1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Ердоган посеа ветер и жнее бура

Баха Гингер
3 јануари 2017

Во Турција синџирот на страотни терористички напади едноставно не запира. Коментар на Баха Гингер

https://p.dw.com/p/2V9hj
Türkei Anschlag Nachtklub
Фотографија: Reuters/O.Orsal

Долго пред да бидат одбројани последните секунди од старата година во прозападно ориентираните општествени слоеви во Турција, веќе се беше најавил катастрофалниот терористички напад врз елитниот клуб „Реина“. Во изминатите недели на социјалните медиуми, шарлатани со имиња „Имам“ или „Оџа“ остро ја критикуваа прославата за Нова година. Притоа тие не се воздржуваа поддржувачите на западниот начин на живеење да ги прогласат за „неверници“, а со тоа и за цели на страшни акти на насилство.

Теророт ќе продолжи

Така прашањето гласеше, не дали, туку каде вооружените исламистички терористи ќе нападнат во Новогодишната ноќ. За да биде спречено крвопролевањето полицијата во Истанбул распореди 17 илјади свои припадници. Но, токму пред „Реина“ стоеше само еден полицаец, кој беше застрелан од напаѓачот, а потоа произволно убиваше и рануваше луѓе. Теории на заговор веројатно не недостасуваат. Факт е меѓутоа дека Турција е исправена пред најтешката внатрешно-политичка криза, односно најголемиот хаос од нејзиното основање во 1923 година.

Заслепен од целта, Турција да ја претвори во претседателска република и себеси да се издигне како единствен владетел со земјата и народот, погрешните калкулации на Ердоган водат едно по друго кон самоуништување. Времињата, во кои Ердоган како реформатор предизвикуваше воодушевување во ЕУ, а со тоа и во Германија, одамна завршија. Наместо политички и економски стабилна, западно-ориентираната Турција да ја води во ЕУ, тој неповратно ја прокоцка довербата во неговата личност. Наместо да го зацврсти некогашниот курс на помирување со Курдите, тој се одлучи за директна конфронтација. Од  парламентарните избори на 7. јуни 2015 кои фактички беа анулирани по негова иницијатива, во терористички напади во Турција загинаа близу 1.500 луѓе, стотици беа повредени. Најновото злосторство на Босфорот покажува дека крајот на убивањето ни оддалеку не е на повидок.  Реалистичките проценки на ситуацијата велат дека годинава треба да  се стравува од многу нови напади. Последиците за економијата, за јачината за националната валута- лирата и конечно за туризмот веќе сега болно се чувствуваат.

Предизвикот Сирија

Пресврт за Ердоган повеќе не е можен. Тој сега мора на страната на Русија во Сирија да води борба против Исламска држава до горчливиот крај.Борба против организација, која Ердоган и неговите приврзеници на почетокот ја третираа со свилени ракавици, а од која сега повеќе не можат да се ослободат.  Турската армија истовремено се бори и против сириските Курди, за да им оневозможи да воспостават контрола врз поголемо споено подрачје по должина на турската граница. На внатрешен план продолжува  борбата против ФЕТО, движењето на некогашниот политички сопатник на Ердоган и свештеник, Фетула Ѓулен, кое е прогласено за терористичка организација. Повеќе од 100 илјади државни службеници се отпуштени или суспендирани, преку 40 илјади луѓе се уапсени, осомничени дека се или биле членови на ФЕТО. Убедливи докази за тоа досега нема.

Guengoer Bahaeddin Kommentarbild App
Баха Гингер

Ако Ердоган сака барем малку да ја поврати довербата на внатрешно и на надворешно политички план, мора добро да размисли. Тој имено не треба да се задоволува само со писмено соопштение по терористички напади како овој за Новогодишната ноќ, туку при истрагата по сторителите и лично да се ангажира. Тој треба не само да се дистанцира од заканата кон оние кои ги почитуваат европските вредности и преферираат поинаков начин на живот, туку треба и да ги придвижи правосудството и полицијата кои му се подредени за ефикасно да се спречат отворените закани од луѓе и институции. Исто така не треба при секоја пригода јавно да се обвинува ЕУ и пред сѐ Германија  дека ги поддржуваат терористичките организации и им даваат прибежиште. 

Владеење на произволност

Правна држава во Германија значи дека правосудството и безбедносните служби се обврзани недвосмислено да им ја докажат вината на обвинетите лица пред тие да смеат да бидат осудени. Но, во  Турција веќе и самото размислување контра државната власт се смета за казнено дело и со себе повлекува апсење и притвор. За повторно да стекне слобода, индивидуата мора самата да ја докаже својата невиност. Затоа повеќе од 170 новинари, писатели и научници се зад решетки и мораат под условите поставени со  вонредната состојба да издржат и до петдневни сослушувања, пред да смеат да контактираат адвокат. На таков начин Турција нема да може да се носи со предизвиците на 21. век.