Заблудата на мајката Лидсом
12 јули 2016Во принцип, жените во политиката, за жал, не се подобар кадар. Тие не се априори ни пофер борци во предизборната кампања. Доказ за тоа во изминативе денови даде Андреа Лидсом, кандидат за функцијата премиер на Велика Британија. Едно интервју за весникот „Тајмс“, во кое таа се истакна самата себеси како подобар шеф на владата оти била мајка на три деца, ѝ го урна планот. Мајките биле позаинтересирани за иднината отколку жените без деца, оти се грижеле за изгледите на нивното семејство, и поради тоа можеле подобро да се грижат и за земјата, рече во интервјуто Лидсом, досега државен секретар во министерството за енергија. Толку глупаво. Дебатата со денови беше ударна тема.
Популизмот поттикнува неподобни кандидати
Тоа беше перфидно, дотолку повеќе што министерот за внатрешни работи Тереза Меј непосредно пред тоа во тв-интервју, зборувајќи за себе и за својата кандидатура, раскажа дека таа и сопругот жалат што против своја волја останале без деца. Во таа рана брцна Лидсом и уште неколкупати силно пробуричка. Веќе самото тоа ја дисквалификува за високи државни функции. Не поради карактерни слабости, туку поради големата глупавост. Кога Лидсом потоа уште и побунета побара од „Тајмс“ да објави нејзин контра-став тврдејќи дека не го рекла така сето тоа, целосно ја преврши мерата. Не се влегува во костец со централниот орган на британскиот естаблишман – посебно не ако лажеш: се разбира дека новинарите сето уредно го снимиле и се разбира дека Лидсом тоа токму до збор така го кажала како што беше и објавено.
Британците можат да си честитаат дека останаа поштедени од тоа, таа жена да им биде премиер. Веќе претходно беше откриено дека биографијата на наводната банкарка од областа на инвестициите во голема мера била фалсификувана, пренадуена. Се јавија редица банкари од лондонското Сити дека никогаш дотогаш не слушнале за таа дама. Но тоа ни најмалу не им пречеше на нејзините приврзаници од таборот за Брегзит – за нив беше битно само дека Лидсом за време на кампањата страсно се бореше за излегување на В. Британија од ЕУ. Притоа беше сосем сеедно дека таа од почетоот до крајот ги лажеше Британците со доволно познати погрешни бројки и факти. Кај десните популисти е битно само верувањето. И така на површината испливуваат карактерно и интелектуално неспособни кандидати.
Таборот за Брегзит во персонален теснец
Политичките турбуленции во врска со Брегзитот, значи, однесоа уште една политичка жртва. Патем, овде Борис Џонсон постигна уште еден автогол, оти и тој гласаше за Андреа Лидсом. Можеби требаше целосно да се повлече од политиката, за да не предизвикува последици со недоволниот капацитет да просудува. Но, со заминувањето и на Лидсом таборот за Брегзит персонално е целосно потрошен: политички во аут се Џонсон и Гоув од ториевците (конзервативците – н.з.), а Најџел Фараж од УКИП ќе чека подобри времиња. Останува уште финансиерот на кампањата за напуштање на ЕУ, проблематичниот мултимилионер-инвеститор Арон Бенкс, кој прво ја подржуваше партијата УКИП, а потоа Андреа Лидсом. Тој сега размислува и лично да преземе некоја улога во политиката.
Притисок врз Тереза Меј
Министерот за внатрешни работи Тереза Меј сега ќе го наследи Дејвид Камерон на премиерската функција и без натамошно гласање, едноставно оти веќе нема противкандидати. И тоа кај една конзервативна партија чии десни претставници толку жестоко се бореа против бирократите од ЕУ оти не дошле на функциите по пат на избори?!
На Тереза Меј не треба да ѝ се завидува ни на новата функција, ниту на политичкото наследство. Но, таа барем има доволно искуство од владата за да излезе на крај со тоа. Сега Меј, која лично не го сакаше, треба да го спроведе Брегзитот, чии противници во меѓувреме веќе се формираа. На идната работна маса таа нема да најде никаков план од нејзиниот претходник за случај Б. Врз неа ќе биде вршен притисок бргу да го однесе барањето за излегување од ЕУ според член 50, за да ја ослободи ЕУ од несигурноста во однос на Брегзитот. Досега таа нема ни персонал ниту искуство за да ги води тешките преговори за излегувањето. Но, барем Велика Британија и остатокот од Европа со Меј добиваат професионален политичар, а не фанатик, и веќе самото тоа е причина за извесна благодарност.