Грција испровоцирана од „Воинот на коњ“
15 јуни 2011Скулптурата наречена „Воин на коњ“, која пристигна на плоштадот „Македонија“ во Скопје, за властите во Атина преставува провокација и крадење на грчката историја.Препознавајќи го Александар Велики во ликот на скулптурата, грчките власти велат дека неговото поставување преставува узурпација на грчката историја и ширење на национализам и конфликти.
„Оваа политика е прекршување на духот на Привремената Спогодба, провокативна и е за осуда, ги поткопува билатералните односи и наштетува на преговорите под покровителство на ОН“, изјави портпаролот на грчкото министерство за надворешни работи Григорис Делавекурас.
Порака до Скопје да избегнува провокации
Според него најновиот потег е во спротивност на добрососедски односи и ќе има неизбежни последици по евроатлантските перспективи на ПЈРМ.
„Уште повеќе, овој потег следува по неодамнешните гаранции на политичкото лидерство на ПЈРМ пред ОН и меѓународната заедница дека планираат да работат искрено кон надминување на спорот со името“, изјави Делавекурас.
Тој му порача на македонскиот премиер Никола Груевски да работи искрено и сериозно кон надминување на спорот со името меѓу двете земји, а не да прави, провокации за да ја избегне реалноста.
„Име со географска одредница за сите употреби во односите со сите држави е решението што ќе овозможи градење на добрососедски односи, ќе придонесе за регионална стабилност и ќе ги одблокира европските перспективи на ПЈРМ“, рече Делавекурас.
Автор: СН/АТ/макфакс
Редактор: Александра Трајковска