1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев за ФАЦ: Нема ЕУ и НАТО ако амнестираме политичари

БГ
11 октомври 2018

Македонскиот премиер во интервју за германскиот весник отфрла амнестија за обвинетите политичари, дури и ако го поддржат договорот со Грција во парламентот. Разговорите со опозицијата во парламентот течат, вели Заев.

https://p.dw.com/p/36M9M
Mazedonien Referendum Namensstreit Zoran Zaev
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг вели дека се надева оти во текот на оваа или следната недела ќе се постигне компромис со опозицијата во парламентот за гласањето на уставните амандмани во парламентот.

„Правиме сѐ за договор во парламентот. Нашите пратеници разговараат со опозицијата. И јас учествувам во разговорите, како и некои мои министри. Текот на разговорите ми дава надеж дека во текот на оваа или следната недела ќе постигнеме договор.

Доколку ја немав оваа надеж одамна ќе тргневме кон нови избори, затоа што немаме многу време. Доколку бираме нов парламент, тоа мора да се случи до крајот на ноември или почетокот на декември, за и Грците да имаат време да го исполнат својот дел од обврските, пред одржувањето на изборите за Европскиот парламент кај нив“, вели Заев. 

Нема амнестија

Сепак, македонскиот премиер тврди дека нема намера да прави политички пазар со гласовите на опозициските пратеници во Собранието во замена за амнестија. Заев во разговорот тврди дека „многу поранешни владини политичари се обвинети за корупција или стравуваат дека ќе бидат обвинети“ и ги „користат сите средства за да се вратат на власт“. „Тие се надеваат дека ќе ја избегнат одговорноста преку амнестија или на друг начин“, вели Заев и на следното прашање одговара дека такво нешто нема да се случи.

„Секако дека не. Доколку има амнестија од политички причини тоа веројатно би го протуркало договорот со Грција и промената на името во Собранието со гласовите на амнестираните, но со тоа ќе си ја уништиме иднината во ЕУ и НАТО. Затоа што еден од критериумите за влез во овие организации е функционалното владеење на правото. Ако почнеме да амнестираме политичари од политички причини, веднаш ќе започне уништувањето на нашата правна држава. Пораката ќе биде: За сѐ во оваа земја може да се преговара, секој може да се обиде да избега од правдата. Тоа е неприфатливо“, вели Заев.

Регионална опасност

Тој ги отфрла стравувањата дека некои нови политички сили во Македонија би можеле да изгласаат враќање на уставното име на земјата по влезот во НАТО.
„Нема да има повторно преименување затоа што Грците и во иднина ќе имаат инструменти да спречат таков чекор, за време на процесот на влез во ЕУ кој ќе трае долги години“.

За првпат во еден јавен настап, Заев предупредува и од опасноста од промена на границите на Балканот по етнички критериуми.

„Веќе одредено време кружат шпекулации дека некои балкански држави сакаат одново да ги исцртаат своите граници според етнички критериуми. За една мултиетничка земја како Македонија тоа е вознемирувачки. Сакаме да бидеме пример за тоа како се решаваат конфликти на поинаков начин“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема