Грците „навалија“ на вакцинација
15 мај 2021Социјалните мрежи се полни со селфи на луѓе кои тукушто се вакцинирале против коронавирус. Во Грција во меѓувреме се вакцинираат луѓе од старосната група меѓу 30 и 39 години, засега само со АстраЗенека, но побарувачката досега е поголема отколку кај сите други старосни групи.
Освен тоа, добивањето термин за вакцинирање во Грција е релативно едноставо : потребно е само пријавување со бројот на своето здравствено осигурување на онлајн портал и одбирање на саканиот датум и центар за вакцинација. Кој има технички потешкотии, може да закаже термин и во аптека.
Посетивме еден имунолошки центар во Перистери, кварт во Атина, пред кого стои редица луѓе. За да нема проблеми, некои од нив доаѓаат и со часови порано, што е всушност непотребно, зашто работата се одвива навремено, вели Панајотис Превентис од Цивилната заштита:
„Се обидуваме се добро да организираме, зашто има голем број луѓе и сите сакаат да се вакцинираат во исто време. Затоа се трудиме процесот да биде што поедноставен.“
Едноставно е и давањето термини:
„Имаме можности за сите. Кој нема имеил адреса, мобилен телефон или пристап до интернет, може да отиде и во аптека," објаснува Превентис. Тој ја координира „Операцијата слобода“, како што грчката влада ја нарече својата имунолошка кампања. Превентис има многу работа, телефонот постојано му ѕвони додека нѐ води низ центарот за вакцинирање. Застанува пред монитор на кој има црвени точки, секоја претставува кабина за вакцинирање.
„Точката е црвена кога тука се врши вакцинирање. Потоа лицето треба да сочека 15 минути за да се види дали се е во ред. Дури тогаш лекарот со својот таблет притиска на зелено светло за кабината, тука може да влезе следниот. Сето е целосно дигитализирано лекарите веднаш можат да видат кој е следен според терминот на ред.“
Повеќе:
Грција се подготвува за пречек на туристите
Грција ја отвори границата, за деца до 5 години не е потребен ПЦР тест
Хаос со вакцината АстраЗенека во Европа
Само во овој центар дневно се вакцинираат по 4500 луѓе, за неколку дена ќе бидат дури и по 6500, зашто Цивилната заштита ги проширува капацитетите.
Вакви центри во Грција досега има пет, но имунизација против коронавирус се врши и во болници, здравствени центри и со мобилни единици, посебно на грчките острови.
Нив грчката влада ги има посебно во вид уште од почеток, за пандемијата да не се прошири на нив, жителите се вакцинираат без приоризација. Досега целосно се имунизирани луѓето на 32 острови, во следните три недели кон тоа ќе се придружат натамошни 36 средни по големина острови до 10.000 жители, вети премиерот Киријакос Мицотакис.
Прва доза имаат примено веќе 24% од вкупното грчко население, 12% се целосно вакцинирани. И во Грција постои задршка кон вакцината АстраЗенека, но бидејќи ја има, владата реши да ја олабави приоризацијата за неа. Од пред две недели со неа се вакцинираат 30-до 39-годишните граѓани. Само неколку часа откако започнало пријавувањето преку онлајн-платформата за оваа старосна група, биле резервирани преку 60.000 термини.
Од јуни, велат од Министерството за здравство, сите полнолетни Грци ќе можат да се вакцинираат.