1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дискриминирани во Србија, непожелни во Германија

Неманја Рујевиќ/сн11 август 2015

Повеќе од 90 насто од граѓаните на Србија кои бараат азил во Германија се Роми. Изгледите за успех им се речиси непостоечки, бидејќи ги сметаат за „економски бегалци“, иако проблемите што ги имаат се многу подлабоки.

https://p.dw.com/p/1GCo0
Фотографија: Daniel Bishton

Всушност станува збор за Драган. Во последните недели Драган е на насловните страници на германскиот печат, го пцујат во пивниците, а политичарите во интервјуата го критикуваат бидејќи наводно дошол да паразитира на германскиот даночен обврзник. Драган ги фаќа зраците на утринското сонце на клупата пред импровизираниот дом за прием на баратели на азил во Муфендорф, Бон. Сместувањето не лошо, вели. Пред неколку дена стигнал во Германија со сопругата и трите мали деца со една идеја- да бара азил. Што го довело овој Ром од Шабац толку далеку од дома? „Проблеми, брат, што друго!? Слушнав дека може да се добие азил, да се среди животот...“

Германско толкување

Драган всушност не се вика Драган. Зборовите треба да му се влечат од уста додека разговараме преку оградата од жица- обезбедувањето не пушта новинари внатре. Пред воопшто да објасни што го мачи, еден дојденец од Македонија дофрла: „Нема работа, само социјално.“ Драган, како и сите останати тука, наскоро ќе биде повикан на разговор во Канцеларијата за бегалци. Ќе има час или два да му објасни на службеникот како е да се биде Ром во Србија. Да раскаже за „провокациите и малтретирањето“ и да ги опише потценувачките погледи во очите на луѓето кога ќе се појави некаде да бара вистинска работа. „Ќе ја кажам вистината, како тебе што ти кажувам. Што ќе биде нека биде.“

Но нема да биде онака како што тој сака. Драган доаѓа од земја од ексклузивната листа на безбедни држави на која, ако им се верува на најавите на германските политичари, на Србија, Македонија и БиХ наскоро ќе им се придружат Албанија, Косово и Црна Гора. Покрај тоа, Драган е млад и здрав, а Германија на дојденците од набројаните земји им нуди привремена заштита само ако се тешко болни. „Се’ останато не спаѓа под Женевската конвенција која регулира кој е воопшто бегалец“, вели во интервјуто за ДВ , Манфред Шмит, шеф на Сојузната канцеларија за миграција и бегалци. Кај дојденците од регионот кој бирократски се вика Западен Балкан можат да поминат 1 до 2 промили од случаите.

Има и поинакви мислења во Германија. Да речеме она на професорот за меѓународно право Норман Пех, кој во март ја достави својата експертиза пред Уставниот суд. Таму се наведува оти Германија не само што тврдо го толкува бегалското право, туку директно ги крши директивите на ЕУ во кои пишува дека прогонството не мора да биде државно и организирано за да биде признато како причина за азил. „На балканските држави навистина не може да им се префрли дека ги погонуваат Ромите, тоа јас не го тврдам во експертизата. Но таму пишува оти цела палета мизерни ситуации во кои се наоѓа дел од населението всушност ги исполнува сите услови да се квалификуваат како кумулативен прогон“, вели Пех за ДВ.

Нека крадат таму и не одат на училиште

Ромите сочинуваат над 90 насто од барателите на азил од Србија, од Македонија и од БиХ пак овој процент изнесува над 60 насто. Според последниот попис, во Србија живеат 155.000 Роми, но таа бројка е далеку од реалната. Разни проценки одат до 500.000, а разликата во бројките во Националниот совет на Ромите за ДВ ја објаснуваат „мимикријата“ како одговор на страв. Условите во кои живеат Ромите се поразувачки- живеат главно во диви населби, без вода, здравствено осигурување, ретко со нормална работа. Половина од децата не одат, инаку во задолжителното, основно училиште, ни еден процент Роми немаат диплома од факултет. Оваа скандалозна статистика не ја наведува некој злонамерен критичар на српската власт, туку самата Република Србија во Стратегијата за подобрување на положбата на Ромите.

