ЕУ треба да ги затвори сите електрани на јаглен до 2030
23 февруари 2017Во 2015 година, речиси сите земји од светот го потпишаа договорот од Париз во кој се согласија да го ограничат глобалното затоплување на максимум 2 степени целзиусови.
Заедничкиот став на земјите е дека е потребно да се намалат климатските катастрофи и да се заштитат човечките животи, особено оние на идните генерации. Дел од Парискиот договор е брзо намалување на емисијата на јаглерод диоксид и брзо напуштање на користењето на фосилни горива.
За прв пат во историјата, институтот за истражување на климата „Клајмат аналитикс“ направи пресметка за тоа како би изгледало ефективно напуштање на користењето на фосилни горива.
Со цел да се остварат преземените климатски обврски на ЕУ, студијата се фокусира на одржување на глобалното затоплување на 1.5 степен целзиусов до крајот на овој век.
Но, остварувањето на оваа цел нема да биде лесно. Освен што е потребно емисијата на јаглерод диоксид да биде сведена на нула до 2050 година, потребно е и негово отстранување од атмосферата со масовно пошумување.
Препорачливо е брзо исфрлување на јагленот од употреба
Јаглеродниот диоксид најчесто се испушта во атмосферата при согорувањето на горива, масло и јаглен. Експертите за енергија велат дека производството на струја со јаглен, кое е многу штетно за климата, може лесно и адекватно да биде заменето.
„Најефтиниот начин за ЕУ да ги намали емисииите е да го исфрли јагленот од енергетскиот сектор и да го замени со енергетска ефикасност и обновлива енергија“, изјави Паола Јангуас Пара, една од авторките на извештајот.
Но, нов извештај на Евростат покажува дека Европа е загрижувачки зависна од увоз на енергија надвор од регионот и дека има постигнато скромен напредок во однос на користењето на фосилни горива.
Всушност, извештајот покажува дека фосилните горива зафаќаат три четвртини од потрошувачката на енергија во ЕУ во 2015 година, што значи дека фосилните горива се главниот извор на енергија во Европа. Според Евростат, нивното учество во потрошувачката се намалило во последните три децении, како резултат на воведувањето на технологиите за обновлива енергија – од 83 проценти во 1990 на 73 проценти во 2015.
Истовремено се зголемила и зависноста на Европа од увозни фосилни горива. Високи 73 проценти од фосилните горива користени во ЕУ во 2015 биле од увоз, споредено со само 53 проценти во 1990 година.
Овие бројки се на иста линија со пресметките на „Клајмат аналитикс“ кои проценуваат дека максималната количина на јаглероден диоксид кој може да биде испуштен во атмосферата во ЕУ е 6.5 милијарди тони - доколку ЕУ сака да ги оствари поставените климатски цели. Моментално, годишните емисии на јаглероден диоксид од електраните на јаглен во ЕУ изнесуваат околу 0,8 милијарди тони.
Како изгледа идеалниот план за исфрлување на јагленот од употреба?
Студијата на Клајмет аналитикс препорачува: до 2020 година, 25% од активните електрани на јаглен да бидат затворени, до 2025 да бидат затворени 47% - што значи дека последните три електрани на јаглен во ЕУ ќе треба да бидат исклучени во 2031 година.
Според научниците, овој амбициозен план најдобро би бил постигнат со зголемување на количината на обновлива енергија и воведување на стабилна рамка за нови инвестиции.
Истражувачите признаваат дека за да се остварат овие промени во енергетскиот сектор ќе биде потребен значителен износ на финансирање, но дека ваквата промена ќе донесе економски, социјални и еколошки придобивки за сите.
„Предизвикот за Европа е да капитализира од големите инвестиции во климатската политика, да ги зграби можностите од исфрлувањето на јагленот од употреба, со цел сите европски региони да остварат бенефит од тоа“, вели Бил Хер од Клајмет аналитикс.
Германија и Полска клучни за успехот
Двете најважни земји за успешно спроведување на планот за исклучување на јагленот од употреба се Германија и Полска. Имено, половина од електраните на јаглен во Европа се лоцирани во овие две земји. Заедно, тие се одговорни за повеќе од половина од емисииите во ЕУ.
Според студијата, енергетските компании во Германија треба да ги исклучат електраните на јаглен многу порано отколку што беше планирано.
„Нашата анализа покажува дека овие електрани треба да бидат изгасени пред крајот на периодот на нивната инвестициска исплатливост со цел да се остварат климатските цели дефинирани во договорот од Париз“, изјави Никлас Роминг еден од авторите на извештајот.
Германската влада е свесна за предизвиците. Таа веќе нареди затварање на пет стари електрани до 2019. Климатскиот акциски план 2050 на Германија, кој воведе конкретни цели за намалување на гасовите кои предизвикуваат ефект на стаклена градина ги покажува конкретните чекори кои треба да бидат преземени. Сепак, плановите за целосно исклучување на јагленот од употреба се контроверзни и затоа донесувањето на одлуките се одложува по оддржувањето на федералните парламентарни избори годинава.
За разлика од Германија, владата на Полска сѐ уште планира да ги користи електраните на јаглен како еден од главните столбови на идното снабдување со енергија. „Имплементирањето на парискиот договор значи дека Полска не може да продолжи со своите планови за градење на нови електрани на јаглен и наместо тоа треба да почне со исклучување на јагленот од употреба“, изјави коавторот на студијата од Полска, Анджеј Анцигиер.
Според Анцигиер, транзицијата на полскиот енергетски сектор ќе биде голем предизвик. Но, имајќи предвид дека трошоците за енергија од ветер и сонце се значително намалени и дека „Полска има одличен потенцијал за производство на енергија од биомаси“, енергетската транзиција е можна.
„Алтернативите за обновливата енергија и енергетската ефикасност ќе донесат витални социјални и економски придобивки“, изјави Анцигиер.
Според него, ЕУ треба да и помогне на Послка да ги развие овие алтернативи.