1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Донбас: „Човек не знае кој од каде пука“

Ребека Барт / АРД
20 мај 2022

Еден подрум, 27 станари: Луѓето во Сјеверодоњецк се обидуваат да се засолнат од борбите, но цивили гинат постојано.

https://p.dw.com/p/4BcA6
Ukraine Krieg | Lage in Mariupol
Храната вообичаено се подготвува пред скривалиштата, со што дополнително се загрозува живототФотографија: Peter Kovalev/TASS/IMAGO

Жените имаат изградено мало огниште од тули, на само неколку чекори од нивното засолниште во Сјеверодоњецк. Во подрум живеат 27 луѓе. Тие на огништето пред вратата готват во мали групи. Во две тенџериња клокоти тенка супа. Жените постојано треба да трчаат назад во подрумот.

Во Сјеверодоњецк, во областа Луганск, некогаш живееле повеќе од 100.000 луѓе. Повеќето од нив денес се избегани. Наставничката Тамара Нестеренко клечи над тенџерињата додека паѓаат куршуми. Ги брише солзите од лицето. „На почетокот сè уште беше можно да се бега. Но, мислевме дека војната нема да трае долго - како во 2014 година. Каде можеме да одиме сега?“

Улиците се гранатирани, па затоа чекаат. Но, пукањето не престанува: „Човек не знае кој од каде пука“.

„Ме боли кога гледам како се уништува мојот роден град“

Повторно татне некаде во Сјеверодоњецк. Понекогаш ударите се многу блиску.

Овде веќе се водеа борби во 2014 година, но тоа не било ништо во споредба со она што жителите го доживуваат денес. Во текот на изминатите години градот се развиваше. Се доселија многу бегалци од таканаречените народни републики кои се контролирани од Русија. Фронтот во тоа време беше оддалечен само околу 40 километри, но тоа беше доволно за да се заборави војната.

Гувернерот на регионот Луганск, Серхиј Хајдај за АРД вели дека е роден во Сјеверодоњецк. „Ме боли кога гледам како се уништува мојот роден град.“

- повеќе: Зеленски: Донбас е комплетно разурнат, таму е „пекол“

Но, тој знае што е постигнато во последните години. Има голем напредок во работењето на болниците и градинките. „Затоа сум сигурен дека по нашата победа ќе обновиме сѐ во рок од пет до седум години“, вели тој.

Ukraine Krieg l beschädigtes Haus im Dorf Kalynove
Дали Сјеверодоњецк ќе стане втор Мариупол?Фотографија: Stanislav Krasilnikov/TASS/dpa/picture alliance

Челичарницата Азовстал треба да се урне

Но, во моментов никој не знае уште колку долго украинските војници можат да ги задржат своите позиции во регионот. Гувернерот Хајдај во минатото предупреди дека Сјеверодоњецк може да стане втор Мариупол. Руските војници сега ја презедоа контролата врз пристанишниот град на Азовското Море.

- повеќе: Пеколот на Азовстал: Сведоштво на евакуирана Украинка

Властодржецот во самопрогласената Народна Република Доњецк, Денис Пушилин, кани на прес-турнеја во Мариупол - пристаништето треба да служи како место за претовар на градежни материјали, кои, како што вели, ќе ги има многу. Логистиката изградена во пристаништето е многу важна, а локацијата сега се деминира, наведува Пушилин: „Сè се одвива според нашите првично поставени цели.“ Зградите на фабриката Азовстал треба да се урне. Според руските информации, досега се предале повеќе од половина од украинските војници кои биле забарикадирани таму. Украина досега нема коментар на ваквите маводи.