Десните популисти во подем – судбоносни избори за Европа?
25 мај 2019Оној кој деновиве патува низ Германија ќе доживее земја со две лица: има региони во кои вообичаено како и досега само на некои места има по некој срамежливо закачен изборен плакат и ништо повеќе. И потоа имате делови од земјата во кои од секоја бандера ве гледаат најмалку две насмеани лица, на секој селски плоштад има огромни билборди, а во саботите не можете да одите до супермаркет без да ве завлечка некој лик кој учествува во изборната кампања
Во што е разликата? Во 9 од 16 германски покраини во недела се оддржуваат и локални избори, а во Бремен ќе се избира и покраински парламент. Тука и само тука партиските табори со сета сила и средства се борат за секој глас и за секој мандат.
Другите избори се поважни за партиите
Што научивме од ова? И покрај сите говори за наводни судбоносни избори за ЕУ, се чини дека барем на германските партии место во локалните совети во Сар или Саксонија им е поважно од оние во Европскиот парламент. Дотолку повеќе, помалку заморната борба за европските избори не може никако да се спореди со напорите и поривот што го имаат во земјава за парламентарни избори.
Очигледно не баш поволни услови за да се достигне излезноста од речиси 48% која беше забележана на европските избори во 2014 година. Тоа за германски услови беше срамно мала бројка, но сепак пет проценки над ЕУ просекот. Со само 13 проценти излезност тогаш Словачка го држеше негативниот рекорд. Овојпат треба се да биде подобро веруваат експертите: на европско ниво забележлива е значително поголема мобилизација. Според нив причината за тоа е јасна: стравот од масовно вртење кон десно ќе биде мотив за граѓаните да излезат на гласање.
Висок одѕив = помалку популисти?
Уште ова да не беше заблуда. Речиси на сите избори во изминативе четири години во Германија има поголема излезност, па и покрај тоа десните популисти од АФД главно остваруваат добри изборни резултати. Претходно секогаш важеше правилото: колку поголем одѕив, толку е помал успехот на маргинализираните од политичкиот спектар. Но, од друга страна сега мора да се забележи дека десните популисти ги освојуваат гласовите на оние кои претходно не оделе на гласање.
Во секој случај резултатот кој ќе го остварат десните популисти ќе биде одлучувачка тема во недела навечер. Дали скандалозното видео од Ибица ќе има влијание врз гласањето во Австрија? Ќе освојат ли на европско ниво 20, а можеби и 25 проценти како што предвидуваат некои анкети? И ако ова се оствари што ќе значи тоа за ЕУ? Ќе биде ли тоа навистина почеток на крајот на успешната приказна на Европската Унија?
Обединети европски националисти?
Не, и покрај сите шокови, да се постигне резултат од 25% на европско ниво за десничарите не е баш така лесно. Првиот услов би бил европските популисти и националисти да се обединат во една фракција во Европскиот парламент. До сега имаше три.
Да се обединат националистите од сите земји? Контрадикцијата е очигледна, а опасноста од закана за ЕУ од Парламентот е соодветно ниска. Секоја националистичка или деснопопулистичка влада на земја членка може да предизвика многу поголема штета со блокада во Советот на министри или на средба на самит на ЕУ.
Не. За легитимитетот и идната сила на Европскиот парламент едно нешто е поопасно: најголемите омаловажувачи на демократијата и обединета Европа се оние на кои овие работи ништо не им значат, па поради тоа не одат ниту да гласаат.