1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Денко Малески: Не се уставобранители тие што кршеа глави

27 април 2021

Да се гради политика врз поделби е најлесната работа, големата работа е да се гради политика врз соработка меѓу политичките опоненти, вели професорот и прв министер за надворешни работи во независна Македонија.

https://p.dw.com/p/3scO1
Mazedonien Proteste im Parlament
Фотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev

Тоа мирно априлско утро, со ништо не навестуваше дека крајот од денот ќе заврши со тешка и крвава бура. Бидејќи, по „црниот понеделник“ (24-ти декември 2012 година), кога опозициските пратеници и новинарите насилно беа отстранети од собраниската сала, јавноста веруваше дека таков срамен и насилнички чин никогаш повеќе нема да се случи во македонското Собрание. Но, кога препораките за надминување на таквите состојби беа прогласени за „тоалетна хартија“, како да беше навестено дека не се исклучени „репризи“. За жал, тоа се потврди пет години подоцна, во уште потешка форма. По „црниот понеделник“, парламентот доживеа и „крвав четврток“. Сликите од кошмарот во храмот на демократијата - со насилство, со луѓе во фантомки кои спроведуваат „ред“ во законодавниот дом, со раскрвавени глави на пратеници, со искршен инвентар, со амбулантни возила и евакуација на пратениците, го обиколија светот вечерта на 27-ми април 2017 година. За ненаучените поуки од настаните кои оставија големи лузни во општеството, разговаравме со Денко Малески, професор и прв министер за надворешни работи во независна Македонија.

Mazedonien Denko Maleski ehemaliger Außenminister
Фотографија: DW/P. Stojanovski

ДВ: Завчерашниот протест за „слобода за уставобранителите“ поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, покажа дека и ретките и штури осуди на насилството од 27-ми април од страна на нејзини партиски лица, практично биле хипокризија. Како е можно по четири години од тој срамен чин, сѐ уште да има обиди насилството да се „нострифицира“ како уставобранителство?

Денко Малевски: Генерално земено, тоа е можно во општество кое што не успева да апсолвира ниту една сериозна тема, па сѐ останува недоречено и отворено за дебата, во кое, не само што не се верува во правната држава, туку не се верува во ништо. Тоа е можно во општество во кое политичките партии се раководат од начелото „со пријателите и кога грешат, против непријателите и кога се во право“, во општество каде во отсуство на либерална интелигенција народот е оставен на милост и немилост на партија кој ја цеди и последната капка патриотизам за личен и политички ќар. Навистина, не знам на кого мислеа учесниците на протестот во недела, но уставобранители секако не беа тепачите кои го влечкаа полумртвото тело на пратеникот Зијадин Села низ коридорите на Собранието, ниту оние кои им ги кршеа главите на шефот на тогашната опозиција Зоран Заев и оние околу него. Можат ли партиите да се согласат  дека демократијата значи броење, а не кршење глави? Не можат. Меѓусебно ќе си ги кршат главите за власт, додека не научат подобро. Кога ќе научат никој не знае, затоа што си имаме работа со тврди глави и слаби ученици. Опцијата да останат без власт и привилегии е неприфатлива, па макар пропаднала и државата.

Повеќе на темата:

-Лошо алиби на кукавиците

-Зијадин Села: Протестот е скандал, се поддржуваат кукавици!

-Иванов сведочеше за „крвавиот четврток“: Не знаев дека се подготвува упад во Собранието

Nord-Mazedonien Skopje | Protest der Opposition
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

ДВ: Постојано се потенцира нужноста од помирување во општеството, но тоа не само што не се случува, туку уште повеќе се зголемува поларизацијата. Зошто не успева помирувањето?

Затоа што со помирување политичарите само би изгубиле. Тие, имено, прво го сеат, а потоа на избори го жнеат гневот на народот. Тие живеат од поделби, а помирувањето би донело само неизвесности. Таквата политика на поделби ја препознаваме во оние застрашувачки креатури од млади луѓе кои секој ден, со своите агресивни и заканувачки настапи ја навредуваат интелигенцијата на сериозниот свет во земјата. Но, фатени сме во стапица. Системот го селектира типот на личностите во вака поделената македонска политика. Системот кој почива исклучиво на конфликт, а никако на соработка. Велат дека Рајнхард Прибе, шефот на експертската комисија на ЕУ, која го анализираше функционирањето на нашиот политички систем, укажал на главната слабост, констатирајќи дека секогаш и секаде кога покажувал со прст на дефектите, добивал ист одговор - другите се криви. Да се гради политика врз поделби е најлесната работа во Македонија и на Балканот воопшто. Тоа е дел од културата на нашите народи. Но да се гради политика врз соработка меѓу политичките опоненти е големата работа, рамна на научна фантастика. Политиката на соработка бара политичари просветители кои ќе го поведат народот во вистинска насока, не мислејќи на личен и партиски ќар. Дури нема ни доволно професори просветители кои што се подготвени да се издигнат над партиските интереси, да се спротивстават и да не станат дел од истиот тој систем кој произведува конфликт и агресија. Зошто? Од истите причини заради кои политичарите го прават тоа - личен ќар и себепромоција.

ДВ: Гледано од овој аспект, колку зад одбраната на уставобранителите" (за која се потребни конктретни правни постапки, а не протест), всушност се крие мобилизација исклучиво за партиски цели?

Ништо не е променето во политиката на ВМРО-ДПМНЕ од времето на Груевски. Освен што партијата е развластена. Никој од новото раководство не рече дека погрешната политика на „антиквизација“ толку високо ја крена цената на компромисот со Грција што фактички државата мораше да капитулира. Зборуваат само за капитулацијата, за која всушност сносат најголема вина како партија која од првите денови на независноста ја наметна играта наречена „името не го даваме“. Исплашени да не ја загубат смислата на своето постоење и не можејќи да се трансформираат во поинаква партија, сегашните раководители како ништо да не научиле за свирепите закони кои владеат со меѓународната политика. Сегашниот водач на партијата, Мицкоски, и потенцијален иден премиер, исто како и поранешниот Груевски, демонстрира елементарно непознавање на меѓународните односи. Па така, зад брегот на македонската политика сега се тркала еден обид, во пресрет на изборите, да се мобилизира народот во отпор кон Преспанскиот договор и промената на името. Таа „национална“ идеја треба да ги амнестира тепачите и иницијаторите на нападот врз Собранието кои организираа протестни собири, со денови насочувајќи ги масите кон законодавниот дом. Во таа желба да се дојде на власт не се важни судските одлуки и ништо не е важно освен самата власт. Истата таа власт која, кога ќе ја зграпчат, и нив ќе ги изеде затоа што како општество не сме успеале да изградиме еден пристоен демократски систем, туку не управуваат групи предводени од политичари за кои демократијата и демократските вредности се важни како ланскиот снег.