Заев: влада до среда и укинување на екстерното
29 мај 2017Веднаш по изборот на новата влада ќе следи укинување на екстерното тестирање на учениците, најави лидерот на СДСМ, Заев откако попладнево даде исказ во Основото јавно обвинителство по кривичната пријава која неговата партија ја поднесе против четворица функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Одлуката за екстерното е итна затоа што, според одлуката на претходната влада, тоа треба да започне на 5 јуни, понеделник следната недела.
Според собранискиот Деловник, изборот на владата во парламентот треба да тече во рок од 48 часа. Мандатарот Заев се надева дека нема да биде искористено максималното време за дебата. Но, и доколку се искористат максималните рокови, изборот треба да заврши до среда на полноќ.
Први приоритети на новата влада ќе бидат подигнувањето на минималната плата во земјата и преглед на финансиската состојба во земјата. Тој рече дека веќе биле подготвени „30-ина закони кои се готови и подготвени да влезат во дебата“. Се работи за закони кои немаат буџетски импликации.