ЕУ ќе го замрзне имотот на Путин и Лавров
25 февруари 2022ЕУ има согласност за замрзнување на имотот на рускиот претседател Владимир Путин и на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, јави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се неименуван висок претставник на ЕУ. Во меѓувреме ваква информација доаѓа и од германската агенција ДПА, која исто така се повикува на дипломатски извори.
Освен тоа, како што вели за Ројтерс претставник на ЕУ, се работи на натамошни елементи од третиот пакет санкции против Русија поради инвазијата врз Украина.
„Дејствуваме најбрзо што можеме“, нагласува неименуваниот извор и додава дека ЕУ би можела да земе во визир и „многу други“ руски олигарси.
Непосредно пред ваквите информации од Брисел, украинскиот претседател Володимир Зеленски се жалеше на недоволна реакција од страна на Европа на руските напади врз неговата земја.
- повеќе: Колку се навистина тешки санкциите против Русија?
Портпаролот на германската влада Штефен Хебештрајт во Берлин изјави дека вонредниот самит на шефовите на држави или влади на ЕУ вчеравечер (24.02) траел долго поради тоа што се разговарало за заедничка оценка на ситуацијата околу Украина. Сѐ уште не е донесен трет пакет санкции, но договарањето може да помогне за подоцна да се делува побрзо, вели Хебештрајт. Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, изјави дека во третиот пакет санкции може да стои и исклучување на Русија од меѓународниот платен систем Свифт. Аселборн не даде повеќе детали.