1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Баварецот Зедер е идниот канцелар на Германија?

22 мај 2020

Шефот на баварската Христијанско-социјална Унија и покраински премиер, Маркус Зедер во корона-кризата стана еден од најпопуларните политичари во Германија. Кружат гласини – дали тој ќе биде иден кандидат за канцелар?

https://p.dw.com/p/3cc60
Deutschland München | Coronavirus | Markus Söder, Ministerpräsident
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

„Баварија доживува златни времиња. Баварија е силна. Ќе биде уште посилна. Баварија е стабилна, сигурна. Кај нас светот уште е во ред и така треба и да остане", изјави Зедер по победата на покраинските избори пред две години.

Во Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) отсекогаш веруваат дека Баварија е силна додека е јака партијата. И тоа без оглед каква е на национално ниво позицијата на Унијата, составена од ЦСУ и Христијанско-демократската унија (ЦДУ) која дејствува во останатите 15 покраини.

Зедер (53) четири години беше генерален секретар на ЦСУ, а потоа покраински министер за сојузни и европски прашања, за животна средина и здравство, за финансии, развој на покраината и татковината. Неговата амбиција ја искуси сегашниот сојузен министер за внатрешни прашања Хорст Зехофер, кого Зедер го истурка од врвот на партијата на почетокот на 2018 година.

Новинарот Ронан Дајнингер во книгата „ЦСУ – портрет на една посебна партија", десетина пати го споменува името на Маркус Зедер. Но, првиот атрибут со кој го опишува е токму – амбициозен.

Победа на младиот над стариот лав

Зедер се обиде да го смени Зехофер уште во 2014 година. Тоа беше видливо на партиските конгреси, каде нивните средби во ходниците емитуваа ледена атмосфера. На бината Зедер, претставник на помладата гарда и далеку подобар говорник, редовно го засенуваше Зехофер.

Зедер, бивш новинар, знаеше да распали емоции меѓу делегатите на ЦСУ. Како да сакаше, додека зборуваше, следниот аплауз да биде уште посилен.

Себеси се смета како спојка меѓу баварската традиција и современоста. „Сакаме да бидеме модерни и да останеме баварски. Да се дејствува и да се води грижа - за крупни работи и ситни грижи, тоа е нашата филозофија", рече кога дојде на чело на покраинската влада пред две години.  

Резултатот на тие покраински избори додуша беше „посен" за партиските стандарди. Со 36,7 проценти, ЦСУ мораше да побара коалиционен партнер и го најде во Слободните избирачи, партија која е силна во Баварија, а безначајна на национално ниво.

Зедер веднаш повлече потег. Додека неговиот претходник градеше имиџ критикувајќи ја канцеларката Меркел, посебно поради бегалската политика, Зедер добро се разбираше со канцеларката. Острицата на своите напади ја сврте пред сѐ кон десничарската Алтернатива за Германија, чија појава на политичката сцена им одзеде гласови на демохристијаните.

CSU Parteitag München
Генерациска смена на врвот на ЦСУ - Маркус Зедер и Хорст ЗехоферФотографија: Reuters/A. Gebert

Популарност во време на корона-кризата

Од избивањето на епидемијата на коронавирус во Германија, анкетите покажуваат дека Зедер е еден од најомилените политичари на национално ниво. Брзо се претстави како човек од акција, строгите мерки за изолација ги воведе и поостро и побрзо од другите покраини.

Разменуваше медиумски удари со Армин Лашет од ЦДУ, покраински премиер на покраината Северна Рајна Вестфалија, кој од почеток се залагаше за поблаги мерки и побрзо попуштање.

Повеќе:

Зошто младите Германци не гласаат за големите партии и ги сакаат Зелените?

Наследник на Меркел: Гласните мажи доминантни во јавноста, тивката жена води во анкетите

Политички земјотрес во Баварија

На крајот на април Зедер се најде пред канцеларката Ангела Меркел во традиционалната анкета на магазинот „Шпигел" со прашањето „Дали овие политичари треба во иднина да играат важна улога?". Зедер имаше поддршка од 61 процент, Меркел – 56 проценти. На врвот стандардно беше претседателот на земјата, Франк-Валтер Штајнмајер, чија функција е протоколарна, со 68 проценти.

Мораме да погледнеме како поминаа нашите соседни и подалечните земји. Тогаш ќе видиме дека имавме неверојатна среќа", изјави Зедер за последиците од корона-кризата. Но среќата, додаде тој, не падна од небо, туку е заеднички заслужена, со работата на неговата влада, општините и граѓаните.

Може и да сочека

Денеска Зедер го предводи виртуелниот конгрес на ЦСУ, крупните собири уште не се дозволени поради пандемијата. Ова е важен датум, зашто треба да се имаат во вид и парламентарните сојузни избори идната година. ЦДУ треба да избере нов шеф, па дури тогаш ќе се види кој ќе биде канцеларски кандидат на Унијата (ЦДУ и ЦСУ).

Во текот на кризата, барем во јавноста, замре трката на тројцата конкуренти за шеф на ЦДУ. Освен Армин Лашет, се споменуваат и Фридрих Мерц и Норберт Ретген, сите тројца од покраината Северна Рајна Вестфалија.

Во повоената историја, Унијата само двапати имала канцеларски кандидат кој доаѓал од баварската ЦСУ – Франц- Јозеф Штраус (1980) и Едмунд Штојбер (2002) не успеаја. Единствен Баварец кој бил канцелар останува Лудвиг Ерхард, татко на германското економско чудо, но тој бил член на ЦДУ.

Дали Зедер може да се обиде? Тој самиот пред извесно време отфрли таква можност. Но, гласините се сѐ посилни, меѓу другото и поради поволните анкети. Навистина, Зедер со своите 53 години може уште да почека. Но, неговата амбиција никогаш не треба да се потценува.