1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали на „Ердоганова Турција“ ѝ е местото во ЕУ?

Кај Александер Шолц/ Симе Недевски2 април 2014

Забрана на Твитер, закани за опозицијата- за некои германски политичари тоа се капки кои ја прелеаја чашата. До пристапување на Турција во ЕУ не смее да дојде, сметаат тие. Повоздржани реакции меѓутоа доаѓаат од Брисел.

https://p.dw.com/p/1Ba9U
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Андреас Шојер, генерален секретар на Христијанско- социјалната унија (ЦСУ), една од партиите во владејачката коалиција во Германија со својата изјава за Турција силно ги разбранува духовите во Берлин. Тој имено на почетокот на неделава упати барање за стопирање на пристапните преговори на Турција со Европската унија. „Полека станува јасно дека 'Ердоганова Турција' не ѝ припаѓа на Европа“, изјави Шојер во Минхен. „Земја во која владата им се заканува на нејзините критичари не може да биде дел од Европа“, истакна Шојер и додаде дека за Турција не доаѓа предвид ништо повеќе од привилегирано партнерство, како и оти ЦСУ го повикува секого, кој се залагал за полноправно членство на Турција во ЕУ, конечно да се откаже од тоа и да му се приклучи на исправниот курс на ЦСУ. Ваквата забелешка им беше упатена на Социјалдемократите (СПД) и на Зелените. Германската канцеларка и претседателка на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Ангела Меркел истотака заговара привилегирано партнерство.

Потреба за акутно дејствување нема, изјави пак вчера пред новинарите, шефицата на парламентарната група на ЦСУ во Берлин, Герда Хаселфелд. „Нашиот став од самиот почеток беше Турција да не се прима во ЕУ и да се следи принципот на привилегирано партнерство“, рече Хаселфелд. Таа додаде дека она што во моментов се случува во Турција е загрижувачко, и оти внимателно ќе биде следен натамошниот развој на ситуацијата. Повеќе од тоа од неа не можеше да се чуе, ниту пак новинарите поставија подетални прашања.

Deutschland Parteien CSU-Generalsekretär Andreas Scheuer
Андреас Шојер, генерален секретар на Христијанско- социјалната унија (ЦСУ)Фотографија: picture-alliance/dpa

Ни ЦДУ премногу не се вознемири од развојот на случувањата во Турција. Само пратеникот во Бундестагот Михаел Гросе-Бремер упати критики поради ограничувањето на користењето на социјалните мрежи како Твитер и Фејсбук во Турција. Во една демократија мора да биде можно изјаснување преку тие канали, беше порачано од ЦДУ.

„Не е во согласност со сликата на модерна Турција“

Останатите партии во Бундестагот- СПД, партијата на Зелените и партијата на Левицата- не ги коментираа изјавите на Шојер. Но, Турција сепак деновиве е на дневен ред во Европа. Во ноќта кон понеделникот, турскиот премиер Реџеп Tаип Ердоган во својот победнички говор по локалните избори најави дека ќе ги гони неговите противници „сѐ до последното скривалиште“. Тој истакна дека тие ќе мора да платат висока цена за обвинувањата и критиките од минатите месеци.

Заменикот претседател на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Ролф Мицених во едно интервју изјави дека заканите на Ердоган не се во согласност со сликата за една модерна Турција. Мицених додаде дека во пристапните преговори со ЕУ потребно е да се тематизираат почитувањето на основните права и слободата на изразување. Надворешно-политичкиот портпарол на партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот Филип Мисфелдер изјази загриженост за развојот на состојбата во Турција: „Односот кон овој НАТО-партнер е тежок бидејќи Турција ни е потребна како важен сојузник, а не сме ниту рамнодушни кон развојот во земјата“.

Пристап во ЕЕА како алтернатива?

За можното пристапување на Турција во ЕУ, меѓутоа се одлучува во Брисел. Дури во минатата есен по три годишен прекин, повторно беа придвижени пристапните преговори кои започнаа уште во 2005. година. Преговорите се поделени во 35 поглавја, но голем број од нив се блокирани пред сѐ поради нерешеното кипарско прашање. Турција северниот дел на овој остров го држи под окупација од 1974. година наваму.

Dr. Rolf Mützenich
Заменикот претседател на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Ролф МиценихФотографија: privat

Претседателот на Комисијата за надворешно-политички прашања на Европскиот парламент, Елмар Брок пак изнесе еден друг предлог. Тој изјави дека е дојдено времето да се размисли за тоа дали можеби среднорочно попаметно решение за Турција е членството во Европскиот економски простор (EEA - European Economic Area). Брок истовремено ја релативизираше таа изјава, наведувајќи дека подоцнежен пристап на земјата во ЕУ не е исклучен. Кон Европскиот економски простор припаѓаат и земји кои не се членки на ЕУ, како на пример Норвешка.