Евровизија 2019: Нашите Топ 10
Обложувалниците, фановите, па и цели нации се обидуваат да прогнозираат кој ќе победи на годинешниот натпревар на Песна на Евровизија. Нашите репортери Зилке и Рик ги избраа своите фаворити.
Блескав: Данкан Лоренс , 'Arcade' (Холандија)
Зилке: Меѓу многуте „млад човек пее балада“ песни оваа година, оваа е најдобра. Седнат зад пијано, Данкан започнува мирно, но кога ќе дојде до рефренот, тоа е како изгрејсонце! Песната останува певлива дури и во најдраматичните моменти. А момчето изгледа неверојатно. Веќе неколку недели тој е главен фаворит. Амстердам 2020 - доаѓаме?!
Прекрасен: Мајкл Рајс, 'Bigger Than Us' (Велика Британија)
Рик: Татковината на поп-музиката можеби конечно ќе ја прекине лошата серија на Евровизија. Со својот изглед, Мајкл Рајс не е типичен евровизиски претставник. Но тој прекрасно нијансиран соул глас во „Bigger Than Us“, е нешто посебно и парадоксално, можеби до финалето ќе биде уште подобар.
Забава: Михаела, 'Chameleon' (Малта)
Зилке: Јухуууу! Песна за танцување - регетон со електро микс и добро пеење. Михаела ќе танцува на сцената пред ѕидовите зад неа да почнат да ги менуваат боите - како камелеон. Дури и самата песна постојано го менува стилот. Добар диско хит, но без претерување: лесен, опуштен и нешто на кое би посакале да станете и да играте.
Импресивен: Махмуд, 'Soldi' (Италија)
Рик: Некои во италијанската влада го проблематизираа неговото учество на Евровизија поради тоа што Махмуд има египетски татко. Но, Махмуд е секако Италијанец, и музички. Насловот може да се преведе како „Пари“, а песната раскажува за проблематичен однос татко-син. Ретко болката и горчината биле поубаво изразени - а рефренот останува во главата.
Како сон: Карузел, 'That Night' (Латвија)
Зилке: За мене, најубавата песна од сите. Квартетот со двоен бас совршено ја носи песната, нудејќи оаза за нервите потресени од гласната конкуренција. Ме потсетува на Нора Џонс и нејзината "Sunrise." Се надевам дека публиката на Евровизија ќе го прифати тоа и ќе ѝ даде на Латвија добар пласман меѓу првите 10.
Волшебно: Тулиа, 'Pali się' (Полска)
Рик: Во „Огнот на љубовта“, четири девојки од Полска исполнуваат фолк нумера на мајчин јазик (урааа!). Традиционалните костуми одлично одговараат на целосно лудиот, пискав звук. Блендот на гласови е униформен, но никогаш монотон, и не мора да разбирате полски за да сфатите дека има ироничен тон. Нема ништо слично на оваа песна.
За танцување: Тамта, 'Replay' (Кипар)
Зилке: Минатата година во Лисабон, Елени Фуреира предизвика бранови ентузијазам со песната "Fuego" - и го освои второто место. Сите очи и уши повторно се свртени кон Кипар. Овојпат тоа е Тамта со "Replay." Повторување на минатогодишниот успех? Само доколку има одличен настап кој ќе остане запаметен, затоа што настапува прва.
Катарзично: Хатари, 'Hatrið mun sigra' (Исланд)
Рик: Меѓу толку медиокритетство, за мене оваа индустриска рок песна насловена „Омразата ќе победи" со нејзината анти-капиталистичка порака е ослободувачка.Од длабочината на неговата душа Хатари врескаат против лагите и измамите. Овие момчиња го кажуваат токму она што многумина го мислат овие денови - и тоа го прават недвосмислено.
Фантастично: Сергеј Лазарев, 'Scream' (Русија)
Зилке: Како и во 2016, тој ќе настапи на посебна сцена со многу специјални ефекти. Овојпат, песната е помалку импресивна, но тоа не го прикрива фактот дека Сергеј е дефинитивно најдобриот интерпретатор годинава. Тој исполнува три различни вокални октави со неверојатна леснотија. Хорот на крај потсетува на метал-балада. Јас сум задоволна.
Фасцинантно: Конан Озирис, 'Telemóveis' (Португалија)
Рик: Гласот и инструменталната придружба апсолутно не си одговараат - и тоа е направено брилијантно. Политоналноста и чудните смени на музичката фраза се многу привлечни, како што се и лудите костуми и хистеричниот танц. Во превод, песната има наслов „Мобилни телефони“. Јас не можам да престанам да ја слушам и ѝ ги давам моите 12 поени.