1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историска одлука на СПЦ за исправање на историските неправди

ДТЗ
24 мај 2022

И власта и опозицијата ја поздравија одлуката, честитајќи му на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан на мудроста и обединетоста на Синодот, за градењето на мостови и за бранењето на македонскиот идентитет.

https://p.dw.com/p/4Bn2P
Nord-Mazedonien Gottesdienst der Oberhäupter der Mazedonischen und Serbisch-Orthodoxen Kirche
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Историската одлука на СПЦ за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА со радост беше пречекана од свештенството и од граѓаните од православна вероисповед во Северна Македонија. И власта и опозицијата ја поздравија одлуката, честитајќи му на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан на мудроста и обединетоста на Синодот, за градењето на мостови и за бранењето на македонскиот идентитет. 

„Одлуката на Српската православна црква ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија. Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот патријарх Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“, порача претседателот Стево Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски во видеообраќање од Рим честиташе за одлуката на СПЦ. Добивањето автокефалност, според него, е признание за наследството на Охридската архиепископија како и за тоа дека таа е автентичен дел од македонскиот идентитет.

„Голем е денешниот ден, историски, кога ги чествуваме Светите браќа Кирил и Методиј, да ја добиеме и автокефалноста на нашата црква како рамноправна со другите и како признание за нејзиното наследство во духовната величина на древната Охридска Архиепископија, и како автентичен дел на македонскиот идентитет“, вели Ковачевски во честитката.

Голем ден за МПЦ-ОА

„Ова е голем ден за нашата света Македонска Православна Црква – Охридската Архиепископија (МПЦ-ОА)“, вели и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски . Според него, сведоци сме на историја која е важна за нашиот народ и Македонија.

„Нашата црква мора да е обединета, нашиот Синод, свештенството, исто како што мора да биде обединет и нашиот народ, и тогаш сите искушенија, бури и премрежја ќе бидат премостливи. Да продолжиме да чекориме обединето. Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови. После одлуката на Вселенската патријаршија, како и оваа денес, сведоци сме на историја важна за нашиот народ и нашата Македонија! Нека е за многу години!“, вели Мицкоски.

Политиките на добрососедство вродија со плод

Српскиот патријарх Порфириј на литургијата во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје во понеделникот објави дека Саборот на СПЦ ја прифаќа и признава автокефалноста на МПЦ-ОА. Одлуката доаѓа откако на 9 мај, Вселенската патријаршија  ја призна МПЦ-ОА за канонска црква. 

Nord-Mazedonien Gottesdienst der Oberhäupter der Mazedonischen und Serbisch-Orthodoxen Kirche
Српскиот патријарх Порфириј на литургијата во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје во понеделникот објави дека Саборот на СПЦ ја прифаќа и признава автокефалноста на МПЦ-ОА.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Поранешниот премиер Зоран Заев, смета дека Договорот од Преспа, членството во НАТО, иницијативата Отворен Балкан и политиките на добрососедство се меѓу причините зошто од денеска немаме проблеми ниту со прашањето на црквата.

„Македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија, сите заедно одлучивме да живееме во мир, единство, слога и напредок. Одлучивме да решаваме проблеми и да создаваме иднина. Договорот од Преспа, членството во НАТО, Отворен Балкан и политиките на добрососедство се причината зошто од денес македонскиот народ нема проблем ниту со името на својата македонска земја, ниту со својата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, ниту со својата безбедност и сигурност. Живееме и ќе живееме во слога со нашите балкански браќа и сестри, целосно ја заокружуваме нашата духовна и државна независност“, вели Заев.