1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економски проблеми на земјите во подем

Клаус Улрих/сн13 август 2015

Земјите во забрзан подем долго време беа сметани за придвижувачи на светската економија. Во меѓувреме им подзапира здивот. Претстојното покачување на каматите во САД е само еден од нивните проблеми.

https://p.dw.com/p/1GEHh
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Paranjpe

Наредниот месец се очекува американската емисиона Фед-банка да ги покачи каматите. За земјите во забрзан подем тоа е хорор сценарио. Досегашните гаранти за пораст на светското стопанство мораат со реформи и инвестиции да се подготват за тешки времиња, предупреди уште пред повеќе недели Светската банка во Вашингтон. Нивниот пораст годинава ќе изнесува 4,4 проценти, што е за 0,4 процентни поени помалку од проценките. Светската банка ја коригира прогнозата за Бразил за 2,3 процентни поени надолу. Бруто домашниот производ (БДП) таму ќе опадне за 1,3 проценти. Значително полошо е и во Мексико, Алжир и Турција.

Предупредување од Светската банка

Очекуваното покачување на каматите од страна на американската Фед-банка “би можело да го ограничи протекот на капиталот и да ги покачи трошоците за кредити“, вели Каушик Басу, главен економист во Светската банка. Поинаку кажано, инвеститорите ќе ги повлечат своите пари од несигурните земји во подем и порадо ќе ги вложат во САД, ако таму растат каматите и со тоа можат да се очекуваат повисоки ренти.

Светската банка прогнозира дека годинава севкупно во засегнатите држави ќе има за 1,8 проценти помалку инвестиции. Особено можат да страдаат првенствено земји кои како извозници веќе трпат поради ниските цени на суровини како нафта и јаглен.

Проблематиката на суровините

„Ако се погледа Бразил како извозник на суровини, во првиот квартал од годинава извозот уште одеше многу добро“, вели за ДВ Луц Карповиц, аналитичар за земји во забрзан подем во Комерцбанк. Напротив, кај извозникот на нафта Русија економските тешкотии се многу големи. Кина, пак, е пример на земја која користи големо количество суровини. „Не може сите да се стават во ист калап“, укажува експертот.

Покрај паднатите цени на суровините и каматната политика на Фед-банката, многу земји во забрзан подем и земји во развој ги оптоварува и слабата економска фаза во Кина - „една опасна мешавина“, како што пишува весникот „Ханделсблат“. Така, кинеската надворешна трговија во јули опадна за речиси девет провценти во споредба со истиот месец лани. Увозите од Индија и Бразил во првите седум месеци годинава паднаа за околу 23 проценти.

Со оглед на опаѓањето на кинеската побарувачка за суровини, паѓаат и цените на бакарот и железната руда. Тоа, според весникот, го чувствуваaт, покрај Чиле и Перу, исто така и богати земји како Австралија и Канада.

Различно изразени слабости

Слабостите на земјите во забрзан подем генерално се многу различно изразени: „Индија е многу добро позиционирана. Надворешно-трговскиот дефицит - повисока вредност на увозот отколку на извозот - е многу намален. Кога Индијците не би увезувале толку многу злато, би имале дури и трговски суфицит“, вели аналитичарот Карповиц. Индија, според негово мислење, е една од земјите кои во 2016 година дури би можле да остварат повисок стопански пораст отколку годинава. Работите добро стојат и во Индонезија и Малезија, земји „чија економска ситуација се поборува“.

„Критична е состојбата е во Русија“, оценува Карповиц. Таму многу работи зависат од тоа, дали националната емисиона банка ќе успее повторно да ја намали многу нараснатата инфлација. Во спротивно, „девизниот пазар ќе ја ’казни‘ рубљата и тоа ќе води до големи проблеми“, вели Карловиц.

Кина игра во повисока лига

Во Кина одредени грижи приредуваат знаците на слабеење на економијата и заканите што доаѓаат од пазарот на недвижности. Но, наспроти другите земји во забрзан подем, Кина, врз основа на енормните резерви, може да презема контрамерки и натамошно да го стимулира стопанството или, во случај на нужда, дури и да ги преземе дубиозните кредити. „За некоја земја секогаш е тешко кога ќе западне во проблеми и ништо не може да направи против тоа со сопствени сили. Во Кина сигурно не е така“, уверува Карповиц.

Фактор „време“

За другите земји во развој и во забрзан подем клучна улога при решавањето на нивните финансиски проблеми игра факторот„време“. „Ако тие веќе не можат да ги добијат парите што им се потребни за да ги платат големите увози, тогаш принудно ќе мораат да трошат помалку“, укажува експертот врз основа на искуствата од кризата во Азија на крајот на минатиот милениум.

Тогаш мошне бргу беа видливи значителни подобрувања во надворешно-трговскиот биланс. Но, вели Карповиц, тоа не беше резултат на подобрување на состојбата, „туку напросто затоа што немаше пари за уште поголеми издатоци“.

Тоа сепак води кон слабост на економијата. Но, севкупно со тоа беше запрена таа преголема потрошувачка. „Тоа е невреме кое прочистува“, сликовито оценува Карповиц и аргументира дека најголем дел од земјите потоа сепак релативно брзо повторно се опоравиле, а „некои од нив и до денес уште имаат суфицит во надворешно-трговскиот биланс“.