Г7 во потрага по сојузници
28 јуни 2022На вториот ден од самитот на Г7, во идиличниот планински амбиент на замокот Елмау, добро расположениот германски канцелар Олаф Шолц ги прими шефовите на држави или на влади на Аргентина, Индија, Индонезија, Сенегал и Јужна Африка. „Демократии на иднината и со иднина“, како што ги нарекува Шолц. Ракување, пријателски зборови, брза групна фотографија пред живописната позадина, а потоа веднаш започнаа работните сесии.
Г7, седумте големи индустриски нации Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија, Канада и САД бараат партнери и сојузници. По рускиот напад врз Украина, но и претходно, стана јасно дека светот повторно се дели на зони на моќ и на влијание. Кој е на чија страна? Кој е пријател, кој е непријател?
Конкуренција за Кина
Кина со сите сили продолжува со својот проект за нов Пат на свилата и се обидува да ги поврзе земјите со себе преку кредитирање и инфраструктурни проекти како што е проширувањето на пристаништата. Г7 и ЕУ одамна го признаа ова, но досега направија малку за да се спротивстават на тоа. Тоа сега треба да се промени.
На првиот ден од самитот беше конкретизиран проектот „Партнерство за глобална инфраструктура и инвестиции“. Идеја која веќе беше развиена на последниот самит на Г7 под британско претседателство и сега е поддржана со 600 милијарди долари. Овие средства се наменети за финансирање на проекти за инфраструктура, заштита на климата и здравјето во земјите во развој и во земјите во економски подем. Фокусот ќе биде ставен на Африка, но може да учествуваат и други посиромашни земји. Програмата трае до 2027 година.
Дијалогот ја олеснува соработката
Но, зарем западните држави не доцнат со тоа? „Доколку демократиите покажат што можат да понудат, тогаш не мора да се грижат за победата на натпреварот“, уверено рече американскиот претседател Џо Бајден. Со Индонезија и со Индија, во Елмау беа поканети сегашниот и идниот претседавач на Г20. Сенегал претседава со Африканската унија, а Аргентина претседава со Заедницата на латиноамерикански и карипски држави. Значи и тие се мултипликатори.
„Како демократии, ние гледаме на светот на сличен начин и добро, важно и неопходно е да разменуваме идеи меѓу себе“, рече Шолц по првиот круг на работни сеси. „Заемното слушање создава меѓусебно разбирање и тоа ја олеснува соработката. За прашањата за заштитата на климата, снабдувањето со енергија и борбата против гладот во светот, „разговаравме многу добро, отворено и многу конструктивно“, додаде канцеларот. „Овој дијалог е многу важен и ќе продолжи“, рече Шолц.
Разликите во мислењата остануваат
Спорен е пред сѐ односот кон Русија. Кога Обединетите нации го осудија рускиот напад врз Украина во март и го повикаа Кремљ да ја прекине својата агресија, Индија, Сенегал и Јужноафриканската република беа воздржани. Аргентина и Индонезија исто така не се на иста линија со Западот околу санкциите против Русија. Индија сега дури увезува повеќе руска нафта отколку пред војната.
Демократските индустриски нации знаат дека, и покрај нивната економска моќ, не можат да ја изолираат Русија доколку другите држави ги заобиколат санкциите. Но, тие, пак, не сакаат да се скараат со Русија од економски причини.
Москва и Пекинг нема да стојат со скрстени раце
Но, Г7 пред очи ги има не само геополитичките цели, туку и ресурсите за економијата. Западот мора да се ослободи од енергетската зависност од Русија. Африка има огромни резерви на гас кои сè уште не се искористени. Сенегал би можел да снабдува течен гас, а веќе се водат дискусии за експлоатација на ново поле на природен гас во близина на западноафриканскиот брег. Руските резерви на никел би можеле да се заменат со увоз од Индонезија и.т.н.
На ваквите обиди на Г7 да склопи поблиски сојузи со демократските земји во развој и земји во економски подем се гледа со сомнеж во Москва и во Пекинг. Русија и Кина нема да стојат со скрстени раце додека Западот се обидува да ја прошири својата сфера на влијание. Тоа беше видливо и неколку дена пред самитот на Г7 на виртуелниот состанок на лидерите на земјите од БРИКС, во кои, покрај Русија и Кина, се вклучени и Бразил, Јужноафриканската Република и Индија.
Во говорот, рускиот претседател Владимир Путин повика на поголема економска соработка во рамките на групата и сега најави дека ќе доставува повеќе ѓубрива за Бразил. Зошто само за Бразил? Затоа што лидерите на Индија и на Јужноафриканската Република патуваа за Елмау?
Да се седне со Путин на иста маса, или не?
Ќе биде интересно да се види како ќе се развиваат плановите за самитот на Г20, кој треба да се одржи на индонезискиот остров Бали во ноември. Покрај Кина, и Русија е дел од групата држави членки на Г20. Според државната новинска агенција Тас, рускиот претседател Владимир Путин планира да учествува на самитот на Г20.
Што ќе направи Западот? Канцеларот Олаф Шолц најави дека ќе донесе одлука „кратко пред заминувањето“ и во зависност од моменталната ситуација. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Елмау изјави дека дефинитивно ќе седне на иста маса со Путин на самитот на Г20. „Важно е да му кажеме в лице што мислиме за него“, нагласи таа.