1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчка соларна енергија за Германија

Панајотис Купоранис / Александра Трајковска22 март 2012

До 2020 година ЕУ мора да покријат 20 проценти од енергетската потреба од обновливи извори. За Грција се отвора шанса да извезува соларна струја - пред се’ во Германија.

https://p.dw.com/p/14OWv
Фотографија: picture alliance / ZB

Од 2020 година земјите членки на ЕУ треба да обезбедат најмалку 20 проценти од енергетските потреби да се добиваат од обновливи извори. За Германија потребата би можела да биде уште поголема, бидејќи за десет години треба да бидат исклучени сите атомски постројки во земјата. Затоа обновливите енергии масовно се поттикнуваат со државни средства.

Меѓутоа, германската влада во последната година повторно ја редуцираше поддршката за соларната бранша. Канцеларката Ангела Меркел критикува дека соларната енергија добива 50 проценти од средствата за унапредување, и покрај тоа што произведува само два проценти струја. Канцеларката предлага, поттикнувањето на браншите да се координира на европско ниво и соларната струја во иднина да се добива од Грција, бидејќи таму зрачењето на сонцето е повисоко.

Првично оваа идеја потекнува од министерот за финансии Волфганг Шојбле. За првпат пред една година тој на оваа тема разговараше со тогашниот грчки министер за финансии и сега министер за животна средина Јоргос Папаконстантину. Во меѓувреме, од идејата се роди проектот Хелиос. „Хелиос АГ“, според Папапконстантину, „ќе биде државно претпријатие, кое ќе формира фирми ќерки, кои ќе ја произведуваат струјата“.  Хелиос треба да работи и со приватни инвеститори. Така на пример, ќе биде можно приватни фирми да инсталираат фотоволтаични постројки на површини кои претходно ги закупила грчката држава.

Deutschland Solarstromanlage von Solar World in Bonn
Германските претпријатија бараат гаранции за купување на струјатаФотографија: Volker Lannert

Ако нема купувачи на струјата нема ни Хелиос

И покрај ваквиот поволен третман, постои проблем. Приватни инвеститори ќе можат да се најдат кога ќе биде јасно кој ќе ја купи грчката соларна струја. Имено, во европска споредба таа е скапа. До 2017 година државите на ЕУ имаат можности да ги субвенционираат нивните обновливи енергии. Меѓутоа, може да се субвенционира само струја која се произведува во сопствената земја.

Грција има многу сонце, но нема доволно пари да ја поттикнува соларната бранша. Оттука, не се исплаќа скапа грчка соларна струја да се донесе во германските мрежи.

Грчкиот министер за животна средина Папконстантину, сепак, гледа решение. Европската определба за обновливи енергии од 2009 година, според Папаконстантину, дозволува „билатерални спогодби меѓу земјите членки“. Врз оваа база, смета министерот „преговараме со грчката влада, но и со други влади, како да се поддржи првата фаза од проектот Хелиос“.

Ваква поддршка за грчката соларна струја би можело да значи германската влада целосно да ја стопира поддршката за германската соларна струја. Тоа за многу произведувачи во Германија би значело крај.

Затоа грчката и германската влада пружаат напори да развијат можности за инвестиции на германските соларни претпријатија во Грција. Тоа би можело да се случи во соработка со Сојузот на германската индустрија, приватни банки и државната КфВ банка. Меѓутоа и во овој случај важи максимата - ако не е јасно кој ќе ја купи струјата, никој нема да сака да инвестира.

Десет гигавати соларна струја до 2020 година

Ако е до Папконстантину, уште годинава би можеле да бидат доделени првите дозволи. „Фотоволтаичните постројки би биле изградени во 2013 и во 2014 би можеле да почнат со работа“, смета министерот за животна средина. Во оваа прва фаза за Хелиос, која треба да трае до 2017 година, би требало да бидат инсталирани соларни постројки до 1,5 гигавати. Сепак, грчката соларна струја би требало да биде конкурентна, бидејќи по 2017 година ќе отпаднат националните субвенции. До 2020 година би требало да се зголеми капацитетот на десет гигавати, смета министерот.

Но со тоа ќе се создаде друг проблем: со постоечките струјни траси воопшто не може да се транспортира толку струја кон Западна Европа. Решението би можело да се најде само на европско ниво, смета Папаконстантину.

Во Грција претстојат парламентарни избори. Кој ќе ја презеде власта засега е неизвесно. Соларниот проект Хелиос меѓутоа со голема веројатност ќе продолжи, бидејќи приходите од овој проект се предвидени за намалување на грчкиот долг.