Децата- жртви на дисфункционални семејства
20 ноември 2015
Македонија е потписничка на „Конвенцијата за правата на детето“ од 1993 година. Барем на хартија, децата во Македонија имаат право на среќно детство, но, како е во праксата, имајќи ги предвид стотиците илјади дисфункционални и егзистенцијално загрозени семејства и невработени родители, кои не можат да им дадат ниту парче леб на своето дете? Дали децата во Македонија се повеќе гладуваат и се изложени на живот во сиромаштија? Професорот по детска психологија Љупчо Кеверески од Државниот универзитет во Битола вели дека социјалната, економската и другата ситуација во која се наоѓаат дисфункционалните семејства доведува до поголеми негативни последици врз детскиот развој.
„Дисфункционалноста на семејствата во Македонија е во најголема мера причина за загрозување на развојно-динамичките процеси на детето, како и за постигнување повисок степен на зрелост на личноста, кој означува воспоставена рамнотежа меѓу идентитетот и интегритетот на личноста. Почитувањето на правата на децата треба да биде на врвот на приоритети на секоја општествена заедница, па и во Македонија. Но, маргинализацијата на правата на децата во различни институционални контексти нас не потсетува дека тие треба да бидат и практично операционализирани и спроведени. Почитувањето на правата на децата треба да биде ’национална абецеда’ во нашето современо живеење, бидејќи преку неа младите учат за себе од другите и се доживуваат себе како ’скапоцен продукт’ на возрасните.“
Насилство и запоставеност
Професорот по социологија Илија Ацески од Државниот Институт за социологија од Скопје, вели дека децата, како најранлива категорија во општеството, доживуваат груби форми на насилство и во семејниот дом и надвор од него и оти тие се жртви и на социоекономската криза, невработеноста и сиромаштијата, кои удираат врз нивните семејства: „Децата се запоставени и во семејната средина и во општеството. Многу деца се наоѓаат на маргините на општеството, без можност и да се школуваат. Исто така, и самите институции не пројавуваат за нив грижа, која ќе биде на потребното ниво. Нема доволно механизми за правилна социјализација на децата, особено во училиштата. Затоа децата така се однесуваат и возвраќаат сурово и кон своите врсници и кон родителите.“
Колку што повеќе ќе наближува денот на парламентарните избори вгодина, толку повеќе ќе се гледаат на улиците во македонските градови и други слики: малолетници и деца со транспаренти организирани во групи, за време на кампањите и митинзите на политичките партии. Дали е ова злоупотреба на децата, како таа влијае врз нивната психа и натамошното оформување на карактерот, ако имаме предвид колкави количества насилства, омраза и општествена психопатологија се излеваат во изборните кампањи на политичките партии? Кеверески истакнува: „Младите се изложени на секојдневни општествено- политички, социо-културни, педагошко-психолошки, економски и други влијанија. Во тој контекст не се надвор од различни видови на злоупотреба. Една од се позабележителните видови злоупотреба е и искористувањето на младите во политички цели, кое се изразува во се помасовно нивно инволвирање, а тоа зборува за класична политичка манипулација. Изборните кампањи и другите собири се повеќе се физиономираат не според ефектите на содржинските пораки, туку според визуелно-сценски ефекти во кои младите се главниот декор. Секако дека законското санкционирање би требало да биде еден инструмент за регулација, но, сепак, семејството е оној најзначаен фактор, кој со своето влијание треба да го регулира однесувањето на детето во вакви околности.“
Ацески заклучува: „Ваквите политички злоупотреби на децата и младите мора да се регулираат со закон: со санкции и казни да се спречи, да не смее децата и младите да се туркаат во првите редови на митинзите на политичките партии, да не смее децата да се користат заради политичка пропаганда.“
Според податоците на Заводот за статистика, во Македонија има околу 347 илјади деца на возраст до 14 години. Од Првата детска амбасада Меѓаши велат дека се зголемува насилството врз децата, а годинава организацијата акцент става на превенција од врсничкото насилство.
„Ефектите од овој вид насилство се видливи во истиот момент кога тоа се случува и што може да има и трајни последици. Некои од децата социјално се изолираат, пројавуваат агресивно однесување во училиште, имаат намалена самодоверба, одбивање да се посетува училиштето“, велат од „Меѓаши“ по повод денешниот „Универзален ден на децата“.