1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ја има власта, ја има државата!

Катерина Блажевска8 декември 2015

Додека демократските земји се гордеат што се управувани од закони, а не од поединци, во Македонија е обратно: одвојувањето на државата од партијата е во сериозна криза, велат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1HJ30
Фотографија: MAKFAX

Одвојувањето на државата од партијата и натаму е нереализирана обврска во Македонија, а е услов без кој е невозможно да се спроведат фер и регуларни избори. Дека овој процес воопшто не е започнат, укажа и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски: го објави списокот на лица кои незаконски користеле обезбедување и службени возила на МВР. Со усна наредба на началникот на т.н. шеста управа, вакви привлигии добиле пратеникот Амди Бајрам, генералниот секретар на Владата - Кирил Божиновски, шефот на кабинетот на премиерот Груевски, Мартин Протогер, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, националниот координатор на телото за гранична безбедност, Гоце Џуклевски и Јохан Тарчуловски. Како што сооопшти Спасовски, во тек е постапка за утврдување на одговорноста и штетата што му е нанесена на министерството.

Зошто партијата на власт кон државните ресурси се однесува како свој партиски имот? Зошто е тешко да се стави крај на таквиот тренд, кој произведува многу девијации во општеството? Според професорот Денко Малески, тоа е резултат на преддемократска фаза во која Македонија се уште се наоѓа.

Oliver Spasovski
Министерот за внатрешни работи, Оливер СпасовкиФотографија: Petr Stojanovski

„Зборот 'власт', кој има едно многу специфично, авторитарно, значење во јазиците на словенските народи на Источна Европа, не може да се преведе со зборот 'government'. Зборот 'власт', имено, симболизира неконтролирана моќ. Така, додека луѓето на Запад се гордеат со фактот дека не се управувани од поединци, туку од закони, ние се уште се држиме до нашето значење на зборот 'власт' како неконтролирана моќ. Имено, тој што е 'на власт' може да прави што сака. Принудени да се прилагодиме на правилата на западната цивилизација, ја фалсификуваме демократијата со нешто налик на барокни фасади од закони и правила на поведение до кои не се придржуваме. Нашиот менталитет, недемократската состојба на нашите умови, ни говори дека по освојувањето на 'власта', нема ништо пологично таа да се стави во служба на водачот и на партијата. И така - од врвот на пирамидата надолу, и ширум општеството. Лек? Редовна и непрекината контрола, јавност, транспарентност и отчетност“, сугерира Малески.

Примери има, корекции нема

Примерот што го посочи министерот Спасовски, не е единствениот кој сведочи како државните ресурси се злопотребуваат за потреби на лица од власта и за партиски цели. Дел од прислушуваните комуникации што ги објави опозициската СДСМ, индицираа за уште поеклатантни примери за злоупотреби и бришење на границата меѓу државата и партијата. Во еден од тие разговори шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протогер, побара министерката Јанкулоска да замижи на „позајмувањето“ на неколку вработени од МВР за потребите на владејачката партија на изборниот ден во Охрид. Во друг разговор, министерката најавува дека „луѓето на Љубе Бошкоски“ ќе бидат отпуштени од работа: „Нема да работат во МВР, нема никаде да работат. Биле на листи на Љубе, а работат во државни фирми, е не може бе така. Треба да им се отчита лекција“.

Ако ваквиот менталитет на награда и казна преку приклучување и исклучување од државните ресури зависи од послушноста кон власта, и веќе е длабоко вкоренет во македонската практика, какви се шансите тој модел да биде демонтиран?

Во сегашната политичка состојба во Македонија речиси изгледа невозможно да се одвои партијата од државата, смета аналитичарот Петар Арсовски.

„Прво, не постои јасен мотив, односно етички критериум за таква реформа. Партиите во основа не се заинтересирани да си одземат значајна алатка во својот предизборен маркетинг, и сите обиди завршуваат со некакви минимални отстапки, најмногу за да се задоволат некакви фасадни критериуми или меѓународната заедница. Ваквите манипулации најмногу се користат во предизборниот период, каде влогот за партиите е наголем. Второ, нема механизам за квалитативна оценка што е мешање, а што не е. Постојат многу подрачја каде таа граница и најобјективно е тешко да се извлече, а во нашиот амбиент е безмалку невозможно. Оттаму, бидејќи секој потег може да се интерпретира секако, не постои јасен став за тоа кои инстанци се прекршување на ова принципиелно начело. Тоа прави оваа реформа да биде уште потешка“, објаснува Арсовски.
Но, според него, проблем е и тоа што граѓаните, односно гласачите, не го санкционираат ова мешање.

Gordana Jankuloska
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана ЈанкулоскаФотографија: MIA

„Кога вие не губите политички поени со злоупотреба на државните ресурси, не постои ни најмала иницијатива од таа практика да се откажете, бидејќи најголемата инхибиција за такво однесување реално би пола политичката одговорност на избори. Бидеќи таа изостанува, партиите немаат што да изгубат од мешањето, а имаат многу што да добијат. Равенката станува едноставна“, констатира Арсовски.

Неуспехот на медиумите

Неопходноста од одвојувањето на државата од партијата беше нотирана и во Извештајот на Рајнхард Прибе. Во него е посочен и извештајот на ОБСЕ/ОДИХР по последните избори, во кој меѓудругото, набљудувачите покажале загриженост и за „несоодветното раздвојување помеѓу државата и партиските активности“, како и за „неуспехот на медиумите да направат разлика помеѓу покривањето на државните функционери во нивните ангажмани како министри и кандидати“, што придонесло кон поткопување на линијата помеѓу државата и партијата.

Дел од провладините медиуми и вчера го промовираа истиот однос. Преку игнорирање на прес-конфернцијата на Спасовски, покажаа отсуство на интерес за оваа важна тема, а тоа го суспституираа со обвинувања дека министерот се луксузирал во кабинетот. Спасовски по прес-конференција ги покани новинарите лично да се уверат како изгледа „луксузот“ во неговиот кабинет. Но, и по соочувањето со фактите, истите медиуми продолжија со истата приказна.

Сето ова се случува во време на разговори за медиумските реформи, кои и натаму не бележат напредок. Поради неможноста да се најде најмал заеднички содржател меѓу дијаметрално спротиставените позиции на партиите во текот на имплементацијата на договорот од Пржино, Арсовски стравува дека тоа ќе го насочи процесот кон барање „исплакнати решенија“, бидејќи само такви можат да бидат политички усогласени.

„За жал, таквите исплакнати решенија немаат капацитет да направат посериозна општествена промена. Така е и со решенијата за медиумите: партиските позиции се толку закопани во ровови, што единствениот пресек е некакво безначајно решение. Дополнително, реформата на медиумите е тежок и долготраен процес, и толку уназаден, а ние сега сите надежи сме ги прикачиле на овој порцес, демек одеднаш ќе поправиме она што сме го расипувале конзистентно 15 години. Овој процес мора да трае и ќе биде мачен, и ова е само почеток. За суштински реформи се потребни коренити промени во многу пошироко подрачје, и законско и суштинско. Бидејќи партиите влечат на своја страна, недостига суштинска експертиза за добри решенија, најдобро однадвор“, сугерира Арсовски.

Но, најголем проблем засега е сепак тоа, што потребата од вистински реформи медиумите не ја рефлектираат „од внатре“.