1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа почнува во Пловдив

Кристофер Неринг
16 март 2019

Во 2019 година Пловдив, Филипопел или Филипос, како што го нарекувале Грците и Римјаните, е една од двете европски културни престолнини. Кристофер Неринг одамна го познава градот.

https://p.dw.com/p/3F9iA
Christopher Nehring, Historiker, Berlin (©Susanne Schleyer / autorenarchiv.de)
Фотографија: Susanne Schleyer/autorenarchiv.de

Кога првпат стоев на еден од (денес само шест) пловдивските ридови, Бугарија уште беше далеку, уште не беше во ЕУ, ни на хартија, ни во главите, па така ни на мојот „радар“. Тоа беше моето прво патување во странство надвор од ЕУ од детски години. А светот може да биде и многу мал. Кога денес мислам на Пловдив, не мислам на Бугарија, туку на Европа. Мојот личен поглед на овој град во централна Бугарија, во долината на Марица, меѓу балканските и родопските планини, во судбоносната европска 2019 година го подвлекува она што ја прави Европа и ЕУ: нема решение за сите проблеми, ниту нивно отсуство, ниту она „живееја среќно до смрт“, но хоризонтот е проширен, просторот делумно е заеднички, делумно поделен, во него не е сѐ подобро, но многу нешта се сраснати.

Град на седум ридови

Во 2019 година ЕУ е повторно присутна во Пловдив, исто како во оние еуфорични денови на пристапот на Бугарија во 2007 година. Овој град, заедно со италијанскиот Матеро, годинава е културна престолнина на Европа. На Бугарија оваа чест ѝ припадна првпат, а вистинско чудо е што Пловдив успеа да ја исфрли од конкуренција дури и Софија. Пловдив, сместен на седум историски ридови, на кои трагови отавиле Трачаните, Грците, Римјаните и Османлиите, стекна поени со својата историја и културно значаење, а секако придонесе и неговиот историски амфитеатар среде Стариот град.

Надежта на Европа се врати во Пловдив, „Заедно“ е мотото на културната престолнина 2019, исклучително ентузијастички поздравено во Пловдив. Ако се погледне во било кој европски весник меѓу Порто и Букурешт, Даблин и Палермо, овој континент не го крепи баш заедништво. А надежта во поголемо заедништво, благо речено, некогаш беше поголема отколку во годинава на Брегзит.

Во општата криза на ЕУ, Бугарија не е ислкучок. Од еднастрана стотици илјади Бугари од влезот во ЕУ наваму заминаа во западна, северна и централна Европа. Како економски мигранти, студенти или – социјални мигранти. Додека дел од Бугарите во оваа или онаа форма профитираше од европската слобода на движење и солидарност, земјата се придружи на оние кои на миграцијата, сфатена како прилив на луѓе од земји вон ЕУ, гледа со посебна скепса.

Еуфорија на пристапот

Поминаа речиси 13 години откако Пловдив и Бугарија го пролавија влезот во ЕУ. Тогаш речиси сите беа сигурни дека сѐ ќе биде подобро, ќе има нови работни места, повисоки плати, а пониска корупција, поголем животен стандард, а помал криминал. Луѓето мислеа дека нема веќе да бидат Балканци, туку Европејци од прва класа, дека ЕУ некако ќе се погрижи за тоа.

Голем дел од овие надежи е изневерен. Се покажа набрзо дека ЕУ, освен топли зборови или предупредувања, малку може да придонесе за секојдневието на луѓето. Корупција, плати, инфраструктура и квалитет на животот и денес се нешта за кои сите и натаму мораа сами да се грижат. Ентузијазмот опаѓаше, се ширеше резигнација, и во Пловдив и во Европа.

Bulgarien Plovdiv - Altstadt am Abend
Стариот дел од Пловдив на зајдисонцеФотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

„Заедно“ како мото на европската културна престолнина Пловдив, според градоначалникот Иван Тотев, треба да опфаќа заедништво на религијата (православие, католицизам, еврејство и ислам) и на народите (Бугари, Турци, Роми и Ерменци) во Пловдив, со неговата илјадагодишна историја. Мотото метафорички се вклопува и во европското чувство кое влезе во криза. Она што раздвојува, било да станува збор за потекло, националност, религија, пол, сексуална ориентација, како во цел свет последниве години да доби поголемо значење отколку заедништвото. Досега Бугарија не даваше голем придонес во премостување на тие разлики, ни во земјата ниту во ЕУ. Дотолку поважно е мотото „Заедно“, ако од Пловдив дојдат нови импулси за европско заедништво.

Запознавање на Бугарија преку Пловдив

За мене лично, Пловдив тоа еднаш го успеа, го прошири мојот личен свет. Слично ќе биде и со многу туристи кои годинава ќе поминат низ овој град, преку него запознавајќи ја и Бугарија.

Тоа најдобро оди со ракија и шопска салата, национално јадење, домат, краставица и сирење, во боите на бугарското знаме. Чудно ме гледаа кога го споменав ова, очигледно не го приметиле порано. 

Храна и политика

Тука треба да се додаде и кашкавалот, жолт и бел, различни видови мезе, суџук, пастрма. А потоа скара, мусака, ѓувеч, ќофте, кебапчиња и свински врат. Сите овие јадења се многу важни. Тие не се само основа за угодно телесно чувство, туку и за политички дискусии, кои од комунистичко време, уште најрадо се водат в кујна.

Речиси е неможно да се помине повеќе од една недела во Бугарија, а да не се добие покана од некого за таква гозба.

А што би било подобар повод за тоа отколку во годината на  европската културна престолнина Пловдив 2019 „заедно" на бугарска трпеза да се расправа што е тоа што нѐ спојува или раздвојува во Европа. И со добро бугарско вино или ракија и добра доза хумор и иронија да се наздрави на Брегзит, кризата на ЕУ, миграцијата, социјалниот туризам, поразот на Бугарија од Германија во четвтрфиналето на Мундијалот 1994, кој во Бугарија уште френетично се слави.

Кристофер Неринг, роден во 1984 година, е раководител на истражувања во Германскиот шпионски музеј во Берлин. Студирал источноевропска и нова историја во Хајделберг и Санкт Петербург и во 2016 година докторирал на тема - историја на тајните служби.