Жестока осуда на Русија поради злосторства во Буча
4 април 2022Украински претставници велат дека досега биле пронајдени тела на 410 убиени цивили во и околу градот кој деновиве беше ослободен од украинските сили. Новинари на агенцијата АП тврдат дека виделе 21 тело на жртви. Една група од девет жртви, сите во цивилна облека, се пронајдени на местото каде што жителите тврдат дека се наоѓала базата на руските трупи. Сите делуваат дека се застрелани од непосредна близина. На најмалку две од жртвите, рацете им биле врзани зад грбот.
Западните и украинските претставници и претходно ја обвинуваа Русија за воени злосторства, но последните извештаи ја заострија осудата, па се слушнаа и обвинувања за геноцид.
Руското министерство за одбрана ги отфрли обвинувањата. Москва порача дека фотографиите и видеата од мртвите тела „се подметнати од режимот во Киев за западните медиуми“. Министерството тврди дека „ниту еден цивил“ не бил жртва на воени акции во Буча.
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска (4.04) оцени дека постојат „јасни докази за воени злосторства“ во Буча.
„Јас поддржувам нова рунда санкции особено во делот на јагленот и нафтата“, рече Макрон.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја опиша Русија како „тоталитарна-фашистичка држава“, додавајќи: „Крвавите масакри на руските војници го заслужуваат вистинското име: Ова е геноцид“.
Германската министерка за одбрана Кристине Ламмбрехт изјави дека извештаите за злосторствата се толку тешки, што европските претставници „ќе мораат да разговараат и за запирање на увозот на гас од Русија“.