1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Експлозија на цените на струјата, гасот и нафтата за греење

Клаус Улрих
8 јануари 2022

Енергијата во Германија во 2021 поскапе како никогаш досега. Потрошувачите и стопанството се под големо оптоварување. По падот на економските активности на почетокот на пандемијата, уследи голема побарувачка по енергенси

https://p.dw.com/p/45GHk
Wort der Woche Dauerbrenner
Фотографија: Colourbox

Цените на електричната струја, гасот и нафтата за греење во Германија буквално експлодираа. Во рок од неколку месеци повеќекратно се зголеми големопродажната цена на гасот, достигнувајќи историски максимум. Причина се зголемената побарувачка и ненаполнетите складишта на гас во земјите кои се потрошувачи, но и намалената испорака на одделни производители на гас. Тука се и скапите емисиони сертификати.

Германскиот Сојузен завод за економија и контрола на извозот ги мери цените. Порталот за заштита на потрошувачите, Веривокс наведува дека цените од почетокот на 2021 се трикратно зголемени. А на краткорочниот пазар на гас во текот на годината цените на земниот гас се зголемени седум пати. Мегават час моментно чини 150 евра, а долгогодишниот просек на цената беше меѓу 10 и 25 евра.

Гасот во текот на годината поскап за 50 проценти

Веривокс истакнува дека трошоците на едно просечно домаќинство, кое троши околу 20.000 киловат часови годишно, во 2021 година биле просечно 1704 евра, а на почетокот на годината изнесувале 1.162 евра, што е пораст на цената од 47%. „Во 2022 ќе почнат да дејствуваат фактори кои дополнително ќе ја зголемуваат цената“, вели експертот за  енергија, Торстен Шторк. Освен големопродажните цени, се очекува пораст и на данокот на емисијата на јаглероден диоксид со употребата на фосилни горива, и тоа веќе од јануари, од 25 на 30 евра од тон. Шторк вели дека сето тоа снабдувачите со гас ги присилува на зголемување на цените, и тоа осетно. Според истражувањата на Веривокс, 515 од 700 фирми кои се занимаваат со снабдување со гас, најавиле дека од февруари ќе ги зголемат цените во просек за 23,1 %. При годишна просечна потрошувачка од 20.000 киловат часа, тоа значи годишно зголемување на трошоците за 339 евра.

Нафтата за греење поскапа за 41 процент

Слично се развиваа цените и кај нафтата за греење. 100 литри пред една година во просек чинеа 49 евра, а во декември лани цената беше 69 евра, плус од 41%. „Цената на нафтата за греење во суштина го следи развојот на меѓународната цена на нафтата. На почетокот на пандемијата таа падна на историски минимум. Моментно цената на огревната нафта е поголема отколку пред кризата“, вели експертот Шторк.

Цените на електричната енергија пораснаа за 18 проценти

Просечната цена на струјата од јануари до септември лани пораснала за 18,4 %. Просечно домаќинство со годишна потрошувачка од 4.000 киловат часови, за тоа на почетокот на годината морало да планира 1171 евро, а во декември цената била 1.386 евра. Со тоа сметките за струја за приватните потрошувачи се зголемени за 215 евра годишно. Веривокс констатира дека досега не постоела таква динамика на цените на годишно ниво. Според истражувањето, меѓу јули и ноември, цената на електричната енергија за потрошувачите петпати соборувала историски рекорд. А на пазарите за краткорочно купување, веќе се зборува за цена од 325 евра. Досега повеќегодишниот просек на цената се движеше меѓу 35 и 55 евра. 

Соларно село - 40 години живот без приклучување на електричната мрежа

На почетокот од годинава, данокот на киловат час за финансирање на обновливите енергии падна од 6,5 на 3,7 центи. Тоа просечното домаќинство го растовари на годишно ниво за 133 евра. Но во исто време пораснаа транспортните трошоци на електричната мрежа на ниво на цела земја за околу 4 %, достигнувајќи уште еден рекорд. Дури 280 од 800 локални снабдувачи со електрична енергија најавиле пораст на цената за февруари 2022 просечно за 7,6 %. Годишно тоа ќе го оптовари паричникот на потрошувачите за 100 евра повеќе.

Ware, Deutschland | Schiffspropeller-Hersteller MMG Waren
Од високите цени на енергијата страдаат и приватните потрошувачи, но и индустријатаФотографија: Bernd Wüstneck/dpa/picture alliance

Даноците исто така влијаат врз цените

Треба да се земе превид дека конечната цена во Германија се формира и врз основа на данокот и различни такси. Набавната цена на струјата и маржата сочинуваат само една четвртина од цената. Значи, најголемо негативно влијание на развојот на цената на електричната енергија има државата со своите даноци. Кај гасот тоа е поинаку, зашто производните и погонските трошоци се вградени во цената со 49 %, а кај нафтата за греење – со 59 %.

Евтините снабдувачи ја прекинуваат испораката

Снабдувачите кои водеа политика на ниски цени, еден по друг западнаа во финансиски тешкотии, зашто нивните ниски тарифи кои договорно ги нудеа не може да ги покријат сѐ повисоките набавни цени. Многу од нив прогласија инсолвентност, зашто немаат долгорочни договори со големите производители на енергија. Потрошувачите чиј снабдувач банкротирал, почнуваат да добиваат енергија од градските мрежи, но по неповолна тарифа за новите муштерии. На пример, келнскиот крупен енергетски концерн Рајненерги од почетокот на годината нуди струја за нови муштерии по цена од 72,8 центи за киловат час, наместо 30,76 центи. Овие големи снабдувачи ретко дозволуваат промена на тарифата, како што тоа беше можно порано. Од 5 јануари новите муштерии можат повторно да избираат меѓу неколку тарифи, но најевтината и натаму е 40 % поскапа отколку што ја имаат старите муштерии.

Повисоки цени и за индустријата

Многу индустриски фирми, големи и мали, имаат ист проблем. Илјадници од нив се се обезбедени со долгорочни договори, како што наведува весникот „Ханделсблат“, а кај некои од нив, исто како и кај приватните муштерии, снабдувачите се инсолвентни и не испорачуваат гас. Во весникот се цитира и изјавата на сопственикот на една поголема приватна фирма од Северна Рајна Вестфалија: „Растот на цените веќе во третиот квартал беше толку драматичен, што мислевме дека наскоро ќе почнат да паѓаат“. Овој производител од областа на машиноградбата, кој како и могу други, сака да остане анонимен, има годишен промет од две милијарди евра, и тешко се пресметал: „Предолго чекавме и го пропуштивме вистинскиот момент“. Неговата фирма следната година само во погоните во Германија ќе плати пет до шест милиони евра за струја и гас. Досега тие трошоци биле буџетирани со три милиони евра. Не треба да чуди што претприемачите не можат да го поднесат експлозивниот раст на цените, сѐ погласно бараатдржавна помош.