Да не се повтори: Споменици на теророт
По завршувањето на Втората светска војна, на 8 мај 1945, Германија започна процес на осознавање на нацистичката диктатура и на нејзините злосторства. Спомениците не дозволуваат да бидат заборавени милионите жртви.
Дахау
Нацистичкиот режим го отвори првиот концетрационен логор во Дахау, во близина на Минхен. Само неколку недели по доаѓањето на власт на Хитлер, тој беше искористен од паравоените СС-формации за затворање, измачување и убивање на политичките ривали. Дахау исто така послужи како модел за другите нацистички логори кои уследија.
Нацистичките митингашки простори
Нирнберг беше домаќин на најголемите митинзи на нацистичката пропаганда од 1933 година до почетокот на војната. Годишниот конгрес на нацистите, како и митинзите со по 200 илјади учесници се одржуваа на просторот од 11 квадратни километри. Денес, недовршената конгресна сала служи како документациски центар и музеј.
Вилата Ванзе
Вилата на берлинското езеро Ванзе беше клучна во планирањето на холокаустот. 15 членови на нацистичката влада и на раководството на СС се состанаа тука на 20 јануари 1942 година, за да го испланираат т.н. „Конечно решение“- депортацијата и уништувањето на сите Евреи на териториите окупирани од Германците. Во 1992 година вилата беше пренаменета во меморијал и музеј.
Берген-Белзен
Концентрациониот логор Берген-Белзен во Долна Саксонија првично беше изграден како логор за воени заробеници, пред да стане концентрационен логор. Затворениците кои биле премногу болни за да работат биле носени тука, и многумина починале од болести. Една од 50-те илјади жртви била и Ана Франк, еврејското девојче кое постхумно се здоби со меѓународна слава со својот дневник.
Споменик на германскиот отпор
Зградата Бендерблок во Берлин била седиште на групата на воениот отпор. На 20 јули 1944, група офицери на Вермахтот, под раководство на полковникот Класу фон Штауфенберг, изведоа неуспешен атентат врз Хитлер. Водачите на заговорот експресно беа егзекутирани во дворот на Бендерблок, кој е денес споменик на отпорот.
Центарот за евтаназија Хадамар
Од 1941 година, луѓето со физички и ментален хендикеп биле убивани во психијатриската болница во Хадамар, во покраината Хесен. Прогласени за „непожелни“ од страна на нацистите, околу 15 илјади луѓе биле убиени со задушување со јаглероден моноксид или со инјекција. Повеќе од 70 илјади луѓе биле убиени во Германија во рамките на програмата на нацистите за евтаназија.
Меморијал на холокаустот
Лоциран во близина на Бранденбуршката порта во Берлин, Меморијалот на убиените Евреи во Европа беше отворен 60 години по крајот на војната. Архитектот Петер Ајзенман креираше поле со 2,711 бетонски плочи. Во подземјето се испишани имињата на сите познати жртви на холокаустот.
Споменик на прогонуваните хомосексуалци
Недалеку од Меморијалот на холокаустот во Берлин, се наоѓа споменикот за илјадниците хомосексуалци прогоновауни од нацистите меѓу 1933 и 1945 година. Споменикот висок четири метри, со прозорец кој наизменично покажува двајца мажи и две жени како се бакнуваат, беше отворен во мај 2008 година.
Меморијал на Синтите и Ромите
Спроти зградата на Рајхстагот во Берлин, паркот отворен во 2012 година е и споменик за над 500 илјади убиени Синти и Роми од страна на нацистите. Околу меморијалниот базен испишана е поемата „Аушвиц“ на ромскиот поет Сантино Спринели на три јазици: англиски, германски и ромски.
Спомен-плочки пред куќите на Евреите
Во 1990, уметникот Гинтер Демних започна со проект за соочување со нацистичкото минато. Спомен-плочки од месинг беа поставени пред куќи на жртвите на нацистите, со нивни лични податоци. Повеќе од 45 илјади „спомен плочки“ беа поставени во 18 земји во Европа - тоа е најголем децентрализиран музеј на холокаустот во светот.
„Кафеавата Куќа“ во Минхен
Веднаш до канцеларијата на Хитлер (Führerbau), седиштето на Нацистичката партија на Германија се наоѓала во „Кафеавата Куќа“ во Минхен. На нејзино место сега е поставена бела коцка. Нов „Документарен центар за историјата на националсоцијализмот“ е отворен на 30 април 2015, 70 години по ослободувањето од нацистичкиот режим.