Демаскирани „ќосињата“ пред домовите на пратениците
19 март 2018Не запираат протестите пред домовите на пратениците од мнозинството кои гласаа за Законот за употреба на јазиците. Полицијата постапува согласно со проценките, а надлежни институции прибираат докази за хушкачи кои ги поттикнуваат и организираат протестите и говорот на омраза, но и за оние кои заговараат физичко насилство, па дури и заплашување на малолетни деца на пратениците.
„Срамно и недостоинствено“, коментираат граѓани кои биле сведоци на протести пред домовите на народните избраници.
Еден од оние чиј дом беше „посетен“, е пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец. Го затекнавме на вечерна прошетка низ Припеп, штотуку вратен од Словенија. Поради службени обврски надвор од земјата, тој не бил присутен кога група протестирала пред неговиот дом во Прилеп. Тој нема дилеми каква е целта на тие протести.
„Преку вознемирување, дезинформации, манипулации и злоупотреба на чувствата на граѓаните, целта им е да го повртат изгубеното единство во нивната партија и да ја дефокусираат јавноста од приоритетите на државата - реформски процеси за евроатлантска интеграција“, вели пратеникот.
Разговорот постојано ни го прекинуваа граѓани кои го застануваа да го поздрават и да му изразат поддршка.
„Цврсто верувам во едно општество за сите. Никој не им се плаши на ваквите 'патриоти по професија'. Тие се 'силни' само во толпа и во мрак“, вели Локвенец.
За време на протестите, не била во својот дом во Прилеп ниту пратеничката Кети Смилевска. Таа присуствувала на семинар во Маврово, заедно со пратенички од сите парламентарни партии. Додека таму дебатирале за „градење мостови“, пред нејзиниот дом биле „издебатирани“ куп навреди и закани за неа.
„Живеам во станбен објект во кои има и други семејства. Ги вознемириле и нив, и моите малолетни деца, додека бев службено отсутна“, вели Смилеска.
Во нејзиното соседство се фрапирани од фактот дека во толпата која скандирала „предавник, предавник“, имало и двајца поранеши директори на основи училишта.
„Замислете, тие професори ги учат нашите деца на мир, соживот, толеранција... Каде е просветната инспекција да види какви пораки испраќаат овие професори“, прашуваат тие.
Кој протестира?
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конференција рече дека ВМРО-ДПМНЕ не стои зад протестите за Законот за јазици. Меѓу прилепчани ваквиот став наидува на потсмев.
„Нека демантираат колку сакаат. Цел Прилеп знае и кој ги организира протестите, и кој учествува во нив. Сите се декларирани членови на ВМРО-ДПМНЕ. Самите се сликаат, самите си објавуваат видео-снимки за да се пофалт. Земале и по некое дете од навивачка група, за да не биде дека се самo тие“, велат граѓани.
Кој стои зад протестите, напиша на Фејсбук и пратеничката на СДСМ, Фросина Ташеска-Ременски, чиј дом синоќа беше адресата за нов протест.
„Во координирана организација со ВМРО-ДПМНЕ, ОК на нивната партија од Карпош на чело со поранешниот и сегашниот претседател на ОК Карпош Сашо Лазаревски и Тони Јаревски (актуелен советник во Карпош), заедно со позната група на партиски активисти вечерва 'протестираа' со отров во устата и душата пред мојот дом. Нема да чекам никој да поднесе кривична пријава. Тоа ќе го направам јас лично со сѐ што поседувам како доказ за кажаното“, најави Ременски.
Толпата пред нејзиниот дом извикуваше „Дојде Ќосетo“, „Изрод“ „Предавник“...
„Тој фашизам и безобразлук ќе си го практикувате дома, зошто кај мене нема да ви помине. Од вечерва сум и Македонка, и Албанка, и Турчинка, и Ромка, и Босанка, и Влаинка и Србинка.., викајте ме како сакате, затоа што знам дека, им сакам добро на сите без разлика на вера и етничка припадност. Вие сте вистинските гробари на иднината и мирот на земјата и верата во која се колнете“, напиша Ременски на Фејсбук.
Говорот на омраза станува службен јазик
Груевски и патриотската бура во чаша вода
Глас на разумот
Но, ништо не е црно-бело. Зрак на надеж е повикот на разум и осудата на какво било насилство од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Дамчевска Илиевска, на нејзиниот Фејсбук профил.
„Не оправдувам насилство за кое било прашање. И секогаш го кажувам своето мислење, во интерес на сите граѓани, без оглед на партиската или каква било друга припадност. Да, добивам критики од граѓани, но секогаш објаснувам зошто нешто не треба да биде така. Оваа ситуација е опомена за сите нас, да работиме, да разговараме, да не ги игнорираме забелешките на граѓаните, да му дадеме предност на дијалогот, да ги подобриме комуникациите и да градиме повеќе мостови на соработка“, вели пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Верува дека состојбата брзо ќе се смири и ќе влезе во помирни води, дека низ разговор ќе се канализира гневот, и сите ќе се посветиме на прашања што ги засегаат граѓаните - здравство, образование, социјална политика...
Оваа поранешна директорка на ОУ „Живко Брајковски“ во Скопје, се надева дека моделот за меѓуетничка интеграција што го спроведувале во училиштето, и за кое добиле признание од Генералниот секратар на ОН, Бан Ки Мун, ќе стане модел кој ќе се преслика во општеството.
„Нема успех без соработка и заедништво“, порачува пратеничката.