1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП бара „нуклеарна опција“ против Унгарија

ЕМФ / дв
12 септември 2018

Европскиот Парламент одобри постапка за проверка на правната држава во Унгарија. Европските пратеници во Стразбур одобрија активирање на политичката т.н. „нуклеарна опција“ со двотретинско мнозинство.

https://p.dw.com/p/34kh6
EU-Parlament für Sanktionsverfahren gegen Ungarn
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Сега со проблемот мора да се зафатат шефовите на држави или влади на ЕУ и официјално да одобрат почеток на постапката со која треба да се утврди дали и колку во Унгарија се прекршуваат принципите на правната држава. Таа постапка во бриселскиот жаргон се нарекува политичка „нуклеарна бомба“.

Според Европскиот Парламент, унгарската влада ја „глода“ правната држава и ги става под притисок невладините организации. За почеток на постапката против Унгарија гласаа 448 европратеници, против беа 197, а воздржани 48. За отворање постапка се изјаснија и голем дел од пратениците на Европската народна партија, иако партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан - Фидес е нејзин член.

Гласањето во ЕП следува по критичкиот извештај што пратеничката на Зелените, Јудит Саргентини, го направи по барање на Парламентот. Повикувајќи се на официјални наоди на институции како Обединетите Нации, ОБСЕ или Советот на Европа, Саргентини остро ја критикува владата на унгарскиот премиер Орбан. Таа оценува дека „во Унгарија има систематски закани по демократијата, правната држава и основните права“.

Во извештајот се укажува на ограничувања на слободата на мислење, на собирање и на истражување, како и на слабеење на уставниот и правен систем. Освен тоа, се критикуваат и постапките на унгарската влада кон невладините организации, а се набројуваат и прекршувања на правата на малцинствата и на бегалците, како и корупцијата.

EU-Parlament für Sanktionsverfahren gegen Ungarn
Фотографија: Reuters/V. Kessler

Во извештајот се констатира дека ризикот за прекршување на основните права на ЕУ е голем и затоа се препорачува постапка за проверка на правната држава во Унгарија согласно членот 7 од Европскиот договор. Таква постапка во декември минатата година беше отворена против Полска. Постапката теоретски може да доведе до губење на правото на глас на земјата во Министерскиот совет. Меѓутоа, пречките се големи. Во случајот на Полска досега имаше само едно сослушување.

Унгарската влада категорично ги отфрла обвинувањата. Премиерот Орбан во говор пред европските пратеници оцени дека извештајот има голем број фактички грешки. Орбан е уверен дека со постапката неговиот народ требало да се осуди поради тоа што не сакал да ја претвори Унгарија во доселеничка земја.