Карван на надежта и егзодусот од Централна Америка
24 октомври 2018Карванот е составен од млади мажи и жени со деца кои бегаат од насилството, сиромаштијата и корупцијата во Централна Америка. Најголем дел се од Хондурас, а останатите од Ел Салвадор и Гватемала.
Низ години, мексикански групи за човекови права организираа слични карвани за да привлечат внимание кон страдањата на барателите на азил, повеќето од Централна Америка.
Но, годинешниот карван се чини е најголемиот досега. За разлика од групите во минатото кои најчесто беа организирани во Мексико, оваа започна спонтано во Хондурас со околу 160 луѓе кои побегнаа од градот Сан Педро Сула кој е под контрола на банди.
Групата достигна повеќе од 1.600 луѓе кога пристигна до границата со Гватемала, во најголем дел како резултат на медиумското внимание и пренесување на информациите од човек до човек.
Мигрантите се групираа за патот низ Мексико, верувајќи дека ќе бидат побезбедни доколку се движат во голем број заедно.
Опасно патување
Десетици централно-американски мигранти се жртви на банди кои ги киднапираат за откуп или страдаат од полицијата. Голем број ги губат животите на опасното патување. Карванот стануваат попопуларни и затоа што трговците со луѓе постојано ги зголемуваат цените за транспорт преку американската граница. Сумата во моментов изнесува околу 10 илјади долари.
Со години наназад годишниот карван беше организиран од групи во Мексико за време на Велигден со цел да се привлече внимание на страдањата на мигрантите.
Но, откако Трамп ја презеде функцијата во 2017 година, карваните започнаа да привлекуваат поголемо внимание во САД и пораснаа од неколку стотици на повеќе илјади луѓе.
На почетокот на годинава, мал караван успеа да стигне до Тихуана, каде повеќе од 200 луѓе побараа азил во САД.
Тема за кампањата во САД
На две недели пред парламентарните избори во САД, Доналд Трамп се обидува да ги искористи мигрантските карвани за да ја наметне темата за безбедноста на границите и да им даде поттик на републиканците.
Трамп ги обвини Демократите дека имале неуспешна гранична политика и се закани дека САД ќе им ја укинат помошта на Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор поради тоа што не ја спречуваат миграцијата. Трамп најави и дека ќе ја употреби армијата за да ги затвори границите.
Но, неговите критики, се чини, само ја зголемија бројноста на карванот.
Во меѓувреме, мигрантите бавно напредуваат низ Мексико. Групата е оддалечена околу 1.800 километри од најблискиот граничен премин кон САД, оној во Тексас, а доколку се одлучи да се упати кон Тихуана ги очекува двојно подолг пат.
Трамп вели дека на мигрантите нема да им биде дозволен влез во САД, но законите на САД им овозможуваат на оние кои бегаат од насилство да побараат азил.