1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган не попушта околу Твитер

СН/ат/ртр/миа/ап8 април 2014

На турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган не му се допаѓа укинувањето на блокадата на социјалната мрежа Твитер во неговата земја и не ја прифаќа соодветната пресуда на Уставниот суд на Турција.

https://p.dw.com/p/1BdlL
Фотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган денеска (8.04) реагираше на одлуката на Уставниот суд на Турција за укинување на забраната за пристап до Твитер во земјата критикувајќи ја како погрешна. Тој смета оти одлуката треба да биде поништена.

„Одлуката треба да биде корегирана“, нагласи Ердоган на состанок на парламентарната група на неговата Партија за правдата и развојот. Турскиот премиер уште истакнал дека уставните судии не ѝ направиле добра услуга на правдината со тоа што повторно овозможиле пристап до социјалната мрежа.

Турскиот Уставен суд минатата недела ја укина забраната за пристап до социјалната мрежа, која беше воведена во март, нагласувајќи оти со неа се прекршува слободата на изразувањето.

Пристапот до Твитер беше блокиран, откако на социјалната мрежа беа објавени пиратски снимки на телефонски разговори на Ердоган и негови блиски соработници во врска со скандалот за корупција. Турската агенција за телекомуникации по одлуката на Уставниот суд повторно овозможи функционирање на Твитер во Турција. Истото беше направено и со видео-порталот Јутјуб кој истотака беше привремено блокиран, а сега во најголем дел може да се користи без проблеми.