Ердоган бара 17.000 евра од Твитер и Јутјуб
19 април 2014Ердоган во тужбата социјалните интернет мрежи бара отштета од 50.000 лири, или 17.000 евра, како компензација за нарушување на приватноста и правата на неговото семејство, со тоа што тајни снимки биле раширени низ интернет просторот. Според Ердоган, овие снимки претставуваат прекршување на правото на приватност и слобода во комуникацијата. Во вчера поднесената тужба, Ердоган бара Твитер и Јутјуб да ги отстранат содржините кои ги загрозуваат неговите и правата на неговото семејство.
Владата на Ердоган минатиот месец воведе забрана на социјалната мрежа Твитер и на системот за размена на видео и аудио содржини Јутјуб, откако на нив беа објавени снимени разговори кои посочуваа на корумпираност на премиерот и на луѓе блиски до него. Во една од снимките Ердоган и неговиот син разговараат за криење на огромна сума на пари. Турскиот премиер ги негираше обвинувањата за корупција и рече дека некои од снимките се монтирани.
Забраната на Твитер беше укината на почетокот на овој месец со одлука на Уставниот суд на Турција, кој оцени дека блокирањето претставува кршење на слободата на говор, додека Јутјуб и натаму е блокиран, иако од судот има две одделни наредби за отстранување на блокадата. Пресудите Ердоган ги оцени како резултат на сојузништво меѓу судството и неговите противници.
И покрај објавените снимки, Партијата на правдата и развојот на Ердоган успеа да освои победа на локалните избори во Турција, кои се одржаа на 30 март.