1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Промени преку приближување се можни

Александер Фројнд
7 март 2018

Многу брзото приближување меѓу Северна и Јужна Кореја е заслуга на јужнокорејскиот претседател Мун кој цврсто верува во „Пресврт преку приближување“ според германскиот пример, смета Александер Фројнд

https://p.dw.com/p/2tojj
Südkorea PK Moon Jae-in
Фотографија: Reuters/Jung Yeon-Je

Вџашеност или неверување: Во минатиот јули новоизбраниот јужнокорејски претседател ги изненади сите со неговиот таканаречен Берлински говор. Мун Џае Ин намерно го избра долго поделениот главен град на Германија во инаугуративното обраќање за неговата идна политика кон Северна Кореја: тој истакна оти верува во „промени преку зближување": Германија покажа дека и покрај сите неволји, никогаш не смее да постои сомнеж во помирувањето и повторното обединување. Неговиот Берлински говор во публиката предизвика зачуденост и збунетост во исто време. „Сонувач!“, „Визионер!“ или „Предавник!“ - фрчеа некои постари Корејци за време на инаку благонаклонетиот финален аплауз.

Зашто адвокатот за човекови права наспроти претходната конзервативна влада полага на дијалогот, разоружувањето и мирот. Јужна Кореја не се стреми кон растурање или апсорбција на Северот, туку повеќе станува збор за постепено проближување, порача Мун. Доколку е потребно во мали чекори со мерки за градење на довербата, бидејќи, како што нагласи,  најважно е повторно да се влезе во разговори. Може да има и потесна економска соработка и потсети на семејствата разделени од меѓукорејската граница, Северна Кореја може да учествува на Зимските олимписки игри и воопшто, тој би можел да се сретне со Ким Јонг Ун, истакна тогаш новиот јужнокорејски претседател.

Ваква подготвеност за дијалог, Мун сигнализираше токму во еден период во кој како новиот претседател на САД, Доналд Трамп така и севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун се натфрлаа со меѓусебни закани и навреди. Санкции ги следеа ракетните тестови, распламтени говори во Советот за безбедност на ОН, резолуции, впрочем сосема нормалното лудило, кое веќе со децении го доживуваме во однос на Северна Кореја.

Политиката на Мун одеднаш покажува резултати

 А вистински, никој не сакаше да верува во успехот на подадената рака. Дури и за дијалог подготвениот Мун мораше под повеќекратните севернокорејски провокации да бара натамошни заострувања на санкциите. Но, одеднаш оваа комбинација од тврдост и генерална подготвеност за разговори покажа резултат: во неговото новогодишно обраќање Ким изненадувачки изрази подготвеност да испрати делегација на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг.   

Freund Alexander Kommentarbild App
Александер Фројнд, автор на коментарот

Така одеднаш дојде до придвижување во блокираните односи. Најнапред имаше крута средба на воени делегации, потоа заедничко дефилирање на Олимпискиот стадион, заеднички спортски тим, па и шарм-офанзивата на сестрата на Ким. Неколку денови подоцна Ким лично прими на вечера висока државна делегација од Југот а сега и малата сензација: треба да има и заедничка средба на Ким и Мун, најверојатно веќе во април.

Повеќе на темата:

-Двете Кореи договорија самит за април

-Ким сака приближување на двете Кореи

-Историска средба во Пјонгјанг

И повеќе од тоа: за време на фазата на дијалог, Северна Кореја има намера да се откаже од ракетни тестови. Наводно може дури и да стане збор и за атомско разоружување, бидејќи не би имало  потреба за спорната нуклеарна програма, ако повеќе не постојат закани против Северна Кореја и  ако биде гарантирана безбедноста на севернокорејското раководство.

Американскиот претседател подготвеноста за дијалог, како и вообичаено ја коментираше на Твитер: „Ќе видиме, што ќе се случи“, напиша Трамп на оваа социјална мрежа,  и додаде дека можеби станува збор за „лажна надеж“. Но како што нагласи САД се подготвени да решително да одат во секоја насока.

Сега мора да се приклучат и САД

Разбирливо, претпазливост и натаму е потребна, бидејќи Северна Кореја останува непредвидлива. Но подадената рака на Мун донесе многу повеќе отколку „мавтањето со сабји“ на Трамп и Ким во последните месеци. Ова приближување не е заслуга на твитерџијата Трамп, а исто така и на сѐ помоќниот Ши Џинпинг во Кина. Сигурно дека дури заострените санкции го притиснаа Ким кон преговарачката маса, но потребен е и партнер, кој е подготвен за преговори. Сега Мун мора да ја убеди заштитничката сила САД исто така да направи отстапки и на пример веќе еднаш одложените заеднички маневри на јужнокорејските и американските сили пред портата на Ким, повторно да бидат одложени.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Само преку дијалог може да биде спречена ескалација. Сите мора да се придвижат, бидејќи во отворен конфликт би имало само губитници- пред сѐ на Корејскиот Полуостров. А по децении решенија од надвор, сега Корејците се тие кои би требало да решаваат за својата иднина, а не странските супер-сили. Меѓународната заедница притоа може делотворно да ги поддржи двете Кореи. Промени преку приближување се можни- тоа веќе го докажа германската историја.