Експертите не сакаат покани на Фејсбук
31 јануари 2022Универзитетските професори Наум Пановски, Драган Даниловски и Вело Марковски ја одбија Фексбук-поканата на министерот за здравство, Беким Сали да бидат дел од Комисијата за заштита од заразни болести или пак негови советници. Тие му порачаа дека за оваа тема поинаку треба да се дискутира, а не преку социјалните мрежи. Дел од нив не сакаат да ја жртвуваат својата независност и на свој начин ќе продолжат да им помагаат на граѓаните, што полесно да ги пребродат последиците од Ковид-19 и пандемијата.
Каква е оваа покана?
„Каква е таа јавна покана? Се кани на состанок, се разговара, па потоа може јавно да објави што сака. Вака, прво новинари ми се јавија да ме прашаат за нешто што го немав чуено ни прочитано лично. Нормално на ваков начин секако не прифаќам“, вели професорот Никола Пановски одговарајќи на прашање во Фејсбук-групата „Ковид-19, искуства и совети“, којашто функционира од почетокот на пандемијата. Притиснати од здравствените препораки за социјална дистанца, во услови на широко распространет вирус, многумина се свртеа кон социјалните мрежи, кои прераснаа во „виртуелни ординации“. Во услови на пренатрупан здравствен систем, во специјализираните групи за Ковид-19 секојдневно се вклучуваат бројни здравствени работници и професори, кои на граѓаните им нудат стручен совет. Меѓу нив, најактивни се и неколкумината професори коишто добија покана да бидат дел од тимот на новиот министер за здравство.
Пановски вели дека прв услов било да не го бараат додека не се укинат сертификатите, на што повикува изминатиов период, откако нагло почна да се шири новиот сој Омикрон, кој го заобиколува и имунолошкиот систем на вакцинираните.
„Прво укинување на сертификатите, па потоа може да разговараме очи в очи“, вели Пановски за ДВ.
„А, за совети, давам на секого, секако и министерот ако бара совети, ќе ги добие. Министерот Филипче за две години само еднаш побара совет од мене и го доби во писмена форма, дури и јавно го објави“, вели Пановски.
Епидемилогот Даниловски неодамна порача дека Комисијата треба да носи извршни одлуки, а не заклучоци кои потоа треба да станат извршни со владина одлука. Со ваквиот став се согласуваат и останатите професори.
Д-р Марковски во изјава за дел од медиумите вели дека Комисијата е советодавна на министерот без суштинско влијание на какви било мерки. „Во 2020 година предложив комисија за Ковид-19 како владино тело чии одлуки ќе бидат задолжителни за сите, за жал тоа не беше прифатено. Од друга страна несериозно е да се покануваат експерти преку Фејсбук“, вели професорот Вело Марковски.
Не е време за молење
Беким Сали при денешната посета на Детската клиника, ја коментираше одлуката на докторите да не ја прифатат неговата јавна покана да бидат членови на Комисијата за заразни болести. Сали рече дека откако стапил на новата министерска функција, поголемиот дел од денот му е посветен на мерките околу пандемијата и надградување на Комисијата за заштита од заразни болести.
„Не е период за молење и лични дискусии и други начини на покани. Сега е период да засукаме ракави и да се справиме со пандемијата“, вели Сали. Според него, состојбата се следи и засега нема да се укинуваат вакциналните сертификати, со оглед на тоа дека изминативе десет дека има зголемување на бројот на новозаразени.
По преземањето на функцијата, новиот министер за здравство Беким Сали најави дека ќе го прошири составот на Комисијата за заштита од заразни болести, а во неделата (30.01.2022) преку социјалните мрежи порача дека непобитен факт е дека сегашните околности бараат засилено и координирано дејствување врз основа на стручни и реалистични проценки.
„Оттука, како министер најавував дека промените во ова тело ќе бидат во насока на проширување и дополнување на неговиот состав, со нови, професионални, кадри од повеќе области. Заради ефективност и успешност на овој процес, би сакал јавно да ги поканам и угледните професори д-р Драган Даниловски, д-р. Никола Пановски и д-р Вело Марковски да се приклучат како членови на Комисија за заразни болести и со тоа да придонесат во нејзината работа. Гласот на науката е клучен во борбата против ковид-19. Да го искористиме на најдобриот начин“, се вели во повикот на министерот. Доколку не можат да бидат дел од Комисијата, Сали им предлага да станат дел од неговиот тим на советници.
Ваквиот предлог доаѓа во период кога забрзано се шири новиот сој Омикрон и болниците повторно се полнат со ковид-пациенти. Сѐ поголем е бројот на оние коишто по двапати или трипати се реинфицирале со вирусот, а загрижува тоа што и вакцинирани со две дози се наоѓаат секојдневно на листата на починати од Ковид-19.