Турција се закани со прекинување на договорот за бегалци
16 март 2017„Судот на ЕУ, Европскиот суд на правдата, започна крстоносна војна против муслиманската месечина“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во говор на телевизија.
„Европа се враќа во деновите пред Втората светска војна“, додаде Ердоган. Неговите ставови се критика на одлуката на Европскиот суд да дозволи забрана за носење на шамии. Судот деновиве пресуди дека одлуката на некоја фирма да забрани носење на шамија не претставува дискриминација.
Претходно, Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу синоќа се закани дека ќе го суспендира договорот за бегалците со ЕУ во време кога расте тензијата и се нарушени дипломатските односи со Германија и Холандија.
„Можно е да го откажеме договорот за повторно примање на бегалците. ЕУ ни го троши времето во врска со прашањето за либерализација на визниот режим. Во моментов не го спроведуваме договорот за повторно примање, а исто така го евалуираме и договорот за бегалците“, изјави Чавушоглу во телевизиско интервју.
Забелешките на Чавушоглу доаѓаат неколку денови пред првата годишнина од потпишувањето на договорот помеѓу Брисел и Анкара, со кој се овозможува нерегуларните мигранти од Грција да бидат вратени во Турција, во размена за сириски бегалци кои се веќе сместени во Турција.
Како дел од договорот, Брисел вети дека ќе го забрза процесот на пристапување во ЕУ и визната либерализација за турските граѓани.
Сепак, односите помеѓу ЕУ и Турција беа нарушени откако Германија и Холандија не им дозволија на турски политичари, вклучувајќи го и Чавушоглу, да одржат митинзи за референдумот кој е закажан во август, со кој би се прошириле ингеренциите и моќта на претседателот во Турција.
„Исплашени од мигранти"
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на одлуката на Холандија да го забрани митингот во Ротердам одговори со тврдење дека „духот на фашизмот“ се шири низ Европа.
„Европа е на пат да биде удавена во своите стравови“, изјави Ердоган во телевизиски говор. „Туркофобијата се зголемува. Исламофобијата се зголемува. Тие се уплашени и од мигрантите кои таму бараат засолниште“.
Анкара ги суспендираше врските на високо ниво со Амстердам и го блокираше холандскиот амбасадор во Турција да се врати на својата позиција по напуштањето на земјата.
Повеќе од еден милион мигранти влегоа во ЕУ во 2015 година, голем дел од нив бегаат од конфликтите и екстремната сиромаштија во Блискиот Исток, Африка и Азија.
Пред затворањето на т.н. Балканска рута на почетокот на 2016 година, значителен дел од мигрантите кои пристигнуваа во ЕУ доаѓаа од егејските брегови на Турција.
И покрај критиките на организациите за заштита на човековите права, политичките лидери во Европа го нарекоа договорот за бегалците со Турција како успешен маневар, велејќи дека помогнал да се деескалира политичката криза помеѓу земјите членки на ЕУ по прашањето за тоа како да се сопре бранот на миграција