Детската парализа сузбиена, но не и докрај искоренета
28 октомври 2005„Голтка вакцина е слатка – детската парализа е ужасна“ – слоганот требаше да покаже колку е едноставно ефикасно сузбивање на болеста. Полио погодува главно деца под петгодишна возраст. Вирусот е многу заразен. Многумина здрави возрасни ни не забележуваат дека го носат, но за децата тој е честопати смртоносен. Во еден од 200 случаи вирусот води до доживотна парализа; ако се погодени дишните патишта, пациентот умира. Болеста не може да се лекува, но со повеќекратни кампањи на вакцинирање можна е и до стопроцентна превентива.
Поради тоа Светската здравствена организација полага врз широки кампањи – досега и со огромен успех. Ако во 1988-ма година, според проценките, во светот беа регистрирани 350 илјади нови случаи на детска парализа, годинава се само околу 1400. Сепак, во Светската здравствена организација уште не се задоволни: „Целта беше до крајот на 2005-та да се искорени болеста. Но, летото 2003-та имавме ново избивање, кое започна во Нигерија и потоа се прошири во десет околни земји во кои болеста претходно беше искоренета. Од таму стигна и до рогот на Африка и Јемен, па се прошири и во Индонезија, каде во моментов имаме полио-епидемија“ – вели Оливер Розенбауер, портпарол на Организацијата.
Во погодените земји се спроведуваат нови кампањи на вакцинирање, што ќе продолжат се’ додека три години последовно нема да биде пријавен нов случај на заболен. Масовно вакцинирање не е едноставно да се спроведе, посебно во Африка вели Розенбауер: „Тоа е логистички предизвик. Мора да стигнеме до секое дете, се’ едно во колку и да е зафрлено место. Притоа, не е главен проблем нужното ладење на вакцината, туку воопшто да стигнеме до секое село“.
Хеле Јепесен