1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Знаеме како избега Груевски

14 јуни 2019

Во интервју за ФАЦ, премиерот Заев за првпат открива детали од бегството на експремиерот Груевски за кои досега се шпекулираше во јавноста. Од Обвинителството не ги потврдуваат тие информации

https://p.dw.com/p/3KP6C
Transparent mit dem Bild von Nikola Gruevski
Фотографија: Hungarian Democratic Coalition

„Знаеме како Груевски избега од земјата“, тврди македонскиот премиер Зоран Заев во интервју објавено во германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Верзии за начинот на кој поранешниот премиер избегал од земјата подолг период се вртат во политичките кулоари. Покрај најчесто спомнуваната - дека домот го напуштил скриен во багажникот на возилото, сѐ почесто се вртат шпекулации дека од Македонија излегол преку див премин во близина на Дебар, со соодветна домашна и странска логистика. Наводно, подоцна биле и утврдени и телефонски контакти на Груевски со странски државјани, кои му претходеле на бегството.

Заев за ФАЦ тврди дека ја знае траекторијата на движењето на Груевски во клучните часови на бегството од земјата.
„Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило“, тврди премиерот. Додека тезата за криењето во багажникот е веќе извртена во јавноста, но не и потврдена од Обвинителството, за првпат еден носител на висока политичка функција во земјата излегува со тврдење и дека Груевски бил пречекан од унгарски дипломати уште на самата граница.

Извори од Јавното Обвинителство велат дека претпоставки има, но докази - нема.

Вечерта, кога се претпоставува дека започнало бегството, немало, односно било слабо осветлувањето на улицата каде Груевски би можел да излезе со  возилото од гаражата под неговиот дом, а такво нешто не се гледало ни на снимките од системот „Safe sity“. Исто така не бил забележан од камерите на ниту еден македонски граничен премин кон Албанија. За Обвинителството нема дилема како излегол од Албанија кон Црна Гора и понатаму до крајната дестинација - Унгарија, и во чија придружба бил. Но, се уште не е утврдено со докази како излегол од Македонија. Засега претпоставките се дека или избегал преку див премин во таканаречениот зелен појас, или на официјален граничен премин каде не бил евидентиран.

„Претпоставките се едно, доказите друго. Ние работиме врз исклучиво врз основа на докази“, децидни се од Обвинителството. 

Игнорирано предупредување

Темата за тоа како избега Груевски се актуелизира секогаш кога Груевски ќе го „уловат“ камерите на унгарските новинари, како што тоа се случи неделава - по негова наводна тајна средба со заменик државниот секретар во унгарското МНР, Иштван Јо, во стан во сопственост на двајца Кинези. Според унгарскиот портал кој ја објави снимката, станувало збор за тип на станбени објекти наменети за тајни средби, кои се користеле од државни безбедносни агенции или за спроведување на оперативни акции. Веднаш потоа Груевски беше снимен и во друштво на брод на Дунав.

Mazedonien Nikola Gruevski Ex-Premierminister
Груевски не кажува детали за своето бегство, очекува владата да ги откриеФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Запрашан како Груевски му избега на МВР, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, неделава на ТВ „24“ ја отфрли одговорноста од ресорот.

„Не му побегна Груевски на Оливер, ниту на МВР. Во оној момент кога ќе имаше налог Груевски да биде следен, да биде чуван во куќен притвор, тогаш ќе носи МВР одговорност“, рече Спасовски.

Притоа потсети дека МВР навреме испратило до соодветните институции службена белешка како индикатор за опасност од бегство на Груевски, откако тој почнал да вади кеш од банкарските сметки.

„Самиот факт дека некој бил на висока државна позиција има пристап до финансиски средства, до луѓе и до врски во светот, е една од индикациите е дека може да биде човек што ќе ја напушти државата“, рече Спасовски.

За резултатите од истрагата најави дека „кога ќе има доволно информации што ќе потврдат за начинот на кој се случило бегството, тогаш со сознанијата ќе излезе Јавното обвинителство што ја води истрагата“.

Минатиот септември, пред да ги испразни неговите банкарски сметки, Груевски со писмо на повеќе од 20  страници се обратил до повеќе амбасади на земји-членки на ЕУ во Скопје, во кое ги информирал дека три години е цел на прогон од СЈО, од потоа и од страна Кривичниот суд.  Побарал средби со нив, дел се реализирале, дел не.

Обезбеден со камери?

Во изминатиот период од МВР доаѓаа тврдења дека има индиции кои луѓе му биле логистика и му помогнале на Груевски да избега. Во јавноста се множеа и сомневања дека власта му помогнала да избега. Груевски во интервју за ТВ „Сител“ во февруари годинава тоа го демантираше, но одби да каже како ја напуштил Македонија.

„Од Македонија заминав многу едноставно, заминав во Албанија, се пријавив во тамошната унгарска амбасада, побарав политички азил. Заради безбедносни причини, како поранешен долгогодишен премиер, бев транспортиран до Унгарија. Откако заминав во Албанија, се движев со мојата лична карта“ рече Груевски.

На прашањето дали поминал на легален или див премин, Груевски рече: „Ова ќе го оставам за актуелната Влада, бидејќи најавија дека отвориле истрага и дека ќе откриеле се“.

Покрај начинот на кој избегал, има шпекулации и за престојувалиштето на Груевски во Будимпешта. Иако неколку пати тој беше уловен во центарот на градот и во познат хотелски бренд, според непотврдени информации тој наводно престојувал во речиси непознат хотел, но обебеден со многу камери, што се толкувало како главен мотив за неговиот избор на тој објект.