ЕУ: Посилна, поединствена, посолидарна
25 март 2017Без оглед на Брегзит, бегалската криза, различните брзини на развој и политиката на одделни држави, како Унгарија и Полска, шефовите на држави или влади на земјите-членки на ЕУ се оптимисти. На почетокот на свеченоста денеска (25.03) во Рим потпишаа заедничка декларација . „Ќе славиме и 100-годишен роденден на ЕУ“, изјави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во италијанскиот главен град. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск ги повика 27-те членки на Унијата да преземат водечка улога: „Докажете дека сте водачи на Европа, дека можете да се грижите за огромното наследство кое го добивме пред 60 години од хероите на европското единство.“
Заеднички ангажман
Австрискиот канцелар Кристијан Керн побара засилен знгажман: „Како единки немаме никакви перспективи. Европа ќе биде силна само ако сите земји дејствуваат заеднички. Мора да постои солидарна заедница.“
И литванската претседателка Далиа Грибаускаите е оптимист: „Европа отсекогаш била изложена на предизвици. Но, секогаш преживувала и ќе трае вечно.“
Меркел: Ралични брзини, но заеднички правец
Германската канцеларка, прагматична како и секогаш, потсети на тешките задачи исправени пред ЕУ. Таа ги повика сите држави од Унијата во заедничко совладување на бегалската криза: „Европа мора да најде заеднички решенија“. Во интервју за италијанската телевизија, Ангела Меркел инсистираше дека во една солидарна заедница, секој мора да даде свој придонес, во рамките на своите можности.
Меркел ја истакна и нужноста од побезбедна и посилна Европа. „Нашата желба е постоење на сигурна, заштитничка Европа, мораме подобро да ги заштитиме нашите надворешни граници, сакаме економски силна Европа“. Заложбата за „Европа со различни брзини“ во никој случај не значи дека Европа нема да биде заедничка, истакна канцеларката. Интенцијата на Меркел и останатите водечки политичари е со заедничката декларација да го трасираат и курсот на ЕУ во идните десет години.
Декларацијата не содржи конкретни решенија за идното уредување на ЕУ, но нејзината цел е демонстрирање единство и одлучност за натамошна изградба на Унијата. Во Рим всушност почнува процесот на консултации околу иднината на ЕУ, кој би требало да заврши на крајот на годинава, откако ќе бидат познати исходите од претседателските избори во Франција и парламентарните избори во Германија.
По референдумот во Велика Британија, на кој мнозинството се изјасни за излез од ЕУ, британската премиерка Тереза Меј не присуствува на свеченостите во Рим. Во градот се закажани протести на проевропски групи и евроскептичари.
Шефовите на држави или влади на ЕУ синоќа ги прими папата Франциско, повикувајќи ги на солидарност и осудувајќи го затворањето на границите заради одбрана од оние кои сакаат подобра иднина за себе и за своите блиски.
Со Римските договори од 1957. година се удрени темелите на денешната ЕУ. Потписнички биле Германија, Франција, Италија и земјите од Бенелукс.