1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Донфрид: Иднината на Северна Македонија е во ЕУ

ЖА | МИА
28 април 2022

„Премногу се одолговлекува одржувањето на меѓувладината конференција со ЕУ. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ,“ порача помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид во Скопје.

https://p.dw.com/p/4AZIg
Nordmazedonien | Dimitar Kovacevski trifft Karen Donfried
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

 „Со ефективните политики за поддршка на народот во Украина и во согласност со надворешната политика на НАТО и на ЕУ, Северна Македонија даде уште еден силен аргумент дека припаѓа во НАТО и во ЕУ. Ова треба да биде препознаено и вреднувано од Унијата, со отворање на преговорите за Северна Македонија и Албанија, бидејќи проширувањето на  Европската Унија  со  Западен Балкан,  од геополитичка гледна точка е безбедносно прашање и е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и на ЕУ", констатираа на денешната средба македонскиот премиер Димитар Ковачевски и помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид.

На средбата во Владата присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз.

Nordmazedonien | Dimitar Kovacevski trifft Karen Donfried
Карен Донфрид со поддршка: Иднината на Северна Македонија е во ЕУФотографија: Regierung Nordmazedonien

„Силно ги поддржуваме вашите евроаспирации и сакаме што побрзо да се одржи меѓувладината конференција. Премногу се одолговлекува нејзиното одржување. Исполнивте тешки задачи, ги исполнивте реформите и заслужувате брзо да напредувате. Иднината на Северна Македонија е во ЕУ," порача помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид претходно, по денешната средба со македонскиот министер за надворешни работи,  Бујар Османи.

Таа ја пофали земјата и во однос на јасно изразениот став околу руско-украинскиот спор.

„Вие сте бранители на демократијата и на владеењето базирано на правила. Застанавте заедно со меѓународните партнери во поддршка на украинскиот народ. Знаете колку е важна слободата и повеќе пати сте докажале дека сте стабилен партнер. Ова е време на предизвици и можности,  Северна Македонија  покажа дека е способна да застане во одбрана на човековите права. Треба да го одржите темпото на реформите, но покажавте дека можете да се справите со предизвикот, подвлече американската помошник државна секретарка.

Донфрид го најави и стратешкиот дијалог на двете влади што треба да се одржи во Вашингтон.

Министерот Бујар Османи  исто така предупреди дека отсуството на напредок во евроинтегративниот процес ќе има сериозни последици за државата и за земјите од Западен Балкан, но отвора, како што напомена, и простор за штетни влијанија од трети земји поради што „забрзување на евроинтегративните процеси е значаен геополитички интерес и за нашите партнери“.

Посетата на Карен Донфрид, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД, е потврда за силната американска поддршка за регионалната стабилност и за важноста од понатамошна консолидација на демократските процеси во регионот, оценува и претседателот Ставо Пендаровски, кој исто така се сретна со Донфрид.