1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Да се опијам и да заборавам на короната“

Александер Фројнд
19 февруари 2021

Проблеми, грижа за иднината, осаменост - или само досада. Поради короната, потрошувачката на алкохол е значително зголемена

https://p.dw.com/p/3pBuD
Deutschland Symbolbild Alkoholismus
Фотографија: U. J. Alexander/imago images

Информациите се целосно контрадикторни: пиварите не знаат каде да одат со пивото, бидејќи пивниците се затворени. Винарите исто така лелекаат затоа што се затворени  рестораните каде што можете да испиете чаша со добар ручек. Не делува ниту дека луѓето имаат причина да побараат утеха во алкохол: повеќе од половина од анкетираните германски граѓани во едно ново истражување велат дека само „малку“ или „воопшто не им пречат“ мерките за забрана.
Но, постојат и други истражувања. Според глобалното истражување за лекови спроведено минатото лето од скоро 60.000 луѓе во 11 земји (Германија, Франција, Велика Британија, Ирска, Австрија, Холандија, Швајцарија, Австралија, Нов Зеланд, Бразил и САД), дури 43 проценти признаваат дека сега почесто пијат алкохол, а 36 проценти од нив мислат дека сега пијат значително повеќе отколку пред короната. И тоа беше на почетокот на пандемијата.

-повеќе на темата: Меркел: Пандемијата е катастрофа на векот!

Тоа можат да го потврдат и германските психијатри и психотерапевти: се повеќе луѓе бараат не само алкохол, туку и секакви средства за смирување, од цигари па до барање то од лекарите да им препишат  „нешто за нивните нерви“. И кога станува збор за алкохол, во „нормални“ времиња, можеби сте пиеле по една или две чашки за време на вечерата - сега лесно оди и цело шише.

А може и нешто појако...

Според студијата „Ментално здравје во криза“ на здружението за здравствено осигурување кај компаниите, шест од десет терапевти утврдиле дека има повеќе проблеми со алкохолизам кај пациенти. Една третина од 154 лекари и психотерапевти утврдиле дека е значително поголем бројот на оние на кои ниту алкохолот не им е доволен, па посегнуваат по канабис, кокаин или халуциногени дроги.

Deutschland | Coronavirus | Symbolbild Bayern Alkoholverbot
Значително поголем е бројот на оние на кои ниту алкохолот не им е доволен, па посегнуваат по канабис, кокаин или халуциногени дрогиФотографија: Hans-Joachim Schneider/picture alliance

Постои голема грижа и за егзистенцијата и за здравјето, и затоа многумина „се дезинфицираат одвнатре“. А тука е и досадата: кога не знаете што да правите со себе, посегнувате по шише. И тоа доста рано: во времето кога луѓето одеа на работа имаше социјална контрола, но кога се работи од дома, никој не чувствува дали некој мириса на алкохол. И, ова не важи само за оние кои биле склони кон пиење и пред короната.

-повеќе на темата: Поради Ковид-кризата без работа или плата може да останат стотици милиони луѓе

Испитаниците во рамки на Глобалното истражување за лекови, како причина зошто сега пијат повеќе наведуваат „затоа што имаат повеќе време“ (42%) или „од досада“ (41%) . Сепак, некои признаваат дека причината се „грижите коишто ги мачат“. Проблемот е што во ерата на короната, вообичаените начини на справување со стресот исчезнуваат: излегување надвор, средба со пријатели или спортување. И штом еднаш ќе се најде „утеха“ во алкохолот, таа брзо може да стане опасна и да заврши со зависност, предупредуваат експертите.

Знаеме, се знаеме...

Лекарите и медицинските експерти неуморно повторуваат дека алкохолот е опасен. Според Светската здравствена организација (СЗО), таа зависност е одговорна за три милиони смртни случаи секоја година, еден милион само во Европа. Германскиот центар за здравствено образование (BzgA) советува да не се пие алкохол воопшто два дена во неделата и дека дури само една чаша вино всушност предизвикува штета на организмот.

-повеќе на темата: Германија останува во локдаун: Издржете... до лето

Мозок, срце, црн дроб ... Сето тоа страда од алкохолот. Ретко кој од оние што пијат не го знаат тоа, и тоа одамна. Но, во долгите денови на забраната поради пандемијата, тешко е да се најде смисла во одлуката „од сега да се живее само здраво“.