Длабоки реформи за излез од популистичка економија
8 април 2017Загриженост и потреба од преиспитување на движењата во македонската економија предизвика редовниот Извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан. Проектираниот раст на економијата за Македонија од само 2,8 отсто во 2017. година, што би било најниско остварување во споредба со земјите од регионот, укажувањето на потребата од структурни реформи и нормализирање на нивото на јавен долг, се дел од забелешките кои се анализираат меѓу домашните бизнисмени и економисти.
„Ова се сугестии дека треба да се стави крај на т.н популистичка економија“, вели претставник од бизнис секторот, кој поради импликации од дадена јавна критика, не сака јавно да зборува за „тежината и комплексноста на проблемот“.
Кризата го успорува растот
На ниво кое се издигнува над индивидуалните тешкототии со кои се соочуваат бизнисмените, за „големата слика“ на македонската економија зборуваат економистите.
„Предвидувањата на Светската банка се дека македонската економија во 2017. година ќе расте со стапка од 2,8%, односно со стапка до 3,3% во 2018. година, под претпоставка дека ќе дојде до разрешување на кризата“, вели универзитетскиот професор и академик, Таки Фити.
Главните ризици за идниот раст и развој на економијата се во поврзаноста на времетраењето на кризата и релативно слабиот раст на земјите од Еврозоната кои се главен надворешно - трговски партнер на РМ. Фити потсетува како се намалувале стапките на раст изминативе години: по релативно солидните стапки на раст во 2014. година (раст на реалниот БДП од 3,6%) и во 2015. година (3,8%), растот во 2016. година забавува и е сведен на 2,4%.
„Главна причина за пониската стапка на економски раст во 2016. година е намалувањето на инвестициите на секторот на претпријатијата поради загриженоста околу политичката состојба во земјата. Оттука, растот во 2016. година (од 2,4%) е главно придвижен од растот на потрошувачката на домаќинствата - пораст на вработеноста, платите, пензиите и потрошувачките кредити. Од секторски аспект, најзначаен придонес за растот има градежништвото, главно поддржано од јавно финансираните инвестиции во трите автопатишта“, укажува професорот.
Јавниот долг и понатаму се зголемува. Во јули 2016. година, Македонија издаде нова еврообврзница во износ од 450 милиони евра. Долгот расте и под дејство на владините гаранции за кредитите на државните претпријатија ангажирани во изградба на автопатиштата.
„Македонија се уште нема најавено јасна политика на фискална консолидација - напротив, се очекува до 2019. година јавниот и јавно - гарантираниот долг да достигне 55% од БДП. Иако кредитирањето продолжи да расте и во текот на 2016. година, структурата на кредитирањето е влошена на штета на македонските компании: поради кризата и банките и компаниите се попретпазливи кога станува збор за одобрување на кредити за секторот на претпријатијата. Извозот 'се држи' релативно добро, благодарение на странските директни инвестиции. Но Светска банка укажува и на значајни одливи на средства од земјата преку исплатата на дивиденди и репатријација на добивката. Сепак, дефицитот на тековната сметка на платниот биланс (во 2016. година 3,1% од БДП, наспроти 2,1% од БДП во 2015), во основа е покриван oд нето - странските директни инвестиции главно концентрирани во автомобилската индустрија во ТИРЗ“, констатира Фити.
Вработувања со фискални импликации
Според извештајот на СБ, остварениот пораст придонел кон креирање работни места во Македонија, но 80 отсто од нив се со активни политики на Владата што имаат фискални импликации, а и оние во странските директни инвестиции исто така се субвенционирани. Препорака е да се направи анализа за одржливоста на овој модел на креирање работни места. Стапката на невработеност изнесува 23,7%, но таа се уште е за околу 4 процентни поени под просекот на шесте земји на Западен Балкан. За Драган Тевдовски, универзитетски професор и претседател на Комисијата за економија на СДСМ, најзагрижувачка е токму анализата за долгорочните можности за раст на економијата, во која се потенцираат негативните тенденции на пазарот на труд, особено по заклучоците на ПИСА-тестирањето дека повеќе од две третини од 15-годишниците во земјава се функционално неписмени.
