Енио Мориконе го отвора „Охридско лето“
12 јули 2009Реклама
Музиката од филмовите „Добриот, лошиот и грдиот“, „Беше еднаш на Дивиот Запад“,„Беше еднаш во Америка“, „Недопирливите“, „Мадалена“ и од уште петнаесетина филмови, компонирана од Енио Мориконе ќе прозвучи вечерва на Античкиот театар во Охрид, на отворањето на годинашното „Охридско лето“.
Славниот италијански композитор и оскаровец како диригент ќе го води унгарскиот филхармониски оркестар „Гјор“, на концертот на кој ќе настапи и Хорот на Македонската опера и балет и сопранот Сузана Ригачи.
Фестивалот за отворен ќе го прогласи неговиот покровител - претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Негови гости на отворањето на фестивалот се претседателите на Албанија и на Косово, Бамир Топи и Фатмир Сејдиу. Во текот на денот тие одржаа неформални средби.
Покрај Мориконе, во четириесетте фестивалски вечери ќе гостуваат музичари од 17 земји, од кои најголем дел првпат доаѓаат во Македонија.
Автор: СН/ГЧ/миа
Редактор: Симе Недевски