„Не постои поблаг начин тоа да се каже, но Ромите во основа се третирани како пониска раса“, вели социологот Дарио Хајриќ. Тој за ДВ наведува оти не постои општествена група во Србија за која се врзани повеќе предрасуди. „Почнувајќи од нехигиената, недоволната интелегенција, наклонетоста за крадење, па се’ до инцест, педофилија и силувања. Овие предрасуди не се карактеристични само за крајната десница- Ромите во секое истражување на меѓуетничката дистанца се на самото дно. Никој не ги сака за соседи, пријатели, колеги на работа или членови на семејство.“ Хајриќ поради тоа заклучува дека економските проблеми се само највидливи меѓу причините поради кои Ромите масовно ја напуштаат Србија и бараат заштита во други земји.

Примери на гол расизам не треба да се бараат долго. Само редакцијата на српски јазик на ДВ дневно добива по неколку навредливи коментари за „Циганите“ од читатели.

Салонски антициганизам

Се разбира, илузорно е нешто да се докажува со коментари од интернет, со оглед дека таму лесно се наоѓаат примероци од секаков вид. Но ни владејачките политичари не заостануваат многу. Почна така што Ивица Дачиќ, тогаш премиер, рече дека на овие луѓе професијата им е „лажни азиланти“, за сегашниот премиер Александар Вучиќ на крајот на јули со етнографски причини да ја објасни состојбата во која живеат Ромите: „Ромите се традиционално многу сиромашни. Други причини не постојат“.“

„Ако сиромаштијата е традиционална, причина за тоа може да биде или дискриминацијата- за што Вучиќ не кажа ни збор- или ненаклонетоста на Ромите со работа да излезат од сиромаштијата, што не само е невистина, туку и непосреден расизам“, вели социологот Хајриќ. Тој стравува дека заканата за суспензија на визниот режим, доколку се оствари, на Ромите би им донела досега најтешка стигма: „Како и секогаш, за оние кои се означени како проблем, решенија ќе нуди десницата, и тие нема да бидат убави. Бранот на екстремен десничарски популизам, кој Ромите ги третира како граѓани од втор ред, ги депортира и оградува, им служи како погоден аргумент на десничарите во Србија: доколку развиениот Запад ги тертира така, зошто не би можеле и ние?

Токму популистичките изјави на германскитеб политичари ја нервираат Лина Хифелман, која во Советот за бегалци им помага на барателите на азил во Бон и во Келн. Антициганизмот стана безмелку салонска појава, вели таа за ДВ. „За жал не станува збор само за баварската ЦСУ. На десниот раб се формираат разни групации, а и самото средиште на општеството сѐ погласно го говори истото.“ Оваа млада жена смета дека таквата атмосфера влијае и врз одлуките на Сојузната канцеларијата за бегалци. На нејзините службеници им е „испран мозокот“, вели Хифелман. Таа има можност да ги чита протоколите од сослушувањата на барателите на азил од Балканот и тврди дека има случаи во кои тие се однапред одбиени а службеникот само ги додава личните податоци на формуларот. „Објаснувањето за одбивањето е генеричко, копирано. Тука нема ништо индивидуално“.

Стандардните прашања и генеричкото одбивање го чекаат и Драган. Да, вели, слушнал на каков глас се Ромите во Германија. Чул и оти за нив се пишува како за економски бегалци кои доаѓаат за да ги земат своите 143 евра месечно по лице додека чекаат за азил, ама, вели, тој не дошол за тоа. „Можеби има и такви. Некои се такви, некои не се, некои навистина дошол поради некој проблем.“ За два или три месеца, кога ќе заврши целата процедура, Драган со семејството повторно ќе биде во Шабац. Тоа не го кажува, ама изгледа дека и тоа како го знае.