„Ова e повеќе од јасен показател дека мора да се спроведе сериозна реформа на образовниот систем на сите нивоа. Концептот треба да стави фокус на развојот на креативноста на децата. Од една страна, да се намали бројот на предмети кои непотребно ги оптоваруваат учениците, од друга - да се даде примат на математичките и јазичните предмети кои се клучни за развивање на најважните компетенции на децата. Секако, реформата мора да биде проследена со зголемување на инвестициите во јавното образование, но и многу посериозно внимание за тоа кој може да предава на деца“, дециден е Тевдовски.
Вториот важен аспект го гледа во потенцирањето во Извештајот дека за економијата е важно што поскоро да има решение на политичката криза.
„Економската активност на приватниот сектор е на вештачко дишење. Во извештајот има графикон кој јасно покажува дека економскиот раст на земјава е околу нула, ако се исклучат државните инвестиции во градежништвото. Ако на ова се додаде негативниот раст на реалните бруто-инвестиции и забавувањето на кредитирањето, состојбата е повеќе од јасна. Треба да се истакне дека кредитниот раст се одржува пред се преку кредитирањето на населението, а не на компаниите“, вели Тевдовски.
Тој ја потенцира важноста од реформа на приходната и на расходна страна на буџетот: реформата на даноците да се одвива паралелно со подобрување на ефикасноста на институциите, во фокусот на реформата на јавните трошења да биде подобрување на нивната структура, односно ефикасност, а првиот чекор - обезбедување на целосна фискална транспарентност.
Намалени капиталните инвестиции
Министрите од Владата задолжени за финсиски, економски и прашања поврзани со пазарот на труд, не се достапни да ги коментираат оценките во Извештајот на Светска банка, особено оние кои се однесуваат на клучните владини адути: капитални инвестиции.
„Фискалниот дефицит се намали, но на сметка на намалените капитални инвестиции. Уделот на капитални инвестиции се намали, додека тој на тековните трошења се зголеми во 2016. година, а 30 отсто од вкупните трошоци на Владата се за пензии“, велат од СБ.
Фискалниот дефицит во 2016. година е намален на 2,6% од БДП, наспроти 4% колку што беше предвидено со вториот ребаланс на буџетот во 2016. година. И според академик Фити, тоа намалување не е резултат на осмислена политика на фискална консолидација, туку на ниското извршување на капиталните расходи.
„Оваа тенденција (намалување на капиталните расходи и пораст на тековните расходи), исто така е негативна, бидејќи капиталните расходи упатуваат на попродуктивно владино трошење, за разлика од владината потрошувачка за тековни расходи, со што буџетот станува помалку одржлив“, констатира Фити.
Во Извештајот како ризици се наведени намалената продуктивност, стареењето на населението, намалување на активното особено на младото население, и намалување на едуцираното население. Економистите ги поддржуваат сугестиите на СБ дека наместо на фискална експанзија (краткорочни фискални стимули, т.е. раст на буџетските дефицити и јавниот долг) растот треба да се заснова на структурни реформи - подобрување на бизнис-климата, пораст на вештините на работната сила и подобро управување со јавните инвестиции. Односно, пред да се реализираат јавни проекти што одвлекуваат големи буџетски средства, да се направи комплексно истражување на трошоците и ефектите од нив.
Според СБ, за одржувањето на порастот во земјите од Западен Балкан и предизвиците поврзани со невработеноста, земјите треба да продолжат по патот на реформите. Потребни се фискална консолидација и структурни реформи за да се подобри ефикасноста на јавните сектори и да се зголеми конкурентноста на нивните економии. Реформите треба да се фокусираат на областите - пазар на трудот, деловно опкружување, ефикасност на јавниот сектор и глобална интеграција, но истовремено и да се осигури одржливата употреба на енергијата и природните ресурси. Од СБ сметаат дека инвестициите во инфраструктура и променетата извозна структура може да доведат до подобрување на продуктивноста, доколку структурните реформи почнат и бидат успешни.