, 32 воени брода и 40 авиони ќе тренираат заедно во Црното Море. Агенцијата Интерфакс според министерството за одбрана известува дека руските маринци веќе го набљудувале американскиот воен брод „УСС Рос“.

US Zerstörer USS Ross Hafen Odessa
Фотографија: Konstantin Sazonchik/dpa/picture alliance

На крајот на вежбата минатото лето американската морнарица објави дека Црното Море е од суштинско значење како поморски пат за трговијата по море и безбедносна на цела Европа. Поради тоа и НАТО земјите членки надвор од црноморскиот регион редовно учествуваат во вежбата. Во интерес на целиот свет е „да се задржи стабилен и просперитетен црноморски регион и да се одвратат агресивните актери кои целат кон дестабилизација за своја корист.“

Москва: вежбата е провокација

Русија испрати јасна порака до САД: „Опсегот и очигледно агресивната природа на воените вежби на никој начин не соодветствува на реалните безбедносни потреби на регионот околу Црното Море“, се вели во пораката од Москва. Марија Сахарова, портпаролка на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, вежбата ја оцени како провокација која има за цел да донесе оружје и воена опрема за Украина.

Од пролетоска повторно е заострен тонот меѓу Москва и Западот. Марширањето на украинските и руските трупи долж конфликтниот регион во Источна Украина во април ги разбуди стравувањата од можно повторно разгорување на конфликтот. Веќе седум години делови од источните украински област Доњецк и Луганск долж руската граница се под контрола на бунтовниците лојални на Москва. Според проценки на ОН, повеќе од 13.000 лица се убиени од почетокот на овој конфликт во 2014. Мировниот план кој во 2015 беше договорен со посредство на Германија и Франција е замрзнат.