Доњецк сака мир
6 септември 2015Животот во Доњецк, најголем град во источниот дел на Украина, навидум се одвива нормално. Најлошите работи, претежно, се случуваат преку ноќ. Населението вели дека во утринските часови над нивните куќи прелетуваат проектили во насока на места, каде што е сместено тешко вооружување. Една жена, која живее во центарот на градот, вели дека ракети испалуваат војниците, како од едната, така и од другата страна. „Ноќе не се знае од каде се пука, а притоа страдаат луѓе“, вели таа жена.
Многу жители од областите во близина на граничната линија, сметаат дека нивните куќи ги погодиле проектили истрелани од единици под контрола на владата во Киев. Вака размислуваат и медиумите на проруските сепаратисти во Донбас, украински регион познат и под името Доњецки басен. Тие на крајот на август известуваа за претстојна голема офанзива на украинската војска и тврдеа дека претседателот Петро Пошенко сакал наводно лично, на 24 август, Денот на независноста, победоносно да влезе во Доњецк. „Луѓето непрекинато говорат за офанзива, но тоа е глупост“, вели еден жител на Доњецк, додавајќи дека Порошенко на 24 август имаше средби во Берлин.
Стотици илјади луѓе го напуштија Доњецк
Ноќите во кои нема пукање за населението се вистински благослов. По такви ноќи, луѓето почнуваат да се прилагодуваат на мирен начин на живот и да заборават на ужасните настани. Наутро децата повторно ги носат на училиште, одат на работа, додуша, само оние кои се’ уште ги имаат.
Според неофицијални информации, од некогашните 1,1 милион жители, во Доњецк сега живеат 600.000. Градот делува напуштено. Луѓето се собираат претежно на оние места на кои може да се купи нешто евтино. Дури и во поранешните луксузни бутици се продава евтина стока. „Мора да се радувате ако наутро се разбудите. Исто така, мора да се радувате ако се’ уште добивате плата или пензија или ако купите нешто евтино“, велат двајца пензионирани брачни сопатници. Поради високите цени на прехранбените артикли се‘ поголема е побарувачката по викендички со бавчи, во кои може да се одгледува овошје и зеленчук.
Граѓаните ги избегнуваат небезбедните линии на раздвојување
Насекаде во градот се забележуваат постери на кои се рекламира т.н. „Народна Република Доњецк“. Тие постери одамна не се обновени. Инаку, Доњецк е излепен и со огласи, во кои се нуди речиси се’: од подигање пари во украинските банки, до превоз до тие банки.
Денес е поедноставно и побезбедно од Доњецк до териториите под контрола на украинските власти да се дојде преку Русија, отколку директно преку линиите на раздвојување. „Поради блокадата мора да бараат други начини за излез. Сите внимаваат на себе и навикнати се на таков живот“, вели возач на автобус.
Поволности за криминалци и пензионери
Во т.н. „Народна Република Доњецк“ од Русија и натаму стигаат наводни хуманитарни конвои. „Веројатно во нив има прехранбени намирници, но и оружје. Како инаку сепаратистите би ги полнеле своите складишта“, се прашува Алексеј од Доњецк. Поради војната ја изгубил работата во една голема градежна фирма, а моментално преживува повремено работејќи мали работи.
Тој смета дека животот во т.н. „Народна Република Доњецк“ им одговара само на криминалци или лукави пензионери. „Многу од нив се сиромашни. Меѓутоа, не е тајна дека многумина успеаја да добијат две пензии, една од Украина и една од ’Народна Република Доњецк’. Криминалците во сивите зони секогаш се чувствуваат добро“, вели Алексеј. Уверен е дека на повеќето луѓе во Доњецк тешко им паѓа живот под гранати. Меѓутоа, тој не верува дека ситуацијата наскоро ќе се промени.
„Дефанзивна војна може вечно да трае“
„Политичарите преговараат, деловните луѓе се договараат, а на луѓето им гори под нозете“, вели жителка, која живее недалеку од линиите на раздвојување. Таа додава дека била против заминување на нејзиниот брат во војна и тоа на страна на „Народна Република Доњецк“. „Цело семејство безуспешно се обидуваше да го одврати од таа идеја. Тој сега не учествува во борбите и сега зазема влијателна позиција“, вели таа жена и наведува дека командантите заработуваат многу пари.
„Неодамна слушнав дека ситуацијата, како што е нашата, се нарекува ’дефанзивна војна’. Таа може вечно да трае. Ние и натаму вака ќе живееме. Едните сакаат да не’ ослободат, а другите, кои се овде, сакаат да не’ заштитат. А мајките страдаат.“